Туф, туф, тартуфииии

Додека готвачите уште не можат да се усогласат дали е тартуфот намирница или зачин, сите се согласни дека кога некој еднаш ќе го почувствува овој карактеристичен вкус, ќе го сака засекогаш. Нашата соговорничка, производител на деликатеси од тартуфи, која заедно со сопругот е сопственичка и на единствената сертифицирана одгледувачница на кучиња-трагачи по тартуфи, ги користи наместо „вегета“, како зачин за сѐ. 

0
976

Тартуфите се најценетите и најскапи печурки на светот и за нив и за нивните лековити својства луѓето знаат одамна и општо е познато дека овој скапоцен деликатес претставува природен лек за виталност на целиот организам. Овие плодови со силен, специфичен мирис, во црна или бела боја, навидум се неугледни и потсетуваат на компир, а под земјата живеат во симбиоза со коренот на некоја билка или стебло и од тоа зависи нивниот мирис. Благодарение на специфичната арома тартуфот е гастрономски специјалитет што се додава во јадењето во изрендана форма или на тенко сечкани листови, односно, едвај во грамови. Заради високата цена токму така и се продаваат најчесто, мерени на грамови или спакувани во различни деликатеси со тартуфи. Јадењето е специјалитет и само кога е тартуфот присутен во него, во најминимално количество.

Додека до скоро тие беа работа на престиж и само ретките имаа привилегија да уживаат во нивниот единствен мирис и вкус, сега стануваат подостапни за сите, па за да ги пробате не мора да влегувате во некој скап ресторан кадешто ќе ви биде страв и да ги мириснете, туку можете да си купите 10-15 грама и да си ги изрендате врз шпагети или барем да купите некој од производите во кој доминира мирисот на тартуфите.

Едни од најзаслужените за ова се нашата соговорничка Валентина Митрова и нејзиниот сопруг Тони. Или поточно, Тони е „виновен“ за тоа што тартуфите влегле во нивниот дом, а Валентина за сите оние комбинации кои ги прави со нив и ги пакува во вистински деликатеси: сол со тартуфи, масло со тартуфи, намази со тартуфи, па дури и слатко од лути пиперчиња и тартуфи. Валентина го користи тартуфот наместо „вегета“, односно, како зачин за сѐ, па дури пие и чај од сув тартуф. Да, таа ги суши тартуфите за да се осигура дека ако во текот на годината има недостаток од тартуфи, тие сепак ќе имаат барем суви. Работата е во тоа што кога ќе ги пробате еднаш, потоа аромата на тартуфите постојано ќе ви недостасува.

Токму тоа им се случило и на Митрови, чиј дом е исполнет со мирисот на тартуфите, особено кога Валентина ги подготвува своите специјалитети.

А сѐ почнало со Италијанката Берта. Која е пак сега Берта?

Таа е нивниот домашен миленик и прв член на одгледувачницата, која е прва и веројатно единствена сертифицирана одгледувачница на кучиња од расата лагото ромањоло, кои се познати како трагачи по тартуфи. Имено тартуфот може да биде намирисан под земја само од добро истренирани кучиња или најчесто од истренирана свиња! Сепак, кучињата се подобар избор, бидејќи свињите почесто ги јадат, па така нема голем ќар.

Но да се вратиме на приказната на Митрови.

„Мојот сопруг од секогаш ги сакаше животните и планината. Јас повеќе сакав море, ама често одевме заедно по планини, беревме билки и уживавме во чист планински воздух. Еден ден тој реши да ги спои својата љубов кон планината и кон животните во своето ново хоби – тартуфарството“. Вака ја почна Валентина својата приказна за нивните почетоци пред цели 12 години.

