Од нашата читателка од Њујорк, Њујорк: Ролат со мак

Нашата верна читателка Лихнида Дамовска, ужива во готвењето и, се разбира, во декорирањето. Еве како изгледа празничната атмосфера во нејзиниот дом, со акцент на прекрасниот ролат со мак, 'заснежен' со шеќер во прав

0
465

Нашата читателка Лихнида Дамовска која повремено ги споделува со нас своите рецепти, вели дека овој рецепт со мак го правела по рецептот на Маргарита Радош, но додала и нешто по свое. На пример, во макот додала суво грозје претходно потопено во млеко и малку рум, а и во макот ставила една лажица рум.

Исто така, нејзин совет е макот да се смели убаво во блендер, или пак, ако ви е поедноставно, да купите веќе смелен мак, ако сакате рецептот да биде успешен.

Состојки:

За тестото:

250 мл топло млеко

1/2 коцка свеж квасец

50 г шеќер

500 г брашно

50 г стопен путер

1 јајце

1 жолчка

За филот:

500 г мелен мак

200 г шеќер

350 мл врело млеко

Приготвување:

Во топлото млеко додадете ги квасецот и шеќерот, измешајте и почекајте да надојде. Измешајте го квасецот во брашното, додадете ги јајцето, жолчката и стопениот путер. Замесете тесто, покријте го со крпа и оставете го пола час да нарасне. Поделете го тестото на две топчиња

За филот измешајте ги макот и шеќерот. Млекото загрејте го до вриење. Со врело млеко, постепено, попарете ги макот и шеќерот. Исфилувајте ги корите. Пред печење премачкајте ги ролатите со топло млеко. Печете ги на 200 степени додека не се заруменат. Кога ќе бидат готови, покријте ги со крпа, па кога ќе се изладат, сечете и поросете со шеќер во прав.

Истиот рецепт е многу вкусен и ако наместо со мак, ставите домашен џем од шумско овошје или од боровници. за оваа варијанта ви требаат 5 шолји овошје, 2 шолји кафеав шеќер и се варат на тивко околу 15 минути. Се додава сок од 1 лимон и се ренда малку морско оревче. Постапката е иста како и за ролатот со мак.