Не само што ги хранат тие што немаат, во Урбан бургер бар ги слушаат и нивните маки

„Ова што го правиме не е за да се пишува и да се зборува за нас, туку за да се подигне свеста и кај другите луѓе кои можеби можат да им помогнат на посиромашните од нив. Ова е резултат на нашиот порив да им помогнеме на оние на кои најголемата желба им е парче леб и некој да ја сослуша нивната мака“, вели Васил Неделковски кој заедно со сопругата Благородна, веќе со години им помагаат на оние на кои гладот им е секојдневен придружник

0
374

Васил и Благородна Неделковски се благородни луѓе. Веќе 4 години го градат брендот „Урбан бургер бар“, па иако кога се зборува за нив би требало да се зборува за нивните сендвичи и останатото мени, ние многу повеќе внимание му посветуваме на хуманиот аспект од нивната работа.

Имено, тие веќе со години го практикуваат принципот да му помогнат на секој кој страда за леб, а некому за кој ќе проценат дека може, да му понудат можност и да си го заработи, но исто така се дел и од повеќе хуманитарни акции за делење на бесплатни оброци.

Васил работел 18 години во Армија, но како што е вообичаено во многу македонски приказни, добил отказ при смената на власта. Не обвинува никого за ова и, како што вели, си продолжил со животот во друга насока. Со сопругата го отвориле Урбан бургер бар, најпрвин на „Рузвелтова“, а од пред 7 месеци се на нова локација во Влае.

Со понудата за бесплатна храна за социјално загрозените категории луѓе почнале одамна и на старата локација со тоа што пред неколку години воочи Божиќ, Васил реши да ја стави понудата и на табла пред локалот за да можат да ја видат сите.

„Многу луѓе немаат пари за леб. Сум видел многу луѓе и сум слушнал многу приказни, па понекогаш со сопругата си велиме, можеби требаше психолози да станеме“, се шегува Васил и додава дека кога би ги собрал сите тие приказни во една книга, таа би била бестселер.

Тие прво почнале да носат храна во народната кујна во црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, а потоа решиле да почнат да делат бесплатни сендвичи и во сендвичарата.

„Нема посебна причина за ова, едноставно е, немаат луѓето за јадење, па од 30 луѓе што ќе ги видите на улица, 10 се без денар во џебот. И претходно се случуваше да влегуваат луѓе да ни бараат нешто за јадење или пари, а откако ја ставивме таблата, почнаа да влегуваат повеќе. Некои од нив срамежливо ќе прашаат дали навистина даваме бесплатна храна, а кога ќе им одговориме потврдно и ќе им ја подадеме, ќе се насмеат, ќе ја земат, ќе се заблагодарат и ќе си излезат. Ама има и такви кои злоупотребуваат. Веднаш се познава човек што навистина нема и човек што сака да те искористи“, вели Васил.

Во сендвичарата доаѓаат по 10-15 луѓе на ден кои имаат потреба од бесплатен оброк, но тој им бара и потврда дека се социјални случаи затоа што, како што вели, има секакви луѓе. На пример, утрово пред да дојдеме ние, влегол маж, кој изгледал како него, млад, здрав, прав и од врата му рекол: „Здраво ‘лепи’, си давал храна без пари? Мене благо ми се сони“.

Васил му дал благо и го испратил да си извади документ дека е социјално загрозено лице затоа што, како што вели, без тоа не примаат никого ниту во народната кујна, па ако мисли да доаѓа секој ден, ќе мора да влезе во системот.

„Има секакви луѓе. Не сакам да хранам луѓе кои можат да си го заработат јадењето. Детето што ни работи тука како доставувач вози по секакво време, на жешко и на ладно и зема 700-800 денари дневница, не може некој што бара од еден од друг по 100 денари без работа да заработува повеќе од него. Еднаш ѝ носевме секојдневно бесплатни сендвичи дури на домашна адреса, иако обично не вршиме достава, на една наводно самохрана мајка со пет деца, за која имаше објавено повик да ѝ се помогне на социјалните мрежи, за потоа да ми каже доставувачот дека го пречекува пијана, а дома често има и полна куќа гости. Пред некој ден дојде една жена која ни побара сендвич затоа што имала болен син, а потоа побара и да му доделиме награда за наградните игри што постојано ги правиме и ги наградуваме добитниците со даска со мезиња. Има и луѓе, а тоа се најчесто токму оние на кои најмногу им треба помош, кои се срамат и да изустат дека дошле по бесплатен оброк. Најчесто се тоа жени, кои ги услужуваме и правиме сѐ за да не им биде непријатно. Скоро дојде и една девојка на 25-26 години. Се гледаше дека ѝ е непријатно па на крај ни кажа дека не јадела 7 дена, дека имала дома проблеми, па нема каде да оди и со денови е на улица. Ја седнавме, ја најадовме, се опушти и си ја отвори душата. Секако, ние ѝ се понудивме да доаѓа секој ден на оброк, но ја посоветувавме да побара и помош од институциите затоа што јадењето нема да ѝ го реши проблемот. Дојде и следниот ден, а потоа се изгуби, не знаеме што се случи со неа“, ни раскажа Васил.

Иако се соочуваат и со многу тажни приказни, често се соочуваат и со луѓе кои едноставно не сакаат да работат, а имаат и по некоја смешна приказна од блиската раскрсница на која постојано питачат две ромчиња. Тие постојано доаѓаат кај Давид, кој е вработен во сендвичарата како доставувач, му бараат вода за пиење, а неодамна и го честеле сок од продавница. Му се пофалиле дека во прва смена заработиле 2.000 денари, а во втора – 1.500. Во меѓусмена биле на училиште.

Васил вели дека не ги двојат луѓето ниту по националност ниту по вероисповед, па носеле храна и во прифатни центри за Роми и во прифатниот центар на Црвен крст, а за муслиманските празници организирале акција и со хуманитарната организација на Горанците во Македонија.

Од тие причини, но и затоа што тоа е најздраво, за плескавиците во Урбан бургер трошат само говедско месо и во нив нема ниту соја, ниту какви и да е други додатоци. „Ако размислите, ниту брзата храна како нашата не е лоша, ниту нездрава ако ја правите со квалитетни состојки, а подобри од чисто говедско месо и свежи салати, нема“, вели Васил. Нему не му се случува никогаш да фрли храна затоа што внимаваат и прават колку што отприлика мислат дека ќе треба, а ако некогаш и се случи да остане нешто, не го продаваат следниот ден, туку си го делат со вработените и сите си одат дома со сендвичи.

„Ние не сме многу моќни, дневно тука правиме во просек по 100 сендвичи, па не можеме да се расплинуваме многу, колку можеме ќе помагаме на овој начин, додека можеме. Имало случаи кога луѓе се нуделе да ни купат сендвичи, а ние да ги направиме и да ги поделиме или да ни уплатат пари на сметка или да платат еден повеќе, па да му го дадеме ние некому кој не може да плати, ама јас не се чувствувам пријатно така. Им велам, ако сакате дојдете, ќе ви направиме, а вие поделете ги сами. Гладни луѓе има на секој чекор, на секоја раскрсница. Јас не можам да преземам таква одговорност. Не би направил никогаш така, но од каде ќе знаат тие луѓе дека јас навистина ги делам тие сендвичи и дека тие стасуваат кај оние на кои им се потребни. Вака сум барем мирен, на колку луѓе ќе помогнам, на толку, тоа е од нас, а не сме вратиле никого досега“, завршува Васил.