Томи Џагора: Побегнавме од урбаниот хаос во нова приказна – станавме производители на микросалати

Во последно време не може да се види убава чинија со храна која не ја красат прекрасни млади билки во различни бои и форми, како од друга планета. Нашиот соговорник е првиот регистриран производител на микросалати во Македонија и снабдувач на нашите најдобри готвачи кои точно знаат што е круната на секоја добра чинија со храна

0
2442

Нашиот соговорник Томи Џагора и неговата сопруга се родени, пораснати и долго време живееле во центарот на Скопје. Тој е дипломиран агроном кој, како што вели, веднаш по дипломирањето, за жал, многу кратко време, имал можност да работи во струката. Но желбата еден ден повторно да ѝ се посвети на професијата, и тоа на еден уште поубав начин, никогаш не ја снемало.

„Со мојата фамилија сме големи љубители на природата. Иако и јас и мојата сопруга сме родени и живеевме во строгиот центар на Скопје, тоа не беше пречка, напротив, ни беше предизвик и желба уште пред  повеќе од десетина години да избегаме од урбаниот хаос. Се преселивме во приградската населба Соње, во тогашната викендица на мојот татко. Со текот на времето изградивме и оформивме фамилијарен дом, токму на  660 метри надморска височина“, раскажува Томи.

Пред три години одлучил дека е момент да ѝ се врати на својата професија, иако сѐ уште немал точна визија во која насока би се определил.

„Клучниот момент за носење на одлуката за производство на микросалати (microgreens), беше идејата дека треба да станува збор за производ кој ќе биде релативно нов, а со примена на современа  технологија, пред сѐ, со богата нутритивна вредност и примена на органски компоненти при неговото производство. А сето тоа да биде во склоп на местото каде што живееме. Така се одлучив за производство на микросалати.

Влегов во овој бизнис за кој незнаев многу, но мојата желба и истрајност вродија со плод. Патот не беше лесен, имајќи предвид дека кај нас дотогаш немаше искуство во оваа област, но благодарение на странска литература, како и на остварени контакти со мои колеги кои  подолго време веќе работат надвор од нашата држава, најпрво направив експериментално производство. Беа потребни шест  месеци за да бидам сигурен во начинот на производство, потребните услови, квалитетот на производот и да направам анализа на пазарот.

По севкупната анализа, како фамилијарен бизнис го регистриравме во Регистарот на индивидуални земјоделци и сме први производители на микросалати во Македонија, и тоа во контролирани услови“, вели нашиот соговорник.

Жолт сончоглед

Тие сега произведуваат десетина видови на микросалати, од сончоглед, брокула, црвена зелка, рукола, црвена ротквица, коријандер, грашок, пченка, мустард, мунго грав, дајкон….

Жолт и зелен грашок

„Нашите призводи се наменети за сите, многу се здрави и како МИКРО ФАРМЕРИ се трудиме општеството во кое живееме да стане една поздрава и подобра средина.

ПченкаНашите производи се наменети за широк аудиториум, од ресторани до поединци кои претпочитаат квалитетен начин на живот, оние кои имаат свест за здрав начин на исхрана, сакаат храна која не е прскана, ниту третирана со било каква хемија и која потекнува од семе кое не е хемиски третирано. Нашите микросалати може да се најдат во чиниите на најпознатите ресторани, но и во многу домови.

Како што знаете микросалатите (microgreens) се млади билки од зеленчук или зачини, кои се користат во исхраната штом се формираат правите листови. Впрочем, во таа фаза производот е со зголемени хранливи материи, а истражувањата покажуваат дека  нутритивната вредност на микросалатите во тој период е од четири па до четириесет пати поголема во однос на плодот што обично го користиме. Иако составот варира од производ до производ, најчесто содржат високо ниво на калиум, железо, цинк, магнезиум, бакар, проткаено со изобилие на аминокиселини, ензими и антиоксиданси, а  најмногу полифеноли.

Основни три компоненти на микросалатите кои што ги прават препознатливи се тоа што се вкусни, хранливи и декоративни“, објаснува Томи.

За него и за неговото семејство сето ова е една заедничка семејна авантура и воопшто не им е тешко тоа што работниот ден им почнува од 5 часот наутро, а трае сѐ до доцните вечерни часови. Вели дека е сѐ така како што треба да биде токму поради взаемната координација на сите членови во семејството.

„Производството на микросалатите е краток процес, но истиот бара континуирано секојдневно присуство во процесот на производство, од садење, контрола на квалитетот на температурата, влажноста во воздухот, нивото на потребна светлина, вентилацијата Но, тоа е почеток на денот…понатаму следи режење на тековните нарачки (внимаваме режењето да биде непосредно пред секоја испорака за да се зачува квалитетот и трајноста на микросалатите), нивно пакување, организација и достава до секој нарачател. Во меѓувреме се ажурираат маркетинг податоци на социјалните мрежи, се следат прашања, одговараме на пораки…….и денот завршува околу 23 часот со комплетирање на нарачките од рестораните за утрешниот ден. Динамичен ден, кој за нас е веќе рутина, но во кој несомнено е потребна поддршка од повеќе извршители.

И конечно, и најдобро од сѐ е што успеав во мојот бизнис, кој од една страна ми носи профит и лично задоволство, а од друга страна среќен сум што можев да ги „донесам“ микросалатите во Македонија и да им помогнам на многу луѓе на кој им е важен здравиот начин на исхрана.

Секако, тука не застануваме. Планираме да го прошириме асортиманот на нашето производство и тоа според советите на нашите потрошувачи. Позитивна работа е што имаме директен контакт со нив, па тие самите ни пренесуваат што би сакале да се најде во нашата понуда, што им е тешко или невозможно да го најдат на нашиот пазар и што виделе надвор од нашата држава. Едноставно, односот и слухот со потрошувачите е клуч за успех“, порачува Томи Џагора, првиот регистриран производител на микросалати во нашата земја.