Појадок за слабеење

Ако сакате да ослабнете, не го прескокнувајте појадокот. Студиите потврдуваат дека на менито треба да се најдат и јајцата.

0
167

Една студија објавена во списанието „International Journey of Obesity“ покажала дека јајцата се одличен сојузник во слабеењето. За време на двомесечното истражување, биле следени две групи дебели луѓе на диета. Од нив, едната група појадувала две јајца, а другата уживала во печива.

И двете групи внесувале иста количина калории со првиот утрински оброк, но во 65 проценти од случаите, жените и мажите кои јаделе јајца изгубиле повеќе килограми.

Покрај тоа, тие рекле дека имаат повеќе енергија од испитаниците кои денот го започнале со оброк базиран на јаглени хидрати и дека индексот на телесна маса значително им се намалил.

Овие резултати не се изненадување за нутриционистите кои јајцата ги сметаат за одличен извор на протеини кои ефикасно заситуваат и спречуваат прејадување во остатокот од денот.

Покрај тоа, тие помагаат во регулирање на добриот холестерол, и се богати со витамин Б12 и холин, кој обезбедува нормално функционирање на сите клетки во телото.

Треба да се има на ум дека има околу 160 калории во сто грама јајца, но овој број се зголемува во однос на термичката обработка, односно со пржење во путер или на масло.

За диета, најприфатлив начин е јајцата да се сварат и да се измешаат со зеленчук во фина салата.

Фото: Pixabay