Продавач нуди бесплатна храна за купувачите кои ќе решат едноставна математичка задача

Ако решите едноставна математичка задача, имате пет секунди да грабнете нешто од полиците во продавницата и да го добиете бесплатно. Ова се правилата на играта која со своите муштерии ја игра сопственикот на продавницата „Lucky Candy“ во Бронкс, Њујорк. Секако, станува збор за едноставни математички прашања како на пример: Колку е 5Х5? Има ли шанси некој да го направи ова и кај нас?

0
402

Сопственикот на продавницата „Lucky Candy“ во Бронкс, Њујорк, Ахмед Алван, рекол дека пред две недели решил да игра со купувачите една игра, такашто ќе им понуди бесплатна храна доколку решат едноставен математички проблем!

Овој необичен настан заврши на социјалните мрежи. Правилата на играта се едноставни: ако решите едноставна математичка задача, имате пет секунди да грабнете нешто од полиците во продавницата и да го добиете бесплатно, јавува Си-Ен-Ен.

„Сè што сакав да направам е да им помогнам на луѓето и да го сторам тоа на забавен начин. Затоа, направив видео на TikTok и избрав предизвик со тоа што им поставував математички прашања. Тоа е начин да ги забавувам и да ги едуцирам луѓето, но и да им ставам насмевка на лицето”, рекол Алван.

После две недели и 13 снимки на Инстаграм, Алван станал вистинска сензација. Сега има повеќе од 300 000 следбеници на TikTok и 17 000 на Instagram. Видеото го прикажува Алван како ги прашува купувачите едноставни прашања, како на пример, колку се 5 Х 5.

Оние што точно одговараат имаат пет секунди да грабнат нешто од продавницата, од чипс и сладолед до звучници и наргиле и да го добијат бесплатно.

Алван овие работи ги плаќа од својот џеб. Тој не е загрижен за парите, туку сака да им помогне на членовите на неговата заедница со ниски приходи да заштедат за повисоките трошоци, како што се кирија и сметки.

Инаку, Алван студира фармација и е познат по своите хумани дела. Тој честопати им дава на купувачите производи на кредит, а во студените утра, кога ќе види дека луѓето спијат на блиската железничка станица, им нуди бесплатно кафе, банани и мафини. Алван вели дека ова комплетно го променил неговиот однос со заедницата.

„Луѓето ми покажуваат љубов и стојат во ред пред продавницата само за да добијат шанса да ја играат играта. Многумина доаѓаат за да се сликаат со мене и само за да ме поздрават. Но, тука не станува збор за мене, туку за заедницата”, истакнува овој млад човек, инаку, емигрант од Јемен.

Тој планира да продолжи со оваа игра и понатаму, а во иднина ќе биде покреативен кога станува збор за прашањата. Тој исто така отворил и страница на GoFundMe за луѓето да можат да ја поддржат неговата игра. Целта, објаснил тој, е да ги инспирира другите да бидат великодушни.

Фото: Инстаграм