Разбивање на митови: Смеам ли да пијам кафе на празен желудник?

И покрај постојаните совети од лаиците, научната заедница нема цврсти докази дека пиењето кафе на празен стомак е штетно. Всушност, консумирањето кафе има ист ефект врз нашите тела, без разлика дали го пиеме на празен стомак или после оброк.

0
819

Ако сте еден од оние кои не можат да го почнат денот без својот миризлив ритуал, утринското кафе, сигурно безброј пати сте слушнале дека пиењето кафе на празен желудник не е препорачливо. Но има ли вистина во тоа и се согласува ли со ова научната заедница, прочитајте во продолжение.

Зошто кафе?

Кафето е еден од најпопуларните напитоци ширум светот, веднаш после водата. Освен мирисот на првото утринско кафе, бројни се неговите благодети. Денеска кофеинот е друштвено најприфатен стимуланс, кој има бројни позитивни ефекти на нашиот организам. Така кофеинот не прави будни и сконцентрирани, а може да влијае на зголемување на нивото на енергијата.

Освен тоа, научните истражувања покажале дека кафето може да ги подобри и останатите когнитивни функции како помнењето, расположението, чувството на будност, но и скратување на времето на реакција.

Бидејќи кофеинот влијае на метаболизмот, тој честопати се поврзува со полесна борба со вишокот килограми и врвни спортски перформанси. Со стимулирање на нервниот систем, кофеинот предизвикува зголемување на достапноста на масните резерви како извор на енергија, што резултира со извонредни спортски резултати, но и полесно губење на несаканиот вишок на килограми.

Студиите потврдуваат дека кофеинот штити од разни болести како што се дијабетес тип 2, Алцхајмерова болест, деменција, болести на црниот дроб, срцето и крвните жили.

Со толку многу придобивки, зошто повеќето сметаат дека кафето на гладно може да биде погубно за нашето здравје?

Истражувањата покажуваат дека горчливите материи од кафето можат да го стимулираат зголеменото производство на желудочна киселина, поради што повеќето веруваат дека кафето ја иритира слузницата на желудникот, предизвикува киселини, мачнина, а може да ги влоши и симптомите на разни болести и нарушувања на дигестивниот систем како што е синдром на иритабилно црево.

Поединци тврдат дека пиењето кафе на празен желудник е особено штетно со оглед на тоа што во стомакот нема друга храна што би ја спречила киселината од кафето да влијае на желудочната слузница. Сепак, научниците сè уште не пронајдоа цврсти докази што ја поврзуваат консумацијата на кафе на празен стомак и дигестивните пречки.

Помал број луѓе се многу чувствителни дури и на најмалите количини кафе, па затоа реагираат прилично бурно. Симптомите вклучуваат киселина, болка во стомакот, па дури и повраќање. На таквите лица им се советува воопшто да избегнуваат конзумирање кафе, со оглед на тоа што симптомите кај нив се исти без разлика дали кафето го пијат на празен или на полн стомак. Најважно е да го слушате вашето тело и да обрнете внимание на тоа како реагира на одделни намирници, вклучувајќи го и кафето. Ако почувствувате пречки во варењето по консумирањето кафе на празен стомак, но немате никакви симптоми кога пиете кафе после појадок, слушајте ги сигналите што вашето тело ви ги испраќа и прилагодете им се.

Ефектот на кафето врз нивото на „хормонот на стрес“

Еден од главните аргументи на противниците на консумирањето кафе на празен стомак е дека на овој начин кафето влијае на зголемувањето на нивото на „хормонот на стрес“ – кортизол. Кортизолот е наречен „хормон на стрес“ заради зголеменото лачење во стресни ситуации. Бидејќи сите денес водат бурен и стресен начин на живот, не е изненадувачки што сè поголем број луѓе имаат трајно покачено ниво на кортизол, што може да доведе до разни нарушувања и болести како што се проблеми со тироидната жлезда, дијабетес, висок крвен притисок или дебелина.

Интересно е што кафето го стимулира производството на кортизол, но неговата концентрација значително не се зголемува кај луѓето кои пијат кафе редовно. Исто така, недоволно студии потврдуваат дека пиењето кафе после оброк може да влијае врз намалувањето на лачењето на кортизол. Напротив, ако пиете кафе ретко или повремено, какво било зголемување на нивото на кортизол е краткотрајно и нема долгорочно негативно влијание врз здравјето.

Потенцијално негативни последици од внесот на кафе

Без разлика дали пиете кафе на празен стомак или само кога ќе изедете нешто, кафето има свои недостатоци. Познато е дека кофеинот предизвикува зависност, а некои луѓе можат да бидат особено чувствителни. Ваквата реакција е предизвикана од влијанието на кафето на промена во хемијата на мозокот, за што сепак се потребни поголеми количини од овој напиток.

Пиењето прекумерно количество кафе исто така може да придонесе за чувство на вознемиреност, немир, брзо чукање на срцето, главоболки, а исто така може да има ефект врз крвниот притисок. Сепак, сè уште нема научни докази дека пиењето кафе на празен стомак ја засилува зачестеноста или јачината на наведените нус појави.

Со оглед на горенаведеното, експертите веруваат дека внесот на кофеин треба да биде ограничен на максимум 400 мг, што е еквивалентно на 4 – 5 шолји кафе.

Исто така, последното кафе во денот не треба да се консумира подоцна во попладневните часови поради ефектите на кофеинот, кој може да трае и до 7 часа по консумирањето.

Важно е да се напомене дека кофеинот поминува низ плацентата, а може да трае дури и до 16 часа по консумирањето кафе. Затоа, на бремените жени им се советува да го намалат внесот на кофеински напитоци на 200 мг или една до две шолји.

И на крај, кога е време за вашето прво кафе?

Многу луѓе сакаат да го започнат денот со голема шолја кафе. И покрај постојаните совети од лаиците, научната заедница нема цврсти докази дека пиењето кафе на празен стомак е штетно. Всушност, консумирањето кафе има ист ефект врз нашите тела, без разлика дали го пиеме на празен стомак или после оброк.

Важно е да го слушате вашето тело, кое ни испраќа јасни пораки ако нешто не му е по волја. Затоа, ако имате проблеми со варењето, обидете се да го воведете првиот утрински оброк пред вашиот омилен ритуал.

Фото: Pixabey