Не им верувајте на големите букви…Екстра девствено маслиново за 200 денари?!

Што мислите, што се крие зад, односно под овие големи букви? И следниот пат кога ќе одите на пазарење, земете си лупа или барем очила за близу

0
1216

Ако случајно наидете на екстра девствено маслиново масло со неверојатно ниска цена како за екстра девствено маслиново масло, не ѝ верувајте на големата етикета која прва ќе ви падне во очи.

Зошто? Затоа што ако се загледате малку подобро, ќе забележите дека под ова ЕXTRA VIRGIN OLIVE OIL пишува уште нешто – blended with sunflower oil (помешано со сончогледово масло), а ако се загледате уште малку, односно, кога ќе сфатите дека ова баш и не е маслиново масло и ако баш запнете да најдете колкав е соодносот на сончогледовото и маслиновото масло во ова „екстра вирџин маслиново масло“, ќе видите уште поситни букви: Ingredients: 80% Sunflower Oil – 20% Extra Virgin Olive Oil (Состојки: 80% Сончогледово Масло – 20% Маслиново Масло). И веднаш ќе ви стане јасно зошто е цената таква каква што е.

Арно ама, иако цената од околу 200 денари е сомнително ниска, не верувам дека многумина ќе ги забележат овие дребулии, па среќни дека си нашле евтино, а здраво масло по поволна цена ќе си заминат дома со „мачка во вреќа“. И можеби никогаш нема ни да дознаат дека го преплатиле ова шише – речиси чисто сончогледово масло кое инаку чини околу 70-80 денари.

И? Што мислите вие? Би ве излажала ли и вас оваа етикета?