Скопски крафт пивар зготви скопско Пале Але со цвет од липа

Скопјанецот Димитар Блажевски завршил средно хемиско училиште во Скопје, студирал економија во Белград, но како човек, вели, созреал на скопскиот асфалт. Веќе трета година по ред е дел од домашната пивска крафт сцена. Готви и креира нови вкусови на пива, во есен и зима во Скопје, а во лето на Маврово. Се гордее со своето интересно ‘скопско пиво’ со цвет од липа, но и со омиленото пченично пиво готвено со праска

0
1048

Нашиот соговорник Димитар Блажевски го запознавме на еден настан организиран од Слоу-фуд Водно, а подоцна го сретнавме и на предновогодишниот зимски пивски салон во Кинотека. Се разбира, таму беше тој со својата понуда на крафт пива, нешто со што се занимава во последните три години, а неговиот интерес, возбуда и желба за експериментирање со постојано нови и необични вкусови не само што не стивнува, напротив, сѐ повеќе расте.

„Според мене, убавината во крафт пивата е во слободата при креацијата на самите пива. Токму тоа е и она што мене ме задржа во хоумбрувингот (homebrewing – пивоварење). Чувството дека создаваш нов уникатен вкус е непроценливо за мене. Од друга страна, досега имам сварено цела една лепеза на различни вкусови. Некој сака покисело пиво, друг сака послатко, трет пак погорчливо. И тоа ме предизвикува да си поигрувам со вкусовите. Пред секое готвење, прво подолго време контемплирам за тоа каков нов вкус би сакал да создадам. Сакам да експериментирам. Секогаш имам позитивна трема, пред секое готвење. Чувство на нервоза, измешано со чувство на возбуда. Во секој нов процес на готвење влегувам како за првпат. Веројатно тоа е добро. Сѐ уште во мене тлее онаа почетничка трема, без оглед колку тури пиво имам претходно зготвено“, раскажува Димитар со вистински жар.

Инаку, тој завршил средно хемиско училиште во Скопје, студирал економија во Белград, а како човек, вели, созреал на скопскиот асфалт.

„Со хоумбрувинг или во груб превод, со „пивоварење“, се занимавам веќе трета година и веројатно припаѓам на „новиот бран“ хоумбрувери во земјава. Пред мене има момци кои веќе го имаат скршено мразот и пред мене пробувале да фатат приклучок со новите глобални трендови. Доколку се споредиме со најблиските соседи лесно можеме да заклучиме дека сме далеку назад и во поглед на домашната хоумбрувинг сцена и во комерцијалното позиционирање на локални мали производители, што кај нас речиси и ги нема.

Но искрено се надевам дека попозитивни ветришта дуваат кон домашната крафт сцена.

Во процедура е регистрација на првото Здружение на домашни пивари, токму со таа цел – промоција и афирмација на пивската култура и домашното пиварство. Генералниот концепт на здружението е да потпомогне во организирање на разнолики работилници и презентации, кадешто би можеле да се дегустираат различни пива и наедно организирање на тематски работилници и дегустации за одредени стилови на пиво.

Сето тоа произлегува од потребата на нас, производителите на пиво, да споделиме барем дел од нашиот авторски труд пред пошироката јавност и особено пред сладокусците на пива, а истовремено интенција ни е и да разменуваме искуства со други пивари. Ние и досега од време на време си организиравме интерни пивски средби, на кои подобро се запознававме, ги споделуваме нашите искуства и рецептури. Изминатиов период добив впечаток дека домашната сцена станува сѐ пожива и од ден на ден сѐ повеќе расне, а во кругот на домашните пивари има најразличен профил на луѓе, од професори, до студенти и тоа е она најпрекрасното“, вели Димитар.

Своите први пивски креации тој ги дегустирал со најблиските пријатели кои биле и негови единствени критичари.

„Постепено, како што готвев нови и нови пива, покрај моите пријатели, почнаа да ги дегустираат и другите пивари, мои колеги, а изминатиов период имав шанса да земам учество и на повеќе јавни настани и да ги презентирам моите пива кои можеше да ги вкуси буквално секој посетител. Јас пак не се врзувам за одредено пиво или стил и сакам да го приготвувам тоа што ме интересира во моментот и сум амбиоциозен во следењето на глобалните трендови. Се разбира онолку, колку што ми дозволуваат условите.

Токму поради таа причина варам пиво во есен – зима во Скопје, а во лето во Маврово, кадешто пивото може помирно да ферментира на прифатлива температура. Обично за едно подготвено пиво во домашни услови се потребни околу 45 денови, во зависност од стилот на пивото“, објаснува тој.

Вели дека постојано нешто менува, а количината на произведено пиво постојано се зголемува.

„Како и секој пивовар почнуваш да готвиш со најголемото тенџере од 20 литри и вреќа за слад. Инаку, сите потребни материјали можат да се набават во специјализирана продавница во Скопје (Пиводром). Тоа многу ги олеснува работите и можам да кажам дека на секоја средба има по еден нов ентузијаст кој го приложува својот труд на дегустација… тие се најубавите моменти на хоумбрувинг сцената кај нас. Затоа е и неопходно да постои здружение, за сѐ почесто да се организираат такви дружења и дегустации, интерни за нас пиварите, и настани од отворен тип, бидејќи пивото се смета како акцизна стока и не постои друго решение, освен да делуваме системски како здружение“, објаснува Димитар.

Тој пак, вели, би можел да готви секој ден. Најчесто готви пива со горна ферментација, познати како Пале Але (Pale Ale), ИПА (IPA), Њу Ингланд ИПА (НЕИПА) – New England IPA (NEIPA), Ваис (Waisse) или пченично пиво.

Од понеобичните што ги има зготвено, го издвојува СПА пивото или како што самиот го дефинира – скопското пале але, кое го готви со цвет од липа. Едно од омилените му е и пивото Пичваис (Peachwaisse), пченично пиво, готвено со праска, како и пивото Бериваис  (Beerrywaisse), зготвено со боровница од Пелистер.

„Сепак, омилено пиво немам, но имам омилен стил, кој варира од време на време. До пред некое време тоа беше НЕИПА, но сега сум жеден за кисели пива (Sour), кои што, не секое непце ги сака и поднесува, а следен предизвик ќе ми биде некој Берлинваис (Berlinerweisse)“, порачува Димитар.