Овошјето и зеленчукот се сè посиромашни со витамини и минерали

Кога готвите зеленчук не треба да го сечкате на многу мали парчиња затоа што со изложеност на воздух и температура се губат хранливи материи.

0
109

Универзалната препорака за што поквалитетна исхрана со изобилство од нутриенти гласи: јадете што повеќе овошје и зеленчук. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека 50 години наназад овошјето и зеленчукот губат од своето нутритивно богатство. Феноменот на губење на нутриенти во моментов го истражуваат неколку групи научници.

Засега, за најуверлива причина за овој негативен тренд се смета масовното одгледување. Пренатрупаноста на обработливото земјиште со земјоделски култури неизбежно доведува до помала содржина на хранливи материи во овошјето и зеленчукот, а резултатите од истражувањето покажуваат дека ова намалување може да варира помеѓу 5 и 40%. Ова најмногу се однесува на витамините, минералите и протеините.

Земјоделството кое има за цел максимален принос на одреден простор е причина за опаѓање на хранливите материи во храната, но не е единствена. Одгледувањето храна на едно подрачје долга низа години може во голема мера да ја исцрпи површината. Поради тоа и храната што се одгледува на осиромашената почва е посиромашна со хранливи материи.

Како да искористите најмногу хранливи материи од овошјето и зеленчукот?

Бидејќи храната денес е посиромашна со хранливи материи, за да ги задоволиме сите потреби на организмот, мора да се трудиме да извлечеме максимум од нашите намирници. Можеме да го направиме ова во неколку чекори.

Би било идеално да се купи локално одгледувана храна што не поминува долг пат од полето до масата. Имено, во транспортот и со самото стоење, овошјето и зеленчукот ги губат витамините и минералите.

Замрзнувањето е одличен метод за чување на храната. Храната што се замрзнува на врвот на зрелоста и веднаш по берењето може да има поголем дел од витамини и минерали во споредба со свежата храна што се чува во фрижидер неколку дена.

Инстинктивно при купувањето избираме големи и сјајни плодови со правилни облици. Меѓутоа, овошјето и зеленчукот со помали димензии може да бидат многу нутриционистички вредни. На пример, органското овошје и зеленчук се обично со помала големина во споредба со конвенционално одгледаната храна. Но, знаеме дека органски одгледуваната храна содржи помалку пестициди или воопшто ги нема.

При готвењето зеленчукот не би требало да се сечка на многу мали парчиња затоа што со изложеност на воздух и температура се губат нутриентите. Поголемите парчиња зеленчук, на пример во салата или чорба, ќе содржат поголем процент на хранливи материи, освен кога станува збор за лук. Корисното соединение алицин од лукот, за кое се верува дека има антиканцерогени ефекти, е најактивно кога лукот е ситно исечкан и со тоа изложен на воздух најмалку 10 минути пред консумирање.

Готвењето зеленчук треба да се сведе на минимум и да се намали неговиот контакт со вода. Витамините и по некои минерали може да истечат во течноста за време на готвењето. Затоа, за подготовка на зеленчук се препорачува готвење на пареа, кратко бланширање и кратко динстување. Се разбира, постојат некои исклучоци како доматите и морковите. Тие со подолго готвење имаат повеќе биолошки искористливи каротени.

Фото: Pexels