Од случајно фејсбук пријателство, до вистинска соработка

Дека понекогаш социјалните мрежи можат да иницираат и вистински пријателства и професионални соработки, зборува шеф Виктор Настески кој од обичен муабет со Ристо Петков, инаку, сопственик на ресторан во Гевгелија, на тема - каде можам да набавам ваков свеж вргањ, стасал до креирање на ново, ексклузивно мени со негов потпис

0
1395
„Верувам дека секоја личност на оваа планета е драгоцена и затоа треба да ужива во одличен оброк барем еднаш дневно. Ова мени го носи мојот потпис како афирмација за квалитетот на храната и услугата што овој ресторан им ја нуди на своите гости“, пишува на првата страница од менито на гевгелискиот ресторан ‘Cream’, креирано од шеф Виктор Настески.
После години поминати на работната позиција – шеф на кујна на повеќе крузери, откако поради ковид ситуацијата во светот целата индустрија со крстарења застана, и Виктор се најде помеѓу оние 90 проценти од вработените на крузерите кои останаа без работа. После 3 месеци заглавен на брод, тој успеа да се врати во Скопје на 14. јуни, а недолго потоа, почна да ги објавува своите рецепти кои ги готвеше во сопствената кујна дома, на својот Инстаграм профил.
Токму таму, на социјалните мрежи, прочитавме и за неговиот нов ангажман, креаирањето и поставувањето на новото ексклузивно мени во ресторанот ‘Cream’ во Гевгелија, па го побаравме да го прашаме како од крузерот, преку копно, стаса до кујната на овој ресторан.
„Откако си дојдов дома, ненаучен да седам без ангажман, решив да почнам да правам нешто за да ми биде интересно и мене и на моето семејство.
Решив да отворам инстаграм профил и да ги споделувам јавно моите креации и рецепти што ги готвев дома. Околу отварањето на Инстаграм профилот, со оглед на тоа што јас не знаев воопшто како функционира оваа социјална мрежа, најголема заслуга има брат ми Зоран Настески. Почнав да готвам и заедно со моето 5-годишно синче правевме разни рецепти, свежи тестенини и десерти. Снимавме видеа и истите ги споделувавме на Инстаграм и на Фејсбук и добивме многу позитивни коментари и многу следбеници. Вистински уживав во ова, па дополнително се приклучив и на две групи за храна на Фејсбук. И таму почнав да ги споделувам моите рецепти. Добив многу покани за пријателство и следбеници и еден ден добив и покана за пријателство од некој Ристо Петков. Пред да го прифатам, секогаш правам проверка, па така направив и за Ристо. Видов дека е сопственик на ресторан во Гевгелија и решив да го прифатам, без никаква помисла дека нашето ФБ пријателство ќе се развие во нешто друго.
Еден ден забележав дека Ристо постирал на неговиот профил свеж вргањ, а јас за свеж вргањ и печурки душа давам, па решив да му пишам во приватна порака дека ми треба свеж вргањ за домашна употреба бидејќи многу го сакам. Прашав дали го продава, а тој ми одговори дека му е за во ресторанот, но дека може да ми даде малку, па недолго потоа, преку мој другар, ми прати цел килограм вргањ. Јас бев воодушевен од неговата добрина и од постапката и му изразив голема благодарност. Нашата комуникација продолжи на тој начин што му давав совети на неколку негови постови со храна, кои тој ги прифати, а без размислување му помогнав и кога самиот побара моја помош во врска со некои рецепти.
После точно еден месец од нашата прва комуникација Ристо побара моја помош, односно, ме праша дали може да го променам неговото сегашно мени. Угостителството е најмногу погодено од оваа пандемија и Ристо бараше начин да ги привлече гостите, а да бидам искрен, треба да имаш храброст за да менуваш мени во екот на пандемијата кога заработувачката е минимална. Никогаш не размислував дека ќе работам нешто такво во Македонија. Сум креирал менија на крузерите на кои сум работел, но никогаш во Македонија. Му реков дека ќе размислам и дека ќе го исконтактирам, а истовремено побарав и да ми го прати неговото постоечко мени. По само две-три страни од менито лоцирав каде е најголемиот проблем во него. Не станува збор дека ресторанот не работел добро, напротив, одлично функционирал и дотогаш, но менито на еден ресторан е еден од најбитните за успехот на еден ресторан па јас му ги посочив грешките и решив да му помогнам. 
Се консултирав со неколку колеги и пријатели, колку да добијам некои насоки за тоа како тие ја работат оваа работа во Македонија и навистина сум им благодарен за тоа. Тие ми помогнаа за точните терминологии околу јадењата и менито на македонски јазик, бидејќи е сепак ова мое прво мени на македонски и сакав да биде точно и префектно. Голема благодарност до Никола Мишковски, Александар Вучковски и Зика Делевски.
