Шеф на кујна во шпански карантин

Горазд Христов со сопругата Стефани и нивниот пријател Даниел, коронавирусот ги затекна во Шпанија, кадешто се сместени во стан со уште двајца Македонци. А кога човек ќе се најде во вака необична ситуација, затворен меѓу четири ѕида, се обидува да си најде некаква занимација. Така 26-годишниот скулптор Горазд Христов секој ден почнал да подготвува ручек за сите петмина кои на ова само велат: „Имало Господ!“

0
1061

Од тотален аматер во кујна, кој досега подготвувал храна само за себе и за сопругата, онака, од кејф, без секојдневна обврска да го прави тоа, со оглед на тоа што во родниот град Скопје многу почести опции за ручек им биле сендвичарите и рестораните, 26-годишниот Горазд Христов, во ситуацијата со коронавирусот, го откри во себе овој, и за него нов талент – готвењето.

Горазд, кој по професија е скулптор, неговата сопруга, фотографката Стефани Христов и нивниот пријател, музичарот Даниел Шилев, пандемијата со коронавирус ги затекна во Аликанте, Шпанија. Тројцата скопјани тргнале на пат со намера да останат 10 дена, но во меѓувреме ситуацијата се смени и тие останаа заглавени во Шпанија.

За среќа, имаат сместување, а тоа е станот на нивниот пријател кадешто се заедно со уште двајца Македонци. Единствена ‘забава’, односно, можност да излезат надвор им е пазарењето во блискиот маркет, нешто во што се менуваат меѓусебе, бидејќи не смеат да излегуваат од станот ниту по двајца. Имено, иако, како што велат, во Аликанте нема голем број заболени од коронавирус, сепак заштитните мерки се уште поригорозни отколку кај нас.

Заробени заедно во Аликанте, нешто што не помислувале дека може да се случи, тие почнале да функционираат како петчлено семејство иако никој од нив не е во крвно сродство. А како и во секое семејство и во ова некој мора да биде главен во кујната и да подготвува ручек за сите.

И така, во случајов, одговорен за готвењето е токму Горазд кој секојдневно смислува што да им подготви на сопругата и на нивните цимери, или пак ги реализира нивните идеи.

Во меѓувреме, приготвувањето на храната и заедничкиот оброк, веројатно како и кај повеќето луѓе ширум светот во овој период на пандемија кога сме сите затворени дома, е настан на денот. Горазд вели дека ужива во тоа и дека ништо не му е тешко, дури ни да направи куп палачинки.

За разлика од ‘претходниот живот’ (како што на шега го нарекува животот пред короната), кога за него домашно приготвена супа била онаа од кеса, која нели, за разлика од инстант супите мора некоја минута и да се вари, сега, кога на масата во својот шпански карантин го става тенџерето со супа, тоа е навистина домашна пилешка супа со брокула, моркови и лути пиперчиња.

А менито е разновидно и по мерак на сите, кои за желбата на Горазд да им готви секој ден велат само едно: „Имало Господ!“

Им посакуваме здравје и доколку се најде начин да се вратат назад, среќен пат до дома.

Во меѓувреме тие снимаат видеа, а едно од нив за само неколку часа имаше речиси 200.000 прегледи. Видеото можете да го видите ТУКА.