„По професија маж ми е машински техничар, а јас имам завршено Филозофски факултет, родови студии и двајцата сме вработени, ама неговата љубов кон планината и кон животните не доведе до оваа тартуфоманија која сега ни стана дел од животот. Пак ќе речам, Тони е главен виновник. Гледаше како неговите пријатели во Италија, во Франција, во слободно време како хоби си собираат тартуфи, па еден ден одлучи да одиме во Италија, да земеме куче и да одат во планините да го бараат македонскиот тартуф. Така во нашиот живот влезе Италијанката Берта. Јас отпрвин се вознемирив, бидејќи немав искуство со чување куче во стан, па некако се плашев како ќе ја научам сѐ што треба за да не мора цел ден да бришеме по неа, ама излезе дека е многу педантна. Така јас ја научив на домашните манири, а Тони ја издресира во врвен трагач по тартуфи.

Берта ја паревме во Бугарија и се окучи со 11 кучиња. Памтам дека беше многу ладно, а таа едвај одеше. Станот е голем, па маж ми донесе котилица, метар ипол на метар и Берта се породи дома. Последните две кученца останаа живи благодарение на мене. На устата им остана ципата, јас им ја тргнав и им хукнав за да продишат, па им бев и кума, им ги дадов имињата Шила и Петра“, раскажува Валентина сеќавајќи се со нежност за првите рожби на Берта.

Сега тие имаат одгледувачница на кучиња во Новоселски пат, пријавена, одобрена и сертифицирана во Брисел, но ниту едно од кучињата таму не се во крвно сродство.

„Имаме 7 кучиња, сите се обучени трагачи. Не ги оплодуваме меѓусебе, за да немаат крвно сродство и сите се од различни места на светот, од Италија, Атина, Швајцарија, Иран, Франција. Имаме таму куќа, кадешто живее постариот син, а одгледувачницата е по сите стандарди и проверена од инспектори од Брисел кои кога дојдоа да ја проверат, се изненадија од тоа што и во Македонија има вакво нешто.

Но, иако е одгледувачницата направена според сите пропишани стандарди и одобрена од инспекторите, Берта си остана дома, со нас. Таа е толку приврзана што и кога патуваме со кучињата надвор од Македонија, сите кучиња се во своите транспортери на задните седишта, само Берта седи во мојот скут, на совозачкото седиште“, се смее Валентина.

Инаку, тие со кучињата биле во Словенија, Србија и во Хрватска, за да проверат дали нивниуте кучиња можат да го најдат белиот тартуф кој досега го немаат најдено во Македонија.

„Иако некои велат дека белиот тартуф го има и кај нас, јас не можам да тврдам, бидејќи нашите кучиња ги имаат најдено сите видови црн тартуф, ама белиот досега го немаат најдено во Македонија. Меѓудругото, тоа беше и целта на нашето одење надвор, за да провериме дали нашите кучиња можат да го најдат и не само што можеа, туку први го намирисаа“, вели Валентина.

Инаку, тие имаат одлична соработка со луѓе кои се занимаваат со тартуфи, од секаде, од Италија, Франција, Швајцарија, Иран, а со оние од Хрватска и Србија, си помагаат кога има недостиг на тартуфи, па дури се случило да им праќаат на Хрватите тартуфи кога ќе имаат потреба од дополнителна количина.

„Нам не ни се случило досега да имаме недостиг од тартуфи, бидејќи имаме цела екипа кучиња-трагачи, но затоа се консултирам со нив околу рецептурата на производите што ги правам. Бевме кај луѓе кои се занимаваат со тартуфи во Швајцарија, Италија, Франција, во Истра не сме биле, но и таму имаме контакт со тамошните познавачи околу рецептурата на производите. Благодарение на мојот сопруг, тартуфарството сега е присутно и на Косово. Имено, луѓето на кои им дадовме едно од нашите кученца, се од Призрен. Тие не побараа и бидејќи дотогаш никој во Косово немаше најдено тартуфи, отидовме таму и сега тие луѓе ни се најдобри пријатели. Инела е професорка по германски јазик, а нејзиниот сопруг Илдиз е професор по економија на приватен универзитет во Призрен. Првиот пат кога бевме кај нив за да им го однесеме кучето, Илдиз и Тони отидоа на терен и се вратија со 3 килограми тартуфи.

