Шефе, да ’пукне’!

Некои од посетителите и готвачите кои во саботата беа на 11.издание на „Интерскопкејкс“, се натпреваруваа во брзо јадење на гостиварската алва приготвена по традиционален рецепт. На победникот прва му честиташе организаторката Снежана Ангеловска

0
516

И годинава, по 11.пат се одржа традиционалната манифестација „Интерскопкејкс“ во организација на Град Скопје и Хуманитарната организација „Хоа – Ангелчиња“.
Сите оние што во саботата беа таму можеа да уживаат во слатките креации на аматерите и професионалците од Македонија, но и од странство кои ги изложија своите најдобри торти.

Манифестацијата беше поделена во два дела: ревијален и официјален. Во првиот дел некои од посетителите и готвачите кои беа таму се натпреваруваа во брзо јадење на гостиварската алва приготвена по традиционален рецепт.

За жал, алвата немаше можност да ја проба никој од присутните, освен натпреварувачите, а тие ја изедоа навистина брзо…кој порано, кој подоцна!

Сепак, најбрз од сите беше шеф Горан Дукадиноски кој првите честитки ги доби од Снежана Ангеловска, организаторката на оваа и уште една слатка хуманитарна манифестација („Интерскопкејкс“ и „Слатка мистерија“).

Во официјалниот дел од манифестацијата беа прогласени најдобрите изложбени штандови, карвинг мајстори, и победничките торти во двете категории (аматери и професионалци, а жирито имаше навистина тешка задача.

По завршувањето на манифестацијата сите торти им беа подарени на децата од социјално загрозените семејства.