Нудли: Да или Нe?!

Во пакувањето инстант нудли на кое треба да му се додаде само вода, немате ништо друго освен јаглехидрати и сол. Во зависност од конкретниот производ што сте го купиле, една порција може да содржи 1.150 мг натриум (или повеќе). Консумирањето премногу сол може да го зголеми ризикот на лицето од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочен удар

0
388

Инстант нудлите се евтини, вкусни и ви овозможуваат за кратко време да уживате во топол оброк. (Иако да се наречат „оброк“ е веројатно премногу великодушен збор.) Особено се згодни за студенти кои живеат сами или во студентски дом, но и за средношколци, млади и други кои не сакаат да поминуваат многу време во кујна. Ова го наметнува прашањето: дали нудлите се воопшто здрави за вас? И што би се случило ако ги јадете цело време, да речеме шест или дури седум пати неделно, што е случај со голем број млади? Аби Шарп, нутриционистка од Торонто и авторка на книгата Mindful Glow Cookbook, вели:

„Во пакувањето инстант нудли на кое треба да му се додаде само вода, немате ништо друго освен јаглехидрати и сол.

Истото важи и за оние тули од нудли на кои им треба неколку минути готвење.

Шарп вели дека нудлите имаат малку или воопшто не содржат растителни влакна или протеини, кои се двете основни компоненти на храната што прави човекот да се чувствува сито после оброкот. Значи, малку е веројатно дека нудлите ќе ве заситат многу долго, вели таа.

„Тие исто така имаат многу малку микронутриенти, така што не придонесуваат за ништо значајно во однос на корисни витамини или антиоксиданти.

Да речеме дека сте гладни и одлучете да излапате две порции од тие тестенини во чаши од стиропор. Во зависност од конкретниот производ што сте го купиле, една порција може да содржи 1.150 милиграми натриум (или повеќе). „Многу е“, вели Џим Вајт, регистриран диететичар-нутриционист и сопственик на фитнес студио.

Вајт истакнува дека насоките на САД за исхрана на Американците препорачуваат возрасните да не консумираат повеќе од 2.300 милиграми натриум на ден. Две порции нудли во чаша веќе го достигнуваат тој лимит – не вклучувајќи ги тука другите оброци, како пица, брза храна и друга џанк храна полна со натриум што обично ја јадат помладите.

Консумирањето премногу сол може да го зголеми ризикот на лицето од висок крвен притисок, срцеви заболувања и мозочен удар на подолг рок. Но, на краток рок, апсорпцијата на толку многу натриум веројатно ќе доведе до сериозно задржување на водата, вели Вајт. Тоа може да доведе до зголемување на телесната тежина и чувство на надуеност, бавност и летаргија.

Целиот тој натриум исто така би довел до дехидратација, особено ако некој ги залие нудлите со пола гајба пиво или неколку вотка-редбули. Дехидратацијата може да доведе до слаба физичка и когнитивна функција, вклучително и проблеми со меморијата и одржувањето на вниманието – што не е идеално ако станува збор за студент на кој му се приближува испитната сесија. Исто така, може да предизвика главоболка и запек, според истражувањето на Универзитетот во Северна Каролина. Вајт додава:

„Инстант нудлите содржат и MSG и TBHQ, што може да доведе до некои несакани нуспојави.

MSG (или мононатриев глумат) е несуштинска аминокиселина која на нудлите им дава задоволителен вкус богат со умами. Иако ФДА го смета MSG за безбеден, некои луѓе се жалат дека чувствуваат гадење, главоболки или на друг начин се чувствуваат лошо кога го јадат. TBHQ исто така се смета за безбеден, иако во големи дози е поврзан со мозочен токсицитет и некои други здравствени проблеми.

Големи дози на обработени јаглехидрати во тестенините, што значи јаглехидрати без влакна, исто така не се многу идеални, вели Шарп. Таа објаснува:

„Сакате барем половина од јаглехидратите што ги јадете да доаѓаат од сложени целосни извори без отстранети влакна.

Некои студии го поврзуваат високиот внес на преработени јаглени хидрати со масовното гоење и појавата на дијабетес тип 2 во САД. Ништо од ова не сугерира дека нудлите се тотална џанк храна; затоа што не се. Вајт истакнува дека нудлите содржат некои микроелементи, поточно рибофлавин и тиамин. Тие исто така содржат многу малку шеќер, што е уште еден голем плус.

Повеќето експерти за исхрана не препорачуваат што било да се јаде премногу често, освен можеби лиснат зелен зеленчук. Дури и здравата храна може да биде помалку здрава ако се јаде цело време и на штета на други добри работи, вели Вајт. „Сè во умерени количини“, е дефинитивно нешто што се однесува и на храната.

Инстант нудлите не се најлошата можна работа за вас во светот. Но, ако ги јадете секоја вечер, веројатно ќе се здебелите, следното утро ќе се чувствувате летаргично и млитаво, па дури може да имате проблеми со расположението и концентрацијата. Особено ако остатокот од вашата исхрана не е добар, односно, ако јадете брза храна за појадок и пица за ручек, инстант нудлите не се најдобриот начин да го завршите денот. Шарп вели:

„Јас ги третирам инстант нудлите исто како и колачите. Ако ги сакате, не си ги ускратувајте, но гледајте на нив како на задоволство, а не како на оброк, па дури ни како на задоволувачка ужинка“.

Фото: Unsplash