Сучам, сучиш, сучи, сучиме, сучите, сучат…Ќе учите да сучите?

Наместо со нуркање, едрење,  банџи скокови, рафтинг, скај дајвинг или возење со глисер, годинава летниот одмор можете да го искористите за да научите да сучите, да трагате по тартуфи и шафран, да плетете кошници, да едрите по езеро, да ѝ се вратите на традицијата, или допрва да ја запознаете

0
1536

Ако изминатите години одевте, планиравте да одите или само сонувавте летниот одмор да го поминете во Шпанија, Египет, на Кипар, во Турција, Хрватска, или дури на Бали, Тајланд и Мароко, годинава, дефинитивно, повеќето од нас остануваат тука, во Македонија, а одморот го минуваат, во Охрид, Струга и Дојран, но и во Дихово, Брајчино, Беловиште,  Лазарополе, Тресонче, Смоларе, Рамне…

И наместо со нуркање, едрење,  банџи скокови, рафтинг, скај дајвинг или возење со глисер, годинава летниот одмор можете да го искористите за да научите да сучите, да трагате по тартуфи и шафран, да плетете кошници, да едрите по езеро, да ѝ се вратите на традицијата, или допрва да ја запознаете, да научите сѐ што сте заборавиле, а можеби некогаш порано, сте го правеле заедно со вашите баби и дедовци.

Токму во кујната на баба ѝ почнала и кулинарската приказна на Наташа Неданоска која сега заедно со своето семејство и нивната ПИРУСТИЈА, како што е името на нивното селско домаќинство сместено на три километри од Охрид, во селото Рамне, е дел од платформата Genuine Experiences.

Што е Genuine Experiences?

Станува збор за онлајн платформа која нуди повеќе автентични туристички доживувања од пограничниот регион на Македонија и Албанија. Зад оваа идеја/визија за создавање на одржлив автентичен туризам во Македонија и Албанија стојат две жени – стружанката Јасминка Поповска и охриѓанката Катерина Василеска.

„За наша голема среќа, нашата идеја и желбата да промовираме одржливи форми на туризам, наидоа на поддршка од Европската Унија преку нивната програма за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. На самата платформа ѝ претходеше повеќемесечно истражување на меѓуграничниот регион, идентификување на потенцијални соработници за платформата, организирање десетици обуки, директни менторирања на терен. И на крај – создавањето на букинг платформата https://genuinexperiences.com/.

Лансирањето на платформата беше предвидено уште во 2018, требеше да биде отворена за јавност во 2020, такашто Ковидот и нас не затекна, и ја пролонгираше промоцијата. Нашата примарна целна група беа странските туристи за кои нашите секојдневни активности би биле егзотика. Но со оглед на новонастанатата ситуација, ја сменивме стратегијата и дел од искуствата кои сметаме дека би биле интересни и за домашните туристи ги отворивме за резервирање за летната сезона.

Нашите соработници кои нудат искуства на платформата се луѓе со кои долго време се познаваме и сме соработувале претходно, биле дел од други наши активности и проекти, и природно беше соработката да се развие и на платформата. Многу важен дел, од нашиот бизнис модел е општествената одговорност – ниту едно од нашите искуства на ниеден начин не ѝ штети на природата, не го нарушува животот на луѓето и местата кадешто живеат, и сакаме да пронајдеме начин да помогнеме во местата кадешто делуваме. На пример, секој од нашите понудувачи во слободното време, организираат волонтерски активности со кои помагаат во своето место на живеење и на луѓето околу нив. На пример, бесплатни тури и обуки за лица од ранливи категории, отворени денови за посета на фамилии, бесплатни детски претстави, итн“, објаснуваат Јасминка и Катерина.

Што е Пирустија Неданоски како дел од платформата?

„Ние во Пирустија сме четиричлено семејство Неданоски, Наташа и Васко, и двата сина, Христијан и Петар. Веќе десет години ја одржуваме семејната стара камена куќа која ја реставрираме зачувувајќи го автентичниот изглед и го облагородуваме просторот околу неа. Осум години се занимаваме со мини сточарство, т.е. за наши потреби чуваме и размножуваме животни и птици на нашата мала фарма. Идејата се роди од можноста нашите деца да јадат здрава и свежа храна произведена во селски, еколошки услови. Од неодамна вклучивме и земјоделство во нашите активности, одгледувајќи зеленчукови насади.