Отсекогаш имав визија за тоа како би изгледало менито кога еден ден би имал сопствен ресторан, но за такво нешто се потребни многу средства, а да не зборувам за тоа каква е ситуацијата во Македонија (и политичката, и со пандемијата), па таа моја идеја за ресторан во Македонија некако почна да избледува. Затоа решив таа моја идеја да ја имплементирам во овој ресторан и да му помогнам на Ристо.
Одлучивме да не го менуваме целото мени, туку да го освежиме и да внесеме некои новитети, бидејќи сепак имаше и убави работи на тоа мени, кои гостите си ги сакаа и ги бараа.
Мораше да се прилагодам и на клиентелата, да не заборавиме дека Гевгелија е на самата граница со Грција и кога границите се отворени има премногу туристи од Грција. Се решив да ангажирам и дизајнер, бидејќи менито што сакав да го направам, бараше такво нешто. Имав копија од менито од еден ресторан за кој работев 4 години на еден од крузерите во 2010. година, и токму од таму и ја добив идејата за дизајнот. Преку пријател стигнав до дизајнерката Ана Златковска, која деноноќно работеше на менито. Јас сум перфекционист во работата и уште се чудам како не крена раце од се, кога и за една мала ситница ѝ се јавував по 100 пати. Но, Ана беше многу професионална и набрзо успеа да го заврши менито баш како што посакував, дури можам да кажам, и подобро од првичната идеја“, вели Виктор.
Што се однесува до менито и по тоа зошто е различно од сите други во Македонија, станува јасно уште на прв поглед. Имено, менито изгледа како палто на Шеф, а за Виктор, најбитен фактор за успех на еден ресторан се токму шефот и добрата храна.
„Сакав да избегнам од оние класични кожни менија кои ги имаат 80% од рестораните, за кои, патем, јасно ми е дека се многу издржливи и се прават од економски причини, но дефинитивно не се за секој ресторан и во голем дел од нашите ресторани таквите менија не се совпаѓаат со амбиентот и со составот на тоа мени. Ова важеше и за ресторанот Cream. Можеби ова мени ќе се извалка или ќе се уништи побрзо, но ќе привлече многу повеќе гости и повеќе профит па ќе може да се менува двапати годишно. На првата страница од менито има моја слика и мој потпис, како потврда дека јас стојам зад ресторанот и самото мени и му гарантирам на гостинот дека храната во овој ресторан е фантастична.
За дизајнот, сигурен сум дека не постои друго вака дизајнирано мени во Македонија, а и содржината е навистина ексклузивна“, објаснува шефот.
Во меѓувреме, додека се работело на менито, Виктор се спакувал и отишол во Гевгелија за да изврши обука на персоналот.
„Таму работат млади готвачи кои тукушто го завршиле училиштето, но тоа не значи дека нема да успеат да го направат тоа што го правам јас. Јадењата кои ги приготвив се многу лесни и едноставни ако се извежбаат, и намерно ги направив такви за да може секој да ги зготви. Јас кога имав 18 години држев смена во еден ресторан во Скопје, па зошто да не можат и тие, нели?
Со добра обука и пренос на знаењето може да се постигне се. Најголемиот проблем во гастрономијата во Македонија е тоа што постарите шефови, а и дел од актуелните повозрасни и искусни шефови не го слоделуваат своето знаење со помладата генерација. Јас секогаш споделувам се што знам и од тоа не отстапувам. За една недела успеав да извршам обука и се вратив за Скопје да го видам дизајнот на менито и да пробам да направам една копија. Со Ристо решивме менито да се принта во Гевгелија и така и направивме. Наместо црно-бело, како што беше првичната идеја, го испечативме во крем боја, што на крајот на краиштата е соодветно и со името на ресторанот. И така, лека полека, ја приведовме кон крајот имплементацијата на менито. Се фативме за работа, два дена работевме по цел ден за да го реазлизираме тоа што го замисливме, истовремено и рекламиравме дел од јадењата од новото мени за да им дадеме до знаење на гостите дека се подготвуваме. Извршив и кратка обука на келнерите во врска со менито, ги објаснив сите нови јадења во него до детал. Келнерите мора да знаат што служат и мора да ги знаат основните состојки во менито, бидејќи е залудно ние да правиме фантастични јадења, а келнерот да не знае што послужува. И конечно, на 10. ноември за првпат го отворивме ресторанот со новото мени. Мисијата беше комплетна, а ние, и што е уште поважно, гостите, беа задоволни.
Ако денот по утрото се познава јас сум сигурен дека ресторанот ќе биде успешен со новото мени. Се надевам и дека оваа пандемија ќе ја снема што побрзо за да можат сите ресторани да функционираат во нормални услови“, ја заврши својата нова, гевгелиска приказна шеф Виктор и сподели со нас неколку прекрасни фотографии од јадењата содржани во споменатото мени.