Оброкот после целодневниот пост за Рамазан почнува со урми и млеко

Колку знаеме за обичаите на Муслиманите за време на нивниот свет месец Рамазан? Кaква храна подготвуваат за Рамазанскиот пост, поточно за двата оброка што може да се конзумираат за време на постот: наутро (сехар) и навечер (ифтар)?

0
424

Муслиманите ширум светот постат за време на светиот месец Рамазан кој отпочна на 23.април и ќе трае до 23.мај. За муслиманите, постот е целосно откажување од храна, пијалок, пушење и физичко задоволство, но и од недоличен говор и однесување. За време на постот Рамазан, може да се конзумираат два оброка: наутро (сехар) и навечер (ифтар).

Но дали ние знаеме што јадат нашите сограѓани со муслиманска вероисповед за време на рамазанските пости.

Што советуваат нутриционистите да се јаде за ифтар, а што за сехар?

После долг ден на постење, паметно е оброкот да почне со лесно и здраво јадење, како што се урмите. Тие содржат висок процент на едноставни шеќери кои можат лесно и брзо да се апсорбираат во организмот, што му дава моментален енергетски поттик и го враќа нормалното ниво на шеќер во крвта после долгиот ден на постење.

Исто така, урмите ја обезбедуваат енергијата потребна за варење, асимилација и апсорпција, па така ја спречуваат тромоста што често се чувствува после ифтар. Овој обичај сè уште се практикува и во многу арапски земји, во кои муслиманите го прекинуваат постот со урми потопени во млеко.

Оваа комбинација на урми и млеко е многу здрава. Освен со магнезиум, калиум и фосфор урмите се богати со витамини А и Б. Покрај едноставните, лесно сварливи шеќери, тие исто така содржат влакна, кои го олеснуваат запекот, помагаат во намалување на нивото на холестерол во крвта, делуваат против рак на дебелото црево и брзо ви даваат чувство на ситост. Млекото е богато со протеини, калциум, витамин Б2 и витамини растворливи во масти. Високиот гликемиски индекс на урмите се редуцира со млекото. Масната природа на млекото ја забавува апсорпцијата на шеќери од урмите и така ја превенира ненадејната навала на инсулин.

Неколку совети во врска со ифтарот

Започнете го ифтарот со чинија супа, по можност домашна, без маснотии, и ако планирате да јадете месо за време на оброкот, тогаш не додавајте месо во супата. Еве и неколку предлози:

Супите од зеленчук се многу хранливи, богати со витамини, растителни влакна и фитонутриенти. Може да се додаде било кој зеленчук што го сакате. Исто така, може да се направи супата да биде густа – крем супа или да се остават парченцата зеленчук цели, а супата бистра.

Супи од леќа или грав (како што е харира – мароканска традиционална супа) се богати со протеини, минерали, витамини и растителни влакна. Тие исто така многу заситуваат, такашто ако сте внимателни во однос на телесната тежина, тие се добра замена за поголема количина храна што инаку би ја консумирале.

Супите од печурки се исто така добар избор; тие се здрави, хранливи и, пред сè, вкусни.

Супата од домати пак има високо ниво на антиканцерогени фитонутриенти кои ја прават исклучително хранлив оброк.

Јадете многу свежа салата, таа е и здрава и заситува, но избегнувајте веќе подготвени преливи. Можете да направите свој прелив со маслиново масло, јаболков оцет, мајчина душица, босилек и оригано. Ставете многу зелени лисја во својата салата; колку е потемна зелената боја, толку повеќе хранливи материи содржат. Зелените лисја содржат витамин Ц, фолна киселина (есенцијални Б витамини), бета-каротени и многу растителни влакна кои му помагаат на дебелото црево при детоксикација и чистење.

Избегнувајте мрсна и пржена храна колку што е можно повеќе. Пржењето на храната создава неприродни масти кои се нарекуваат трансмасни киселини за кои е утврдено дека предизвикуваат бројни нарушувања во работата на срцето и крвотокот. Исто така, пржењето јаглехидрати на високи температури создава токсичен нуспроизвод акролин, за кој се верува дека има канцерогено дејство. Згора на тоа, тука е и фактот дека маснотиите дебелеат.

Не јадете многу месо. Консумирањето премногу месо, најбогатиот извор на протеини, резултира со симптоми на гихт во зглобовите. Покрај тоа, месото содржи значителни количини на маснотии и холестерол.

Обидете се да ги замените калоричните десерти со свежо или суво овошје. Постои здрав традиционален египетски десерт кој се прави со ставање суво овошје (кајсии, сливи, смокви и суво грозје) во малку вода, доволно за да ги покрие, се оставаат 8-12 часа, а потоа на врвот се ставаат цели ореви и се послужува.

Пијте многу течности: свежи сокови без шеќер, билни чаеви, млеко и матеница. Сепак, ова не ја задоволува целосно потребата на организмот за вода. Пијте вода колку што можете, најмалку 1,5 литар секоја вечер.

Не треба да спиете по ифтарската вечера. Треба да се биде активен и барем неколку минути да се прошета за да му се помогне на организмот да ја свари храната.

Кои се првите симптоми на детоксикацијата?

Треба да се има на ум дека ако се пости редовно (без прејадување), може да се почувствуваат некои природни симптоми на детоксикација, бидејќи токсините полека се ослободуваат од телото, особено во првите неколку дена. Овие симптоми можат да бидат замор, главоболка или пак лош здив во устата. Сепак, не треба да се грижите, ова се природни симптоми кои наскоро ќе исчезнат (сè додека се земаат доволно течности).

Што да се јаде за сехур?

Станува збор за утринскиот оброк (сехур), пред да се почне постот. Тоа значи, треба да се стане пред зори барем за да се испие чаша вода или чаша млеко. Најдобрата храна за сехур е леб и сирење (сирење со малку маснотии – рикота, е добар избор) или матеница. Можете исто така да изедете малку салата, свеж зеленчук, суво овошје, неколку банани или малку јогурт.

Едно од основните правила важи и тука: не треба да се претерува.

Фото: Pixabey