Од лук, брокула, тиква … Топлата супа е незаменлива

Супите може да се згуснуваат со брашно или скроб, но овој стар, нездрав начин го оставаме во минатото и ја згуснуваме со компири или со изгмечен зеленчук.

0
856

Не случајно супите обично се служат на почетокот на оброкот пред главното јадење. Супата е топол, течен оброк, обично се прави од зеленчук или со додаток на месо кој благодарение на зачините, го забрзува варењето.

По конзистенција можат да бидат густи или бистри, портокалови, зелени, бели, послатки, погорчливи, кисели, солени или лути. Во нив преоѓаат сите витамини од зеленчукот и месото, па затоа се полни со здравје и виталност. Некои се толку богати што со додавање на кафеав ориз, просо или кускус можат да бидат и главен оброк.

Натопен леб

Првата супа ја откриле Французите уште пред пет века, а нејзиното име потекнува од зборот soupe, што значи натопен леб. Зборот ресторан исто така е за првпат употребен во Франција и значела обновување. Настанал токму заради супата, за која се сметало дека го обновува организмот, која тогаш се продавала на одредени места на улица – ресторани. Подоцна, ресторант станал збор за модерен објект во кој се јаде цел оброк. Но, супата е и денеска омилена како дома така и во ресторан.

Од утро до вечер

Супата е јадење кое поднесува мешање на повеќе видови зеленчук и месо, но и алги и мешунки. Сепак, тоа не значи да се оправдува „хаос“ во тенџерето, па супите треба да се прават со намера.

Супата е исто така јадење за цел ден: појадок, ручек и вечера. Се препорачува да го започнете денот со супа за да може веднаш наутро да го подигнеме нивото на енергија и да го прочистиме организмот. За тоа е идеална мисо супата.

Во нашата култура, обичај е да консумираме супа пред главниот оброк. Во тој случај, најдобро е да ја прилагодиме на она на што му претходи, па ако главниот оброк е тежок, најдобро е супата да е бистра и обратно. Каква ќе биде супата зависи и од годишното време.

Во зима, се разбира, ќе биде топла и крепка, а во лето дури можеме и да ја изладиме во фрижидер. Попладне или навечер, на организмот му годи густа или крем супа, со која се сервира салата од никулци и препечено лебче. Таа ќе го нахрани организмот пред спиење, но нема да го оптоварува.

Супите може да се згуснуваат со брашно или скроб, но овој стар, нездрав начин го оставаме во минатото и ја згуснуваме со компири или со изгмечен зеленчук.

Фото: Pixabey