Од стар леб до сочен пудинг со арома на ванила

Понекогаш не треба многу за да направите вкусен десерт. И да не се лажеме, секогаш го преферираме полесниот начин. Во случајов, наместо да се прави пандишпан, се употребува лебот што ви останал од вчера.

0
177

Состојки:

1 леб

200 г шеќер (од искуство, преблаго е, намалете слободно на половина – 100 г)

1 коцка (40 г) путер

2 шолји млеко

3 -4 јајца

прстофат сол

15 мл екстракт од ванила

За преливот:

2 коцки путер (80 г)

2 лажици брашно

2 шолји млеко

100 г кафеав шеќер

3 лажици екстракт од ванила или рум

Приготвување:

Лебот се сече на коцки и се става во тепсија, па се пече на 125 степени околу 10 минути. Коцките треба да се крцкави, но не изгорени.

Во меѓувреме се става во тенџере да зовријат млекото, шеќерот, путерот и прстофат сол. Се трга на страна, се додава екстракт од ванила и се остава да се подизлади па се додаваат едно по едно јајцата, постојано мешајќи.

Се подмачкува садот за печење со малку путер и се распоредуваат печените коцки леб до врвот на садот. Се прелеваат со подготвената смеса, такашто секоја коцка леб да биде добро прелиена.

Се пече на 170 степени околу 40-50 минути. Ако почне да ви загорува, покријте го со фолија.

Во меѓувреме, направете го преливот.

Ставете во едно тенџерче путер, па кога ќе се растопи и ќе ја смени бојата, ставете брашно и пропржете го како за бешамел сос. Ставајте го потоа постојано мешајќи топлото млеко и на крајот, 3 лажици екстракт од ванила или рум и 100 г кафеав шеќер (можеби не е лошо да ја намалите и оваа количина на половина). Преливот треба да се згусне, отприлика како бешамелот.

Прелијте го печениот пудинг со ова и оставете малку за сервирање во одделни чинии. По желба додадете и малку чоколадни плочки или трошки уште додека е пудингот топол за да се растопат.