#СветБезГлад и подобра исхрана за сите до 2030-та

Со настаните со кои денеска (16 Октомври), се одбележува Светскиот ден на храната, се промовира глобалната свест и дејствување за оние кои страдаат од глад и за потребата од обезбедување на достапност на храната и хранлив режим на исхрана за секого.

0
40

Секоја година Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации  (ФАО), го одбележува Светскиот ден на храната на 16 октомври со цел да го
одбележи и основањето на Организацијата во 1945 година.

Годинава се одбележуваат 75 години од нејзиното постоење.

На денешен ден се одржуваат настани во над 150 земји ширум светот, со што ова е еден од најодбележуваните денови во календарот на ОН. Со овие настани се промовира глобалната свест и дејствување за оние кои страдаат од глад и за потребата од обезбедување на достапност на храната и хранлив режим на исхрана за секого.
Светскиот ден на храната е и значајна прилика да се испрати силна порака до
јавноста: ние може да му ставиме крај на гладот во текот на нашите животи и да
станеме Генерација на Светот Без Глад, но, за да се постигне оваа цел потребно е
сите да работиме здружено.

Токму по повод Светскиот ден на храната, денеска, во Кинотека на Македонија Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) заедно со Слоу фуд Водно го организираат Фестивалот под мотото „Храна во кадар“.

Годинава се повикува на силна акција за постигнување на целта #СветБезГлад и подобра исхрана до 2030 година преку посилни партнерства и соработка во насока на трансформирање на системите за храна, промена на начинот на нејзино производство, консумирање и трошење.

Во светот се произведува доволно храна за да се нахранат сите, па сепак, еден на
девет луѓе страда од хронично гладување.

Според ФАО, над две милијарди луѓе во светот немаат редовен пристап до доволно количество хранлива храна, а околу 135 милиони во 55 земји трпат акутен глад за што им е потребна итна помош околу храната, исхраната и егзистенцијата.

Околу 70 отсто од екстремно сиромашните во светот живеат во руралните средини.

Повеќето од нив зависат од земјоделството. За да ги задоволи потребите, земјоделството во 2050 година ќе треба да произведе речиси 50 проценти повеќе храна, сточна храна и биогориво отколку во 2012 година.

Гладот секоја година убива повеќе луѓе одошто маларијата, туберкулозата и СИДА-та заедно.

Светскиот ден на храната годинава се одбележува под мотото „Да растеме, да се исхраниме, да се одржиме, заедно – Нашите дејства се нашата иднина“.

Фото: Pexels