Новитети: Безглутенска пица со оризово брашно и пица – ‘Смисли ја сам’

Една од првите пицерии во градот, онаа со најпрепознатливо име, Занзибар, после 29 години стаса дури до Тафталиџе и како новитет ја понуди својата безглутенска пица, но и наједноставното решение за сите кои сакаат Маргарита, ама со малку печурки, или пак Капричиоза, ама со пршут... Ја понудија пицата - 'Смисли ја сам'

0
408
Пицерија ‘Занзибар’ е една од првите пицерии во Скопје. Со неколку промени на локации функционира веќе 29 години!
„Од времето кога Кљусев ги извади МКД боновите до денес, ги поминавме сите потреси со инфлации, економски кризи, бугарски кашкавали, маринирани печурки, недостаток на брашно, туна, табаско, рокфорд… фалс виски, мешано еспресо…нови даноци…драконски казни…сурови ЕВН наплатувачи, елаборати, дозволи, модерни педантни извршители,…и уште многу многу други бариери…цели планини!
Сето тоа истрчано со помош на персоналот, низ овие години, повеќе од 300 млади и вредни девојки и момци. Целта, направени илјадници … ИЛЈАДНИЦИ пици за Вас, љубителите на добрата пица.“
Заврши епизодата во Градскиот парк. Заврши и онаа во Т.Ц. Палома Бјанка. Сега стасавме дури до Тафталиџе и сме веднаш до Бифе Тафталиџе. Близу сме и до нашиот дом па за првпат во животот на работа одам пешки. А така и се враќам“, вели Ѓорѓи Кипровски или како што го знаат повеќето, Џорџ Занзибар.
Неодамна тој со своите двајца синови и вредни наследници Стефан и Филип решија да дојдат во овој дел од градот и да функционираат на еден поинаков начин – тие само прават и испорачуваат, а пиците и останатите ‘гастро магии’ од нивната кујна се јадат кај соседите, во Бифе Тафталиџе.
И секако, за да не бидат како оние кои за да испливаат од мноштвото, почнаа да прават и пици со чоколади и бонбони, тие го направија наједноставното – ја смислија најинвентивната пица во градот и пошироко, пицата ‘Смисли ја сам!’
Ова е и најлогичното решение за сите кои сакаат пица Маргарита, ама со малку печурки, или пак сакаат ‘најобична’ Капричиоза, ама со пршут… Епа сите тие сега можат сами да си ја смислат својата пица која ќе им биде направена токму по нивните инструкции. А за оние кои сакаат се да зачинат со малку свежо зеленило, на дофат се и саксиите со свеж босилек.
И Џорџ не би бил Џорџ Занзибар ако не ги следи внимателно и трендовите и потребите на луѓето. Така ја направил и својата понуда за сите оние кои се алергични на глутен или пак сакаат така да се хранат. На нивното мени е сега и безглутенската пица со оризово брашно.
„Нема тука голема филозофија, наместо со обично брашно, го правиме тестото за овие безглутенски пици со брашно од ориз и секако, за оние кои се плашат дека може да содржи траги од глутен од претходните теста – не се секирајте, имаме посебна површина на која ги месиме безглутенските теста“, објаснува Џорџ кој веќе добивал вакви загрижени прашања од некои купувачи.
А брашното од ориз, вели тој, е само малку потешко за работа, но ништо страшно. „Важно е да има избор за сите. И да биде вкусно, се разбира“, се смее Џорџ!
И само да ви кажам, нивната брза храна сепак треба да се јаде полека, со уживање, а пиците и сите други марифетлуци се вкусни дури и кога се ладни.