Чај од жалфија – придобивките од една од најценетите и најстари билки

Чајот од жалфија има силно антиоксидативно дејство и помага при многу болести. Почнувајќи од помагање на жените во менопауза до решавање на проблемите со холестерол.

0
783

Жалфијата е една од најстарите и најважните лековити растенија, па сите древни медицински текстови ја имаат во своите содржини. Во античко време жалфијата се сметала за лек за речиси сите болести, како средство за намалување на телесната температура, за лекување на главоболки, болка во устата, грлото и респираторниот тракт, за воспаление на уринарниот тракт и мочниот меур. Исто така се користела и за лекување на воспаление на цревата, желудникот, црниот дроб, жолчното кесе и уринарниот тракт.

Старите Римјани сметале дека е свето растение и пред бербата изведувале одреден ритуал. Користеле специјални церемонијални ножеви во кои немало железо, со цел да се избегне неговата реакција со жалфија. Собирачите на жалфија морале да носат комплетно чиста облека и да имаат чисти нозе, а пред почетокот на бербата било потребно да се принесе жртва во вид на храна.

Чајот од жалфија има многу лековити својства. Тој е стимуланс, диуретик и експекторанс; има антиинфламаторно, антиоксидативно и антимикробно својство, а служи и како засилувач на апетитот.

Поради овие карактеристики, чајот од жалфија може да обезбеди многу здравствени придобивки. Има антимикробно својство и може да помогне во елиминирање на бактериите кои предизвикуваат расипување на забите, а обезбедува и одличен третман за болката во устата и грлото.

Чајот од жалфија има и антиоксидантно дејство Антиоксидансите делуваат како чистачи за елиминирање на слободните радикали од метаболизмот и другите токсини од животната средина, како што се чадот и пестицидите кои се задржуваат во организмот. Тие спречуваат оштетување на ткивото, ги забавуваат знаците на предвремено стареење и го намалуваат ризикот од состојби како што се рак и срцеви заболувања.

Консумирањето чај од жалфија ја подобрува меморијата, будноста и вниманието, додека користењето на лисја од жалфија во ароматерапијата ја стимулира само состојбата на будност, а не и меморијата и вниманието.

Чајот од жалфија може да го подобри процесот на учење, запомнување и обработка на информации кај луѓе со лесна до умерена Алцхајмерова болест. Овој ефект се припишува на забавувањето на распаѓањето на ацетилхолинот, невротрансмитер кој игра улога во процесите поврзани со меморијата, чија количина се намалува кај луѓето со оваа болест.

Редовното консумирање чај од жалфија може да ја намали концентрацијата на триглицериди и „лошиот“ ЛДЛ-холестерол во крвта и да ја зголеми количината на „добар“ ХДЛ-холестерол кај луѓето кои имаат проблеми со дислипидемија.

Чајот од жалфија традиционално се користи за намалување на симптомите на менопауза, бидејќи одредени соединенија од жалфијата имаат естрогенски својства, што им овозможува да се врзат за одредени рецептори во мозокот за да се подобри меморијата и да се лекуваат валунзите и прекумерното потење.

За време на менопаузата, женското тело доживува природен пад на естрогенот, што може да предизвика голем број непријатни симптоми, вклучувајќи ги споменатите валунзи (топли бранови), прекумерно потење и раздразливост.

Фото: Pixabay