Сезонски лазањи со модар патлиџан, лук, ореви и лешници

Нашата пријателка и читателка Стефка Елзесер - Цеце, која е инаку доктор-специјалист по физикална медицина и рехабилитација, но и голем гурман и доктор и во кујна, го сподели со нас овој необичен рецепт за веге лазањи и ни препиша: земајте по 1-2 парчиња, еднаш неделно. Може и двапати

0
364

Состојки:

1 пакување лазањи

1 голем модар патлиџан или два помали

лук по вкус

ореви и лешници по вкус

кашкавал

бешамел сос (за сосот ви требаат 40г брашно, 40 г путер, 500 мл млеко, сол и црн пипер, лук по желба)

Приготвување:

За филот испечете го модриот патлиџан и исечкајте го. На маслиново масло пропржете ги лукчето и толчените ореви и лешници.

Наредете во тепсија ред лазањи, потоа фил, па рендан кашкавал, прелијте со бешамел сос, потоа уште еден ред лазањи, фил, рендан кашкавал, бешамел, и завршувате со лазањи, поросувате толчени лешници, ореви и рендан кашкавал.

Печете ги лазањите на 250 степени околу 20 минути.

Верувајте, вкусно е, препишано од доктор Цеце: земајте по 1-2 парчиња, еднаш неделно. Нема да згрешите ако ги направите и двапати.