Резервирајте си место во својот омилен ресторан – сега!

Шеф Игор Степановски кој пандемијата на коронавирус го затекнала среде подготовки за отварање на свој ресторан, ја предлага иницијативата „Save one seat“ која почна во САД, а потоа се прошири и во Италија, како одличен начин да му се помогне на угостителскиот сектор. Вели дека веќе има на ум неколку свои омилени места од кои би купил „обврзници“ доколку оваа иницијатива се прошири и кај нас. Во меѓувреме, активен е на својот  ФБ профил на кој ја почнал својата иницијатива - „Прашајте го шефот“!

0
982

Скопјанецот Игор Степановски, после 29 години во Швајцарија (поточно,  во Лугано, во италијанскиот дел од Швајцарија), наместо во Костарика, од кадешто добил понуда за работа, се вратил во родниот град и се оженил со својата другарка од основното училиште.

Во Скопје продолжил да работи, прво многу кратко време како сениор су шеф во хотел Парк, а подоцна како приватен шеф, еден период само за едно од најугледните семејства во Македонија, а сега – на повик.

„Кога заминав од Скопје во 1990.година во Швајцарија, сите ние што бевме од екс Југославија бевме вработени во угостителството, сектор кој како дел од туризмот е локомотива на сите други сектори. Почнав како келнер, ама  за кратко време преминав во кујна. Во Швајцарија важи законот: „кој колку и за што заслужил“. Имав можност и среќа да имам учител од Лигурија (Италија) кој ми пренесе колку што можеше од Тосканската кујна и од Лигурија. Првите години, до 1995.година работев во големи хотели со 5 звезди кадешто научив многу. Во меѓувреме и самиот барав начини да се надградам одејќи во различни школи или по разни курсеви. Лугано е многу блиску до Милано такашто можноста да научи индиска, тајландска и кинеска кујна за мене беше привилегија.

Во Лугано работев во познатите Hotel della Paix и Splendide како „chef di partita“, сектор за месо и риба. Во меѓувреме, отворив и малечка фирма која се занимаваше со уредување и дизајн на ресторани и хотели. Подоцна, во 2003.година отворив и мало приватно школо за готвење кое имаше многу успех. Во 2015. година имав понуда за работа во Костарика која ја одбив затоа што сретнав една моја другарка од основно во Скопје, која е денеска моја жена и после 29 години во Швајцарија се вратив во Македонија.

Последниве 6 месеци се подготвував за отварање на мој ресторан во кој ќе се подготвува само италијанска традиционална храна.

Секако, ситуацијава со пандемијава не помага, такашто сега засега готвам и експериментирам само по дома“, раскажува шеф Игор.

А токму поради ситуацијата, сочувствувајќи со своите колеги од угостителскиот сектор кој е сега во голема криза, нашиот соговорник го актуелизира проектот Save one seat, проект кој добро функционира во Америка, а сега се шири и во Италија. Станува збор за иницијатива со која сите оние кои имаат свои омилени ресторани и места кадешто им се допаѓала храната, од истите купуваат обврзници или пак едноставно кажано-купони со вредност од, на пример – 30 евра и со тоа си резервираат место и си го плаќаат својот иден оброк таму. Значи, плаќате сега, а искористувате подоцна, во рок од една година.

„Сето ова има едно уште поголемо симболично значење, а тоа е дека, иако се работи за еден вид на купони кои подоцна можат да се искористат, е пред сѐ, помош. Станува збор за еден вид на солидарност која може да биде применета во секој сектор, без разлика дали е тоа угостителство или пак продавница за облека. Сите оние во САД или пак во Италија кои веќе купиле вакви обврзници го прават тоа првенствено како „донација/солидарност“ и не размислувале премногу за тоа дали и како ќе ја искористат. Мислам дека е многу тешко секој од нас да прифати помош или пак донација на пари, а овој начин е многу подискретен.

Она што е многу важно е тоа што вредноста на овие обврзници немаат ниту минимум, ниту максимум, туку секој колку може и колку сака.

Јас имам мои омилени места од кои со задоволство би купил вакви ‘обврзници’, вели Игор.

Инаку, во Швајцарија тој работел и на еден проект за начин на исхрана за кој вели дека бил еден од најдобрите.

„Мислам дека сѐ уште постои и како линија во еден од најголемите супермаркети, COOP. Се работи за систем на исхрана со поени, кои се даваат според телесната тежина, висината и процентот на масно ткиво. Практично, се јаде од сѐ по нешто многу пати дневно и во одредени количини. Затоа и сега кога луѓето поминуваат многу време дома во изолација или карантин би требало да го применат овој начин на исхрана. Повеќе ужинки дневно го забрзуваат метаболизмот. Нормално, тие треба да бидат мали. Останувам достапен за сите читатели, доколку имаат прашања за овој вид на исхрана“, порачува Игор и во продолжение раскажува и за својата иницијатива која ја пренел како искуство од Швајцарија, наречена – Прашајте го шефот!

„Јас многу ја сакам кујната во која се употребуваат остатоците од храна. Сите ние имаме дел од фрижидерот во кои има заостанати мали парчиња кашкавал, сирење, две три парчиња сувомеснато, зеленчук, итн.

Доколку сакате идеја како да ги употребите остатоците што ги имате во фрижидерот, можете да ми се обратите во инбокс на мојот фејсбук (https://www.facebook.com/profile.php?id=100015869075839).

Ова е исто дел од еден мој проект што во Швајцарија беше многу добро прифатен: „Прашај го шефот“. Имав луѓе кои ми се јавуваа секојдневно и ме прашуваа како и што можат да направат со она што го имаат во фрижидер. Беше супер затоа што сето тоа беше и многу креативно и многу забавно“, вели тој.

Инаку, овие моменти на изолација Игор ги користи за креирање на нови рецепти или пак за усовршување на старите. А она што најчесто го готви дома се тестенините.

„Некои се плашат да ги консумираат секојдневно затоа што дебелеат, но не треба да заборавиме дека сите јаглехидрати се брзи шеќери, а тоа значи дека организмот ги троши многу брзо“, објаснува шеф Игор и го споделува рецептот за неговата најомилена паста со путер и пармезан, и зависно од сезоната, и малку тартуф .

Рецептот е многу едноставен:

Ставете да зоврие вода со малку сол, а потоа додадете ги тестенините, во овој случај талјатели или шпагети. Кога е веќе при крај, извадете од тенџерето две кутлачи вода и ставете ги во едно тавче. Тестенините се цедат две минути пред да бидат готови и се ставаат во тавчето. Таму продолжете со варењето заедно со 15-20 г путер и постојано мешајте.  Кога ќе видите дека водата испарила и наместо неа имате еден вид на крем, тргнете го тавчето од оган и додадете го пармезанот, па енергично мешајте. Додадете свежо мелен црн пипер. Во моментот кога го додавате пармезанот можете да додадете по желба и нешто од следното: пропржена сланина, лук, блага пиперка, ракчиња, чаден лосос….. било што што сакате или пак имате во фрижидер.