Хрватите пак ми помогнаа кога сакав да направам вино со тартуфи, кое го презентирав пред неколку години на Винодонија. Направив мала количина од само три литри благо вино, рецептот беше одличен и излезе навистина фантастично. Претходно, бидејќи сопругот постојано одеше по тартуфи, сфатив дека ќе морам да почнам да правам нешто со нив. Истражував, читав, се допишував со луѓе во Англија, па дури и во Иран, кои имаат докторски дисертации на темата – тартуфи. Се консултирав и со нашите професори на Технолошки факултет, ми помогнаа и тие, не велам не, секогаш беа на располагање, ама ми требаа повеќе информации, па така почнав да контактирам со луѓе кои имаа научни истражувања и сите беа расположени за соработка и несебично го споделуваа со мене своето знаење за тоа како да постапувам со тартуфите кога ќе ги ставам во производ. Имено, тартуфот мора да се обработи на одредена температура зашто ако таа се надмине ќе исчезнат сите витамини и минерали.

Истражував пет години и најпрвин направив тартуфи во маслиново масло, потоа намаз од маслинки со тартуф, потоа намаз со тартуфи и шампињони и буковки.

Обележував на кој датум се направени, потоа следев какви се после 3, 6, 9, 12 месеци и уште имам некои кои и после две години се во одлична состојба. Само намазите со шампињони и буковки не ги правам за продажба, туку само за нас дома, за соседи, роднини и пријатели, бидејќи сѐ уште не сум спремна да го ставам овој производ во продажба. Патем, соседите ни се и први дегустатори за секој нов производ. На плацот кај одгледувачницата во Новоселски пат, имаме куќа кадешто живее постариот син Златко со семејството па кога ги правам новите производи и ќе ја почувствуваат аромата на тартуфите, соседите веднаш доаѓаат на дегустација. Јас дома најмногу употребувам маслиново масло со тартуфи, а свежите ги јадеме најмногу рендани врз тестенини, слаткото пак многу добро оди со печено месо, палента редовно правиме со сув тартуф, ориз исто така.

Мојата внука Ева, од постариот син, има 4 ипол, години, а јаде тартуфи од 15 месеци. Секако, прво се консултиравме со педијатарка во Америка, која ни кажа дека може да се јаде од 15 месеци, но и дека се препорачливи за бремени жени бидејќи го зацврстуваат плодот. Таа ми кажа дека се добри и за плодност. Можеби беше случајност, но мојата пријателка која немаше деца 10 години, остана бремена откако почна да консумира тартуфи. Мојот син и снаата, пред Ева, немаа деца пет години, а јас не знаев дека лекот е кај нас. Кај мојата снаа тартуфите помогнаа за нејзиниот хроничен бронхит, па така за здравствените придобивки на тартуфите можам да зборувам само од искуствата на тие околу мене“, објаснува Валентина.

А кога сме кај семејството, останува да се каже и најважното. Сите учествуваат на некој начин во целата оваа тартуфоманија, Златко оди со татко му на терен, а помладиот син Стефан пак е заслужен за отворањето на фирмата на која ѝ го дале името „Евал“, кованица од имињата на бабата Валентина и внуката Ева. Имено, Стефан, како подарок за мајка си за 8 март, ја изненадил со тоа што ја регистрирал фирмата, за која претходно тие не можеле да најдат начин како да ја отворат. Со оглед на тоа што биле први кои побарале да отворат фирма за тартуфи, никој не знаел да им каже како да го стават тартуфот во правилник, ама Стефан нашол начин и ѝ ги донел документите на маса баш за 8 март. Практично, Стефан го направил брендот „Туф“, а Валентина си ја смислила кованицата „Евал“.

Неа ѝ помага и снаата Ирена која имавме можност да ја запознавме на пазарот во „Јавна соба“ кадешто заедно со Валентина ги презентираше нивните производи.

На крајот, како информација и совет, од Валентина добивме и инструкција како да се исчистат тартуфите пред употреба.

„Тартуфот не се мие, туку пред употреба внимателно се брише од земја со посебни четкички, токму како дијамантите“, порачува Валентина.