Најдобрите македонски готвачи го подготвија милениумското мени во Бигорски по манастирските правила

По петочната литургија, вдахновени од атмосферата во центарот на нашата духовност, Бигорскиот манастир, шест македонски готвачи го направија вкусното славеничко мени за прославата на илјадалетието на Бигорски, скромно и послушно почитувајќи ги инструкциите на манастирскиот готвач, отец Захариј

0
1692

Зоран Мајновски, Бобан Симоновски, Никола Мишковски, Зоран Андонов, Дејан Карапеев и нивната колешка Маре Јаневска, изминатиов викенд беа дел од еден редок историски и цивилизациски настан, од одбележувањето на оваа величествена годишнина – илјадалетието на манастирот Св.Јован Бигорски.

Иако секогаш вешти и величенствени, се чини дека овојпат, дополнително инспирирани, вдахновени од Бигорската убавина, можеби и под влијанието на Бигорската чудотворна икона на Крстителот и на моштите на бројни светители, овие врвни мајстори направија едно вистинско вкусно чудо, свечена трпеза богата со традиција, но и во склад со новите гастрономски трендови.

 

Велат дека присуствувале на петочната литургија, па вдахновено и со елан, но и скромно и послушно, и во согласност со манастирските правила и инструкциите на готвачот на манастирот, отец Захариј, следниот ден ја подготвиле оваа вкусна и величенствена трпеза.

Имено, манастирската трпеза (ручекот и вечерата), иако има некаква формалност, во секојдневјето е сепак скромна, а монасите никогаш не јадат месо, па за него нема место ниту на славеничката трпеза.

Сепак, со оглед на поводот, свеченоста, но и гостољубивоста на свештеното бигорско семејство, празничното мени, велат овие големи мајстори на својот занает, било богато, во духот на традицијата и вкусот на македонската кујна. Главно, јадењата се превеле со продукти кои монасите и монахињите сами ги произведуваат.

Салати, мешавина од сезонски артикли и зеленчуци, пити, питулици и манастирски леб, домашен ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, пиперки полнети со кајмак, чорба од тиква со кисело млеко, печена риба, но и кромидарник со чаден крап во глинено грне.

И за крај, посен десерт, повторно во духот на традицијата, варена тиква со мед и со ореви.