Што да направите пред да му понудите плескавица од булгур, на љубител на хамбургери?

Кога на син ми првпат му спомнав булгур, а признавам, тоа и не беше толку одамна бидејќи кога тој беше мал и јас немав поим што е тоа, ги преврте очите и праша: А обична плескавица нема?

0
399

Не знам за вас, ама јас до пред неколку години немав слушнато за булгур. Мислам дека кај нас и го немаше. Пораснав со мајка чија преокупација беше здравата храна па р’теше никулци уште многу пред тоа да стане тренд, ама на менито немавме булгур.

Кога го открив и почнав да го спремам, а особено кога првпат решив да направам веге плескавици од булгур, син ми превртуваше со очи.

Е сега, ако ништо друго, барем знае што е тоа. Aко некогаш се обидете да просветлите некој докажан љубител на хамбургери со некоја плескавица од булгур, прво ќе треба да му објасните што е тоа и зошто е добро конечно да ја замени својата омилена месна плескавица со една ваква веге варијанта.

Се разбира, булгурот е особено популарен кај вегетаријанците, но не е лошо, поради високата нутритивна вредност, да се најде и во секојдневното мени на сите кои сакаат да бидат здрави.

Инаку, историјата за булгурот е многу долга, а процесот на добивање на булгур е стар повеќе од 4 илјади години и потекнува од земјите околу Медитеранот. Денеска најчесто се користи во турската, грчката и арапската национална кујна, но и во Европа, а особено во Индија.
Булгурот се користи пред се поради неговиот вкус, односно поради лесната и брзата употреба како и поради комбинациите кои можат да се направат со него. Но, тоа секако не е главната причина.

Булгурот важи за една од најздравите житарки, поточно, храна од жита направена од издробени, провриени зрна различни видови пченица, најчесто дурум.

Често кај нас луѓето го мешаат булгурот со бунгурот, дробената пченица, која за разлика од булгурот не се проварува.

Булгурот има многу витамини и минерали, како на пример, калциум, железо, магнезиум, цинк, тиамин, ниацин, рибофлавин, пантонска киселина, витамин B6. Поради ова им се препорачува на сите оние кои имаат брзо темпо на живеење, но и на децата, спортистите и постарите луѓе.
Консумирањето на булгурот придонесува за смалување на вкупниот холестерол, ЛДЛ холестерол, триглицеридите и нивото на инсулин со што се намалува ризикот од срцеви заболувања. Се препорачува на жени во менопауза, го подобрува варењето, а особено е полезен за оние кои внимаваат на линијата. Секојдневното конзумирање булгур во различни јадења, освен што ќе го чува вашето здравје и ќе ви помогне да имате рамен стомак.
Булгурот има одличен вкус и лесно се приготвува. Најдобро е да го следите упатството на кесичката бидејќи има повеќе типови на булгур кои можат да се купат кај нас. Во суштина се приготвува на ист начин -откако ќе се потопи во вода се остава додека зрното добро не омекне. Бидејќи е направен од веќе проварена пченица, не треба да се вари. Со него можете да направите вкусни јадења, како пилав, а може да биде и одлична замена за кус-кус. Се користи за супи, сосови, салати, а одлично оди во комбинација со месо, морски плодови, па дури и како појадок, во форма на каша со овошје.

Фото: Pixabay