Со што сѐ можете да си го зачините кафето?

Да, да, и кафето може да се зачини и со тоа да му дадете некој поинтересен или дури и егзотичен вкус.

0
118

Се сеќавам дека од секогаш во кафето сум додавала разни нешта, па многумина коментираа дека не сум вистинска кафеџика зашто го расипувам вкусот на кафето. И точно, за да се почувствува вистинскиот вкус на кафето, најдобро е да се пие чисто. Ама и тоа знае да здодее. Затоа, одвреме навреме додадете си нешто поинакво во вашата шолја кафе. Мене ми беше омилен вкусот на кафе со слатко од зелени смокви. Смоквата си ја ставав во тацна, а слатката течност во кафето, наместо шеќер или мед. Подоцна, иако со овој вкус почнав заради главоболката, и кафето со лимон ми стана омилен вкус па често го пијам иако се чувствувам одлично. Често во кафето додавав и цимет.

Но постојат уште многу зачини кои можете да ги додадете во своето кафе и да добиете некој поинтересен или дури и егзотичен вкус.

Ако црното кафе ви е омилено, но сепак сакате да добиете малку поинаков вкус, можете тоа да го направите на овој начин …

Цимет

Ќе почнеме со циметот бидејќи тој е еден од најлесните начини на кои можете да додадете вкус на вашето кафе. Исто така, содржи многу антиоксиданти и го зајакнува имунолошкиот систем. Затоа, освен што е вкусно, тоа е и здраво. Додадете едно стапче цимет во садот за време на подготовката на кафе или со помош на лажица додадете малку мелен цимет во вашата шолја и уживајте во одличниот вкус.

Екстракт од ванила

Ако ви се допаѓа кремастата текстура што ја дава комбинацијата на кремот за кафе крем и шеќерот, но не ги сакате дополнителните калории што доаѓаат со нив, најлесен начин да се постигне истиот ефект е со додавање на екстракт од ванила. Но, не претерувајте со дозите и сетете се на онаа познатата поговорка – помалку е повеќе. За време на подготвувањето, додадете една капка во шолја кафе или две до три капки во лончето.

Кардамом

Тој е полн со растителни влакна и есенцијални минерали и докажано е дека ја подобрува циркулацијата. За да го користите правилно, иситнете го, а потоа додадете прстофат или два во свежо сварено кафе. Покрај тоа, можете да го додадете семето во кафето пред да го смелите за готвење.

Морско оревче

Малку сладок вкус на морско оревче може да биде одличен избор за вас кога станува збор за вашето прво утринско кафе. Освен по вкусот, морското оревче е познато и по својата арома. Но, понекогаш е проблематично да се дозира. Затоа, експериментирајте додека подготвувате кафе. За почеток, започнете со многу мала доза, 1/16 лажичка и зголемете ја дозата подоцна ако сакате да го подобрите вкусот и мирисот.

Парчиња какао (Cacao Nibs)

Парчињата какао имаат многу интересна текстура. Иако потсетува на чоколадо, особено на темно чоколадо, нивната текстура потсетува на малку помеки јаткасти плодови. За идеален вкус, додадејте 1/2 лажичка парченца какао во мелницата за кафе, заедно со зрната за две шолји кафе и уживајте во чоколадниот вкус.

Ѓумбир

Ако немате или не сакате веднаш да додадете кардамом во вашето кафе за да започнете да експериментирате, можете да пробате и со ѓумбир. Оваа одлична намирница ќе ја претвори вашата шолја кафе во уникатен пијалок. Ако немате свеж, додадете малку ѓумбир во прав.

Лаванда

Друг интересен и различен начин со кој можете да го промените вкусот на кафето е лавандата. Токму таа ќе го трансформира вашиот омилен пијалок и ќе му даде цветен вкус. Затоа, истурете малку исушена лаванда во својата мелница за кафе и потоа додадете го кафето. Но, како и секогаш, не претерувајте. Започнете со помала доза и постепено зголемувајте ја ако сакате посилен вкус.

Sвездест анис

Овој додаток можеби не е според сечиј вкус. Но, штом ќе се меша со високо квалитетно кафе, вкусот што ќе го добиете е навистина уникатен. Повторно, не претерувајте. Половина од плодот е повеќе од доволно за една шолја кафе. Ако додадете премногу, тоа би можело да стане премногу силно. Исто така, најдобро е да експериментирате со дозата додека не ја пронајдете совршената рамнотежа на вкусови.

Каранфилче

Друг вообичаен зачин што речиси секогаш го имаме дома е каранфилче. Комбинацијата со кафето ќе му даде мошусна нота на вашиот напиток што ќе сакате повторно да уживате секое утро. Пред да го подготвите, додадете во кафето неколку парчиња каранфилче, а ако подготвувате само една шолја, намалете ја нивната количина, за да нема премногу силен вкус. За да ја постигнете посакуваната рамнотежа, експериментирајте со дозата и започнете повторно со помала доза па зголемувајте ја по потреба.

Фото: Pixabey