На платформата Genuine Experiences сме присутни со подготвување на традиционална храна – конкретно, месени јадења од брашно, како што се: пита, преснец, кошмишпите, ѓомлезе и омилениот комаТ.  Спецификата е во тоа што храната се пече под сач (вршник) на пирустија, од кадешто доаѓа и нашето  име.

Целиот концепт се состои во тоа гостите да доживеат еден исполнет ден на село. Тие не се пасивни порачувачи и консументи на храна, туку се активни посетители кои  можат да се вклучат во целиот процес. Ги пречекуваме со домашно слатко од нашите овошни насади и изворска чиста испитана ладна вода. Подготовката на комадот и целата негова изработка се случува пред очите на посетителите, од сеење на брашното, сечкање на зеленчукот, збирање јајца од кокошарниците, месење на тестото, сучење и на крај процесот на печење.

Додека комадот се пече, гостите можат да уживаат во сезонска салата, сирење, ореви и домашна ракија, а со комадот се послужува и домашно кисело млеко. На крај секако следува домашно приготвен десерт, чаша домашно вино и шоља кафе.

Различноста овде е што гостите се опуштени, имаат слобода на движење, ги посетуваат животните во фармата, смеат да ги нахранат или погалат, имаат можност да соберат плодови од бавчичката или да се вклучат во некој од процесите на изработка на храната. Во Пирустија доаѓаат фамилии со деца на кои повеќе од корисни им се безгрижноста и  несекојдневните доживувања. Надвор од градската гужва, со поглед на езеро, гостите уживаат во приватноста зашто тој ден кој си го закупуваат преку платформата е токму само за нив“, раскажува Наташа.

Нешто повеќе за обуката „Учиме да сучиме“

Гостите на семејството Неданоски имаат слобода на вклучување во процесот на изработка на храната, а бидејќи се покажало дека најчесто тие сакаат да пробаат да сучат, дошле до слоганот „Учиме да сучиме“.

„Можеби моето трпение и професионалната обврска како професор во училиште придонесува јас да сакам да го пренесам моето знаење и искуство. На крајот од денот, исполнетоста со која ќе си оди гостинот е непроценлива кај двете страни. Особено ми се драги гостите од Македонија кои имаат интерес за старинските рецепти, а уште повеќе за старинските методи и процеси на изработка на специјалитетите. Тоа е веќе повеќедимензионално задоволство кое опфаќа неколку нивоа: задоволни гости, исполнети со радост, пренесување на традицијата и зачувување на истата со надеж за нејзино заживување во современиот начин на живот. Секако дека ова ќе ми биде мотив плус за ваков вид работилници кадешто дел од заинтересираните љубители навистина ќе се научат да сучат.

Кај мене желбата да сучам се роди од мали нозе, кога баба ми ми даваше мало сукало за да бидам мирна и да се плеткам околу неа додека таа работи. Но, секогаш ги печеше моите теста кои први се послужуваа на масата. Имав само 10 години кога го направив и првиот комаТ. Неговиот квалитет е друга приказна, ама задоволството од успехот ми е трајно врежан. Сите начини на готвење ги гледав од мајка ми и баба ми. Тие имаа различен пристап кон тестото, но иста страст и љубов која ми ја пренесоа. Самиот мирис на тазе испечен комаТ кој го зближува целото семејство на маса како никое друго јадење е посебна филозофија. Тоа е такаречено фестивал, заслужено наградување. Малите ситни тајни кои сум ги „украла“ од нив, до ден-денес ги користам и усовршувам.

Сега, од оваа перспектива, мојата филозофија е да го произведувам она што го користам во исхраната. Комадите ги правам со фил од спанаќ, блитва, коприви или праз кои сама ги одгледувам. И јајцата кои ги користам се од нашите кокошки. Сирењето и киселото млеко најчесто ги изработувам сама, со млеко од локалните фармери.

Предизвик за во иднина ми е :сите градски рецепти за тесто на мајка ми и баба ми да ги доусовршам и да ги прилагодам на селски услови за печење на пирустија под сач (вршник).

Ако за мене направам успешни кулинарски приказни, јас ќе пренесам дел од мојата животна приказна на моите најмили, на гостите, на сите кои ќе сакаат да ја примат таа љубов и енергија и исполнети да си одат, до следното видување“, ни раскажа Наташа, која е само еден мал дел од целата приказна на Genuine Experiences.