Нашите сограѓани во услови на пандемија најмногу купуваат брашно и цитруси

„Во овој период на пандемија забележав дека нашите сограѓани купуваат најмногу брашно кое веројатно им дава некаква сигурност дека во случај на влошување на состојбата ќе имаат леб, како и цитруси со кои работат на подобрување на имунитетот. Препорачувам да се купуваат спакувани производи, а свежото овошје и зеленчук темелно да се измијат“, порачува нашиот соговорник Бодан Ѓорговски, технолог за квалитет и безбедност на храна.

0
1701

Како технолог за квалитет и безбедност на храна, во рамките на своите работни обврски, нашиот соговорник Бодан Ѓорговски има посетено голем број на фабрики и производствени погони и тврди дека македонските производители имаат добри капацитети, услови и ресурси за производство на квалитетна и безбедна храна.

„Поголемите производители на храна поседуваат посовремена опрема, просторот за грешка во производството од човечки фактор е сведен на минимум бидејќи поголемиот дел од процесите се машински.

Што се однесува до малите производители, запознаен сум со мисијата и визијата на Слоу фуд движењето во Македонија и нивното мото за добра, чиста и правична храна. Мислам дека е одлично градењето на гастрономска култура која е инспирирана од локалните производители. Тоа е добро за промоција на македонскиот производ како во Македонија, така и вон нашите граници.

Инаку, мојата професија опфаќа следење на процесите за безбедност и квалитет на храната кои се заведени во ХАЦЦП и ИСО стандардите. Одговорноста е голема бидејќи технологот стои зад квалитетот, безбедното чување на суровините, безбеден процес на припрема, соодветен начин на пакување и соодветен транспорт на храната, како и анализа на целиот работен процес.

Моја обврска е да бидам совеста во функционирањето на една компанија и со тоа да ги спречам можните последици од пуштање во оптек на храна со лош квалитет која не е безбедна за консумирање“, објаснува Ѓорговски.

Лично, тој најчесто е консумент на македонски производи и истото им го препорачува и на останатите бидејќи освен што се безбедни, во дадената ситуација се и особено пожелни заради заштита на нашата економија која ќе претрпи големи штети од целата ситуација.

Во период на пандемијата со Ковид 19, Ѓорговски препорачува да се консумира храна која е добро спакувана во вакум или во  стерилизирано и пастеризирано пакување, а свежото овошје и зеленчук пред консумација темелно да се измие.

„Според она што овој период на пандемија го следев најголем избор на потрошувачите беа брашното и цитрусното овошје. Веројатно брашното на нашите сограѓани им дава некакво чувство на сигурност, дека во случај на ескалација на состојбата, ќе имаат леб. А овошјето го купуваат, се разбира, за подобрување на имунитетот. Она ‘хистерично’ купување на тоалетна хартија кое можевме да го видиме во некои вести од светот, искрено, не го разбирам. Можеби се должи на стравот дека светските залихи на тоалетна хартија ќе се потрошат“, се смее Ѓорговски.

Приватно, нашиот соговорник е и татко на двегодишни близнаци. Вели дека тој и неговата сопруга се трудат децата секојдневно да имаат домашно подготвен избалансиран оброк од месо и зеленчук, и секако, да консумираат свежо овошје, но признава и дека не ги лишуваат и од некои ситни солени или слатки дребулии кои ги обожуваат сите деца.

„Ги имаат пробано сите вкусови на храна и бидејќи и како технолог за храна и двајцата со сопругата, како родители, не сме им забраниле одреден тип на храна, кај нив нема знаци на стрвност или не дај Боже, зависност од нездрава храна.

Внимаваме храната за нив секогаш да е свежа, приготвена истиот ден.

Знам дека некои градинки имаат сопствена кујна, а во некои храната се доставува и сметам дека е побезбедно кога градинките ја приготвуваат храната во сопствена кујна затоа што на тој начин го избегнуваат транспортот и имаат посвежа храна.

Ни се случува повремено, кога не стасуваме сами да си ја приготвиме храната да купиме оброк од маркетите. Имам потполна доверба во оваа храна затоа што знам дека се готви секојдневно и дека е свежа.

Во однос на купечките детски кашички, сметам дека се практични во услови кога децата треба да се нахранат надвор од домот, но никогаш квалитетот не би го споредил со оној на домашните“, вели нашиот соговорник.

Инаку, тој досега бил ангажиран како технолог во неколку пекарски индустрии во државава, меѓу кои е и Жито Лукс, а моментално е ангажиран како технолог во угостителството, во кетеринг компанија.