„Туто андра бене“! (Сè ќе биде добро!)

Меѓународната организација Слоу Фуд, неодамна, во контекст на актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот порача дека сега, повеќе од кога било досега, верува во важноста на солидарноста и на локалните заедници. Таа ги повика своите членови да ја споделат својата приказна за тоа како реагираат на оваа криза и да ги инспирираат и другите да го сторат истото. Направете нешто добро за својата заедница или, како што се вика сега во 'коронскиот јазик' - Ве предизвикуваме на добрини!

0
302

Актуелната состојба со коронавирусот # COVID19 ги ​​наруши животите на речиси секоја земја во светот. Европа е во моментов епицентар на пандемијата, многу земји се затворени, луѓето се во карантин во своите домови, затворени се и училиштата и работните места, а работат само суштинските дејности.

Во оваа состојба, меѓународната организација Слоу Фуд, која своите цели за одржлива храна и промоција на локалните мали производители се обидува да ги реализира преку агенда насочена против глобализација на земјоделството и гастрономијата, испраќа порака на солидарност до сите оние кои се погодени од оваа криза, а такви се безброј.

Светската Слоу фуд организација во своето обраќање до своите членови вели:„Размислете, на пример, за рестораните што се затворени со недели. Исто така, сакаме да испратиме порака на надеж: во Италија, кадешто се наоѓа нашата матица, децата на нивните прозорци држат големи цртежи на кои пишува: ‘Туто андра бене’ – сè ќе биде добро.

Иако седиштето на ‘Слоу Фуд’ на северот на Италија требаше да биде целосно заклучено, ние продолжуваме напорно да работиме за поддршка на малите одржливи производители на храна и да ги охрабриме сите граѓани да изберат добра, чиста и правична храна.

Во неодамнешното интервју Претседателот на Слоу Фуд, Карло Петрини понуди зборови на надеж и охрабрување не само за Италијанците, туку и за остатокот од светот:

‘Ни беше дадена можност да направиме промена на парадигмата. Повторно да се воспостави систем што ќе им даде повеќе простор на териториите и заедниците. Предвидувам дека прашањата на одржливост и суверенитет на храната ќе се најдат на врвот на агендата. Повеќе не можеме да мислиме дека храната ја произведува една компанија за сите. Ние го украдовме просторот од селата, мора да го вратиме за да започнеме со примарна економија во служба на локалните заедници’.

Слоу Фуд повеќе од кога било досега, верува во важноста на солидарноста и на локалните заедници. Во овие недели, нашето движење ги стави во функција овие принципи.

Ние сакаме да се поврземе со секој член и следбеник на Слоу фуд. Дали имате рецепт за споделување? Дали вие и вашата локална заедница сте создале иновативни начини да им помогнете на луѓето да најдат добра, чиста и правична храна? Дали имате порака за солидарност? Ние сакаме да ги споделиме вашите приказни – без разлика дали сте готвач или производител, учител или активист, без оглед на вашата заднина и експертиза, споделете со нас како реагирате на оваа криза и инспирирајте ги другите да го направат истото.

Како можете да ја споделите вашата приказна?

Споделете ги вашите пораки, идеи, видеа и слики на социјалните мрежи, користејќи го хаштагот #SlowFoodSolidarity и означете нè. Ние ќе се потрудиме да ги репостираме на главните канали на Слоу фуд“, велат од интернационалната организација.

А неколку од овие приказни се токму од Балканот и Турција. Во состојба кога сè повеќе луѓе не можат да си обезбедат секојдневни намирници, се зголемуваат знаците на солидарност во рамки на целата мрежа на Слоу фуд, низ целиот Балкан и Турција.

Сега, повеќе од кога било, директните синџири на снабдување стануваат клучни за да се обезбеди пристапот на луѓето до храна. Во тој контекст, земјоделците и производителите кои се дел од Слоу фуд нашле начин да обезбедат свежа храна за своите заедници. Низ Балканот и Анадолија, малите земјоделци продолжуваат да доставуваат храна од врата до врата.

Во Романија, пак, Слоу Фуд од Клуј, Трансилванија, соработува со локалниот тим за одговор при итни случаи во заедницата за да обезбеди храна за старите лица и на оние на кои им е најпотребна. Еден локален Слоу Фуд Конвивиум во Клуј заедно со Универзитетот за агрономски науки и ветеринарна медицина доставуваат храна од врата до врата произведена во објектите за преработка на храна во Кампусот.

Следејќи ја веста дека поради новиот коронавирус аптеките имаат недостиг на средства за дезинфекција на рацете, Џим Трнбул, од Президиумот во Романија, одлучил да ѝ помогне на заедницата со тоа што почнал да изработува средства за дезинфекција на рацете.

Во Турција, Слоу Фуд работи во соработка со Општина Измир за подобрување на врската помеѓу градот, селото и производителите на храна кои живеат во руралните области што го опкружуваат градот.

Општина Измир – кадешто ќе се одржи манифестацијата Тера Мадре Анадолија 2021, штотуку започнала нова иницијатива за организирање дистрибуција на кооперативни производи за семејства кои имаат најголема потреба од нив и за стари лица кои не можат да ги напуштат своите домови.

Мрежата на Слоу фуд не работи напорно само за да обезбеди снабдување со храна – многумина наоѓаат начини да ја одржат жива сегашната мрежа, користејќи ја затвореноста за изнаоѓање алтернативни можности за мрежно поврзување и размена на идеи.

Ве повикуваме и вие, без разлика на тоа дали сте или не сте член на оваа голема меѓународна организација, да ги споделите вашите мали приказни за солидарност во оваа кризна состојба и да бидете инспирација за останатите. Или како што се вика сега по ‘коронскиот јазик’, ве предизвикуваме!

И да веруваме дека навистина повторно – „Туто андра бене“! (Сè ќе биде добро!)

Фото: Pexels