Совети за почетници: Како да направите супа од тоа што имате во фрижидерот?

Во овие студени денови, а веројатно уште повеќе и во оние уште постудени кои следуваат зимава, ќе имате потреба од топла зеленчукова супа која е најдобро решение кога сакате во желудникот да внесете нешто убаво и топло.

0
284

Зеленчуковата супа е најдоброто решение кога сакате нешто вкусно и брзо за да се стоплите. Дури и оние кои не се многу вешти во кујна, можат да си подготват вкусна супа без никаков рецепт, само следејќи ги овие основни насоки.

Прво, за да подготвите вкусна супа, не само што не ви треба рецепт, туку не ви треба ниту комплициран список од скапи намирници. Ако ги следите овие совети, можете да подготвите вкусен оброк од намирниците што веќе ги имате во фрижидерот.

Зеленчукова бистра супа се вари од зеленчук по избор со додаток на вода, малку масло, сол и црн пипер. И толку! Најдобар сооднос за убава супа е литар вода на пола килограм исчистен и исечкан зеленчук, и прстофат зачини. На лажица масло или путер пропржете малку кромид и коренест зеленчук исечкан на парчиња (морков, пашканат, компир) околу пет минути.

Кога зеленчукот ќе омекне и ќе добие „боја“, додадете вода, зачини и варете 20 минути до половина час на умерена температура во зависност од величината и видот на употребениот зеленчук. Не заборавајте да пробате во текот на готвењето за да ги прилагодите зачините.

Она на што треба да внимавате е редоследот по кој го додавате зеленчукот затоа што сигурно не сакате да јадете тврд или преварен зеленчук. Коренестиот зеленчук како морков, компир, пашканат и целер ставајте ги први во тенџерето затоа што им треба најмногу време за готвење. Потоа, ако во супата сакате да ставите на пример, брокула, кељ или тиквица, додадете ги пред крајот на готвењето.
За да ја скратите термичката обработка на сите намирници, зеленчукот исечете го на помали коцки, и потрудете се парчињата да бидат со отприлика иста големина за да се сварат во исто време.

Вака сварениот зеленчук можете да го претворите во фина крем супа со помош на миксер или на блендер и малку павлака за готвење. Вкусот на супата ќе биде подобар ако се фокусирате само на една или две намирници – на пример, на карфиол, морков, брокула или тиквица. Наполу сварениот зеленчук измешајте го со малку павлака за готвење и вода, па продолжете да готвите уште неколку минути додека сите намирници не се соединат.

Совет плус: 
Прилагодете го вкусот на супата по свој вкус или обидете се да експериментирате – ароматизрајте ја супата со малку ѓумбир и чили пиперче, магдонос, копар или рузмарин.

Доколку е супата бистра, вкусот можете да го збогатите и со малку ситни тестенини, ориз или кнедли од гриз.

Густите супи можете да ги сервирате со малку пармезан, да им додадете јогурт или некои зачини од типот на мускатно оревче.

Фото: Pixabay