Шеф Виктор Настески од брод закотвен во Довер, порачува: Гответе сами и седете дома!

Поради ситуацијата со коронавирусот, на бродот кадешто неодамна почнал да работи како главен шеф, повеќе нема гости, па Виктор и неговите колеги од кујната работат готвејќи за персонал од 600-700 луѓе. Секојдневно контактира со сопругата Даниела и синчето Леонид, а во обид да го задржи позитивното расположение и да си ја олесни разделбата од најблиските, за читателите на Арт кујна подготвил еден нов рецепт - „Corona balls“

0
1188

Виктор Настески е еден од нашите готвачи кој речиси целата своја професионална кариера ја поминува работејќи на брод.

Почнал да готви уште како дете, подготвувајќи јадење за себе и за својот пет години помал брат. Потоа решил да се запише во сред­но уго­сти­тел­ско училиште, а истовремено стекнувал практично искуство работејќи  во македонските хотели, прво во „Белви“, а потоа во „Холидеј Ин“. Од 2001. година, ја почнува својата ‘бродска’ кариера, а од 2012.до 2019 година ра­бо­ти ка­ко еден од ше­фо­ви­те на куј­на на нај­го­ле­ми­от брод на све­тот Allure of the Seas, Royal Caribbean Cruise Line и е од­го­во­рен за 9 од 25 ре­сто­ра­ни на кр­сто­су­ва­чот, по­зи­ци­ја која му но­си и офи­цер­ски чин.

После краток период на копно,  Виктор неодамна се нашол пред нов предизвик – понуда за работа како главен шеф (Executive Chef) на бродот Oceana, на англиската компанија P&O Cruises.

Заминал на 8-ми овој месец кога, како што вели, ситуацијата со коронавирусот сѐ уште не беше толку лоша.

„Кога стаса понудата за работа, ситуацијата сѐ уште не беше толку лоша и во договор со сопругата, ја прифатив. Тргнавме на 8-ми март, но како што пловевме ситуацијата стануваше сѐ полоша. Требаше да пловиме околу Шпанија и Португалија. Стигнавме на првото пристаниште во Шпанија (Виго) и тука ни беше дозволено да застанеме и да излеземе.

Откако тргнавме од Виго накај Малага и Барцелона, ситуацијата веќе се смени и Шпанија ги затвори границите и пристаништата! Истото го направи и Португалија.

Компанијата немаше друг избор, освен да се вратиме назад во Саутхемптон, но пред да се вратиме застанавме во Гибралтар. Од Гибралтар тргнавме за Саутхемптон, кадешто наместо на 22,март стигнавме 4 дена порано, на 18.март.

Ги испративме гостите и некои од вработените дома и попладнето тргнавме за Довер, кадешто голем дел од нашите бродови ќе бидат стационирани додека ова лудило не се смири. Сите бродови задржаа голем дел од вработените и сега за сега остануваме на бродот и ќе бидеме платени.

Од тогаш, се разбира, на бродот немаме гости но сепак работиме со скратено работно време – за кујната и готвачите никогаш нема одмор. Мора да готвиме за екипажот, нели? Така, моментално готвиме за 650-700 вработени, но сепак имаме повеќе слободно време отколку што е тоа кога на бродот има гости.

Жал ми е поради тоа што излезе вака, но понудата беше на маса и не можев да ја одбијам, а никој не мислеше ситуацијата ќе ги добие овие размери.

Јас имам искуство и знаење околу ширењето вируси на брод, но ова е навистина страшно. Жал ми е што не сум со сопругата и со синот, но се трудам да бидам позитивен и се надевам дека сѐ ќе биде добро.

Мило ми е што пред да заминам ги обезбедив со храна за речиси еден месец, но и ако нешто им недостасува, сопругата знае на кој начин да се заштити. Секојдневно контактираме со сопругата Даниела и со син ми Леонид кој во јуни ќе полни 5 години и ужива да ѝ помага на мајка си во правењето кифли.

Сакам да сум сега дома, ама не можам, и нормално дека сум разочаран, но мора да мислиме позитивно и да се бориме. Фала Богу на бродот немаме заболени“, раскажува Виктор.

Меѓудругото, а очигледно во ситуација кога поради намалените обврски на бродот му останува и малку повеќе слободно време, тој не мирува и се труди да ги расположи своите најблиски соработници. Така ги направил и овие „Корона бомбици“ (Corona balls) од кои ни испрати фотографија и рецепт.

Па еве, доколку ги најдете овие печурки поради кои изгледаат така како што изгледаат, можете да се обидете да ги направите и сами.

Корона бомбици од мелено месо и печурки   

Состојки:

100 г мелено месо (најдобро е мешано телешко и свинско)

10 г кромид, ситно сечкан

1 чешне лук,  ситно сечкан

1 лажица брашно за поврзување на меленото месо

Сол и црн пипер по вкус

Мешан сув зеленчук

Сечкан магдонос

Печурки Енокитаке (ги има во некои од поголемите маркети)

Приготвување:

Се прави смеса од меленото месо и останатите состојки, се формираат бомбици и се боцкаат внатре малите печурки (енокитаке) како на фотографијата.

Секоја бомбица посебно ја набодувате на вилушка и ги обарувате во зовриена вода. Откако ќе се обарат можете да ги испечете во загреана рерна на 200 степени 5 до 7 минути. Послужете ги со доматен сос.