Раскошен леб со тиква

Ова е фантастичен рецепт за леб кој ќе го сакаат дури и оние кои инаку не јадат тиква. За секој случај, не им кажувајте што има внатре додека не го пробаат, а потоа, верувајте - ќе ви бараат уште

0
211

Ова е еден од подобрите рецепти што ги откривме неодамна – леб со пире од тиква. Се прави брзо и лесно, најубав е кога се јаде топол, иако има убав вкус и потоа, дури и после 3-4 дена стоење.

Ако ги ставате состојките онака, отприлика, тогаш можеби ќе треба ако сте ставиле поголема количина пире од тиква, да додадете и повеќе брашно, се додека тестото не престане да ви се лепи за рацете. Нам ни отиде речиси 1,5 кг брашно, мора да сме ставиле многу тиква. Затоа вие, особено ако немате многу искуство со тесто, држете се до препорачаните количини.

Состојки:

500-600 г пире од тиква
100 г семки од тиква
1 кг меко брашно
Половина коцка свеж квасец (или кесичка сув)
250 мл млака вода
5 лажици масло од тиква или маслиново масло
Лажица шеќер
Лажица сол

Приготвување:

Тиквата треба да е претходно испечена и изладена. Згмечете ја со вилушка и направете пире.
Во сад со млака вода, додадете шеќер, лажица брашно, здробете го квасецот, промешајте и оставете го да стаса околу 20 минути.
Додадете го во квасецот пирето од тиква, солта, маслото и семките од тиква. Измешајте сè, па полека додавајте брашно во таа смеса. Месете го тестото добро и формирајте или еден поголем или два помали леба.
Ставете ги на плех претходно обложен со хартија за печење, а потоа оставете ги да нараснат најмалку половина час.
Потоа премачкајте го со неколку лажици масло, поросете ако сакате малку сусам и ставете го во рерна да се пече 50-60 минути во рерна загреана на 190 степени.
Ставете го печениот леб на решетка, покријте го со памучна крпа и оставете го да „одмори“ некое време. Кога ќе се олади можете да го исечете.

Ако направите поголема количина тесто, можете пола од тестото да оставите во фрижидер и да го обликувате и испечете следниот ден. Откако ќе го извадите од фрижидер, обликувајте го во векна и оставете го да стаса 30 минути. Потоа испечете го.