Седум здрави намирници што може да бидат многу опасни ако претераме со нив

Претерувањето со брокула и спанаќ може да донесе повеќе штета отколку корист, а на листата на намирници што не треба да ги јадеме секој ден се куркумата, туната, бразилските ореви ...

0
412

Кога станува збор за здрава храна, додатоци во исхраната и зачините, повеќе не е секогаш и подобро. Иако постојано се зборува за нивните придобивки за организмот, некои намирници треба да се користат умерено затоа што ако претераме, можеме да направиме повеќе штета отколку корист за здравјето.

Рибино масло и омега-3

Омега-3 масните киселини се клучни за здравјето на срцето, мозокот, очите и зглобовите, па затоа не е изненадувачки што капсулите и додатоците во исхраната кои ги содржат добиваат на популарност. Земањето 13-14 грама омега-3 масни киселини на ден може да доведе до разредување на крвта – особено ако се зема во комбинација со лекови кои имаат ист ефект.

Рибиното масло, кое е богато со овие здрави киселини, исто така го забавува згрутчувањето на крвта, па затоа е препорачливо да се консултирате со лекар пред да го земете. Покрај тоа, рибиното масло е богато со витамин А, кој е исто така токсичен во поголеми количини.

Туна

Туната е богата со протеини и омега-3 масни киселини, но може да содржи жива и тешки метали кои се наоѓаат во загадените мориња. Најчестите причини за труење со жива вклучуваат сè, од проблеми со варењето на храната, како што се повраќање и слабост, до губење на меморијата. Здравствените експерти затоа препорачуваат умереност во потрошувачката. Се препорачува понекогаш туната да се замени со лосос или со сардини.

Цимет

Кинескиот цимет, кој е и поевтин од цејлонскиот, содржи кумарин, кој им штети на црниот дроб и бубрезите. Повеќе од 0,1 мг кумарин на килограм телесна тежина на ден може да биде токсичен за црниот дроб и да го зголеми ризикот од рак.

Цејлонскиот цимет е вистинскиот избор, затоа проверете ја етикетата пред да го купите. Меѓу многуте придобивки, оваа исушена и сецкана кора од дрво штити од воспаление на грлото, настинка и грип, го намалува шеќерот и лошиот холестерол, ги ублажува симптомите на инфекции, ја стимулира циркулацијата, го ублажува гадењето и гастритисот и ја подобрува меморијата.

Бразилски орев

Ако се користи како лек, а не како закуска, бразилскиот орев има голем број корисни ефекти врз организмот. Тоа е ризница од разни минерали и антиоксиданти; содржи и цинк и магнезиум, фосфор, бакар, манган и железо. Тој е одличен извор на протеини и растителни влакна, поради што е сојузник на диетите и вежбањето – помага во изградбата на мускули, го продолжува чувството на ситост.

Го штити здравјето на тироидната жлезда, срцето и простатата, го брани организмот од слободните радикали. Се препорачува само еден орев дневно бидејќи поради големото количество селен може да предизвика труење кое е опасно по живот. Повеќе од четири ореви на ден можат да бидат токсични.

Куркума

Заедно со лукот, куркумата е еден од најсилните природни антибиотици, а освен што „гради“ имунитет, ги намалува воспалителните процеси во организмот и го подобрува варењето на храната. Во Азија се користи како лек против депресија, но и како лек за убава кожа. Исто така, го намалува ризикот од Алцхајмерова болест и артритис. Се користи свеж корен или прав од куркума, а можете да го додадете во пијалаци, овесни снегулки, јадења со јајца или намази.

Без оглед на придобивките, не се препорачува повеќе од околу 3 мг куркума на килограм телесна тежина за да се избегне токсичноста. Несакани ефекти може да вклучуваат лесни воспалителни реакции, вознемиреност, срцеви аритмии, алергии, жолчка, црн дроб, стомак и проблеми со варењето на храната.

Кељ, брокула и зелка

Намирниците како карфиол, брокула, зелка и кељ имаат корисен ефект врз здравјето на срцето, а исто така штитат од рак. Сојузници се на витката линија бидејќи имаат малку калории, го зајакнуваат имунитетот, го намалуваат шеќерот во крвта, го намалуваат воспалението.

Поради сето ова, не е изненадувачки што покрај главните јадења и чорби, тие често се наоѓаат во утринските смути. Но, соединенијата на сулфур (тиоцијанати) можат да пречат во апсорпцијата на јод, па затоа не им се препорачуваат во големи количини на оние кои имаат проблеми со тироидната жлезда, односно хипотироидизам.

Спанаќ и блитва

Нутриционистите препорачуваат луѓето кои имаат зголемено ниво на калциум во крвта или ризик од камен во бубрег, да внимаваат на количината на оксалати што ги внесуваат со храната. На списокот на храна богата со оксалати спаѓаат спанаќот, блитвата и цвеклото. Количината на оксалати од спанаќот и блитвата се намалува со отстранување на стебленцата или додавање млеко во храната бидејќи калциумот од млекото ги врзува оксалатите.

Фото: Unsplash