Непрскани производи, локални производители, по некое рецептче и вкус на вистински домати и цреши

Првиот пазар на органски производи кој ќе се одржи на 19. јуни во Јавна соба, а потоа и следните две саботи по ред, ќе биде можност децата и помладите кои немале таква прилика досега, да го вкусат вистинскиот вкус на црешите какви што ние, од постарите генерации, ’крадевме‘ по маалските дворови

0
366

„Честопати мислиме дека се храниме здраво затоа што купуваме т.н.здрави производи, а всушност купуваме производи кои ниту знаеме од каде доаѓаат, ниту кој и на какво земјиште ги произведува, ниту со каква вода се наводнуваат. Она што ќе имаме можност да го пробаме на првиот пазар на органски намирници, оваа сабота (19 јуни), но и двете последователни саботи, на зелената тераса во Јавна соба, ќе биде т.н. храна со лице, односно, храна зад која стои приказната на нејзините производители, луѓе од нашето опкружување кои ја произведуваат онака, со љубов, како за себе и за своите блиски и во ограничени количини“, најави Иво Бару, ко-сопственик на првата задруга за органска храна „Добра земја“.
Токму тоа е концептот на „Добра земја“ кој подразбира директен контакт со секој производител и на тој начин намалување на ланецот на чинители во процесот на дистрибуција на храната.

Замислете пазар на кој имате можност да купите свежи органски домати, пиперки, краставици, рукола, врвен органски јаболков оцет, маџун и кашкавал, да дегустирате превкусна храна и органско вино од мали семејни винарии за кои никогаш не сте ни чуле, а сето тоа да биде зачинето со добра музика, пријатна атмосфера и мини игротека за деца.

Токму тоа ќе се случува на овој настан во три продолженија кои ќе го овозможи „Јавна соба“ во соработка со „Добра земја“, која ги претставува органските производители во Македонија и Бакалница.мк, компанија која застапува производители на месни и млечни производи.

Сите овие вкусови од Македонија ќе бидат поблизу до пошироката јавноста со цел да се разбие стигмата дека органското е скапо, неубаво на изглед и тешко достапно, кај нас. Напротив, производителите на свежи и преработени органски производи во изминатите години прогресираа рапидно благодарение на повисоката свест кај сè поголем број свесни луѓе кои разбраа дека конвенционалната храна содржи во себе огромен број на пестициди.

Факт е дека многу деца во Скопје сè уште немаат пробано вистинско непрскано јаболко или домат, кои на изглед ја немаат формата и сјајот како оние кои се десетина пати поминати со најразлични препарати, но по вкус и по хранливост, се незаменливи.

„Меѓу другото, потребата од поголема афирмација и застапеност на пазарот на малите македонски производители е мотивација за нас како организатори да помогнеме секој еден органски продукт полесно го најде местото до трпезите во цела Македонија и пошироко“, велат организаторите.

Покрај постоечката продавница во Скопје, Добра земја најавуваат и отворање на интернет продавница, shop.dobrazemja.mk, прва е-продавница за локални исклучиво органски производи од врвен квалитет, секогаш свежи и сезонски, доставени до вашиот дом.

Тука е и Владимир Куновски од бакалница.мк, е-продавница која функционира на принципот „Од луѓе за луѓе“, каде што на едно место можете да најдете млечни и месни производи, вина и деликатеси произведени на традиционален начин во домашни услови од мали домашни производители.

Сето ова сега на едно место ќе го имаме на пазар.орг.

„И не го барајте на интернет, бидејќи орг, во случајов, е само скратеница за органски, а не и веб-страница“, порача Александар Велиновски од Јавна соба, најавувајќи го саботниот настан како место каде што ќе има непрскани производи, дегустации, музика, но и можност да се запознаеме со оние од чии раце доаѓаат овие производи, а и дегустираме некое рецептче на врвните шефови.