Одамна ми требаше време за изолација

Според мастер шеф Снежана Ангеловска, секако дека состојбата со пандемијата не е за радување, но кога веќе е така како што е, тогаш се обидува барем да ги гледа работите од позитивната страна. А кој не би бил позитивен со толку десерти наоколу!  

0
260

Во рамки на нашиот серијал за тоа што прават готвачите во овој период на самоизолација, ѕирнавме и во кујната на Снежана Ангеловска. Таа деновиве ги троши работејќи на подготовката на својот нов каталог на десерти, на дружба со семејството и секако, на готвење..

„Време на изолација…за мене тоа е време кое потсвесно одамна ми требаше…за да се посветам, пред сѐ, најмногу на моето семејство и на самата себе…

По ова лудило од динамичен живот и трка со времето што секој од нас го имаше, дојде момент кога малку ќе забавиме и ќе научиме и засакаме многу други вредност на животот, повеќе ќе се почитуваме и себеси и другите.

Инаку, јас овој период на изолација го користам за конечно да го завршам мојот нов каталог на десерти од различни категории, работа за која е навистина потребно време..трпение и секако, многу љубов.

Тој би требало да излезе некаде кон крајот на месецот или почетокот на следниот и секако, ќе го споделиме со читателите.

Продолжуваме со снимање на серијалот „Брзо, Ефтино, а Вкусно“ кој се прикажува на македонската телевизија, но сега во домашни услови и со нова верзија…

Нови рецептури за нови десерти се моето секојдневје бидејќи така се чувствувам исполнето и среќно.

Меѓутоа, најмногу се радувам на времето со моето семејство. Сега имаме време за многу разговори…заедничко гледање на филмови, па и делење на кујната за испробување на нови јадења која секогаш со задоволство му ја препуштам на мојот син Мики.

И на крај, порака до сите Вас мили мои: СЕДЕТЕ ДОМА! Посветете им се на најблиските и себеси, бидете со позитивни мисли и чувајте се!“, порачува Снежана која со нас сподели и еден рецепт за едноставен и вкусен посен колач од јаболки.

Непечен посен колач со јаболки

Состојки:

500 г посни мелени бисквити

250 г маргарин

250 г шеќер

200 г црно чоколадо

50 г какао

500 г изрендани јаболки

200 г сечкани ореви

100 г сува брусница

100 г запечени лешници

Приготвување:

Мелените бисквити се мешаат со растопен маргарин, шеќер и какао. Се додаваат изрендани и исцедени јаболки, сечкани ореви и потпечени лешници и 100 г сува брусница. Формирајте го по желба, на пример во калап за куглоф и се прелива со стопено чоколадо.