Сега имате време за месење леб, или…?

Нема повеќе изговори дека немате време, ниту пак машина за леб. Сега, кога работите од дома, а повеќето од нас работат од дома, имате време да замесите леб во паузата за кафе, кој ќе стасува додека вие си работите... Мислам, ако не ве деконцентрира мирисот на тазе печено лебче

0
502

Состојки:

500 г интегрално брашно

500 г бело брашно

1 свеж квасец

1 лажичка сол

1 лажичка шеќер

600-700 мл млака вода

2 лажици ладно цедено сочогледово масло

1 лажица црно семе (или некои други семки по ваш избор)

Приготвување:

Додека чекате да ви зоврие водата за кафе, ставете го квасецот во 100 мл млака вода и размешајте го убаво, додадете лажичка шеќер и лажичка брашно.

Додека го пиете кафето и почнувате да работите, квасецот ќе стасува.

Истурете го интегралното и половина од белото брашно во тепсија, ставете лажичка сол и во средината истурете го надојдениот квасец, две лажици масло и лажица црно семе. додавајте уште од водата и од брашното се додека не добиете тесто кое нема премногу да се лепи и од кое ќе можете да обликувате топче. Покријте го со крпа и оставете го да стаса.

За тоа време, вие ќе продолжите да си работите.

После некое време, откако тестото ќе стане двојно поголемо, размесете го уште еднаш и поделете го на пет топчиња.

Ставете ги во тепсија врз хартија за печење и оставете ги да стасуваат уште 30-40 минути.

Со нож сецнете ги малку по должина и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени.

Слободно работете си, а после половина час проверете дали се веќе готови. Можеби ќе биде потребно да се допечат уште 5-10 минути, во зависност од рерната.

Кога ќе ги извадите, попрскајте ги со вода и покријте ги со крпа.

И ќе имате домашен леб, убав, миризлив, вкусен…