Што е поздраво – ореви или бадеми?

И оревите и бадемите се омилени јаткасти плодови, многу се хранливи и богати со витамини, минерали и масти здрави за срцето. Сепак, можеби некогаш сте се запрашале - кој од нив се поздрави? Пронајдете го одговорот во оваа статија.

0
398

И оревите и бадемите имаат сличен нутритивен профил, и едните и другите се добар извор на калциум и калиум, кои имаат корисен ефект врз регулирањето на крвниот притисок. Сепак, бадемите се побогати со минерали, особено со магнезиум. Меѓутоа, оревите имаат предност кога станува збор за омега 3 масни киселини, особено алфа линолна киселина (АЛА) од сите јаткасти плодови, а оревите ја содржат најмногу. Истражувањата покажуваат дека алфа линолната киселина ги намалува воспаленијата и придонесува за здравјето на срцето и мозокот. И оревите и бадемите се смета дека придонесуваат за регулирање на телесната тежина, регулирање на нивото на шеќер во крвта, како и за здравјето на срцето и мозокот. Па сепак, во едни работи предност имаат оревите, а во други – бадемите.

Бадеми за слабеење

Јаткастите плодови се богати со масти и калорични, но кога се консумираат во умерени количини, тие можат да помогнат во губење на вишокот килограми, а истражувањата покажуваат дека ова особено важи за бадемите. Имено, истражувањето покажало дека луѓето кои ги вклучуваат бадемите во исхраната, губат повеќе килограми, особено маснотиите околу половината – т.е. стомачното сало. Инаку, салото околу половината е поврзано со зголемен ризик од метаболен синдром, дијабетес тип 2 и срцеви заболувања.

Пред се, истражувачите веруваат дека бадемите, кои се богати со масти, протеини и растителни влакна, даваат чувство на ситост, т.е. го намалуваат чувството на глад. И, одлично е што калориите од бадемите не можат целосно да се апсорбираат, бидејќи клеточните sидови на плодовите од бадемите го попречуваат ослободувањето на масти, што секако е добро за слабеење. Покрај тоа, бадемите се богати со незаситени масти кои оксидираат побрзо, што особено придонесува за намалување на маснотиите околу половината.
Сепак, се чини дека ниту оревите не се лоши во однос на влијанието врз слабеењето. На пример, едно истражување спроведено на 293 лица открило дека групата која секој ден вклучувала 30 грама ореви во својата исхрана изгубила поголема тежина. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се потврди овој ефект на оревите.

И бадемите и оревите се одлични за кето диета

И бадемите и оревите се одлични за кето диета. Кето диетата е диета со која се ограничува внесувањето на јаглехидрати на 25-30 г на ден, додека 65-95% од калориите се добиваат од масти, а 10-35% од калориите од протеини. И оревите и бадемите се богати со здрави масти и протеини, па затоа се идеални за ваков вид диети. Во исто време, бадемите имаат повеќе растителни влакна, додека оревите содржат помалку јаглехидрати од бадемите.

И оревите и бадемите се одлични за здравјето на срцето

Повеќе истражувања покажале дека и оревите и бадемите можат да помогнат во намалување на факторите на ризик за срцеви заболувања. Оревите, на пример, содржат голема количина на алфа линолна киселина, полифеноли и фитостероли, а сите овие компоненти придонесуваат за намалување на вкупниот холестерол, како и на ЛДЛ („лошиот“) холестерол, а исто така придонесуваат за намалување на крвниот притисок (алфа линолната киселина придонесува за проширување на крвните садови), додека полифенолите го намалуваат воспалението во крвните садови).
Бадемите, пак, се богати со антиоксиданти како флавоноиди и витамин Е, како и незаситени масни киселини, кои помагаат во намалувањето на триглицеридите, вкупниот холестерол и „лошиот“ (ЛДЛ) холестерол во крвта, а со тоа се намалува и ризикот од срцеви заболувања.

Оревите се подобри за здравјето на мозокот

Кога станува збор за здравјето на мозокот, оревите се најдобриот избор. Како прво, алфа линолната киселина што ја содржат помага да се намали оштетувањето на мозокот како резултат на воспаление и оксидативен стрес, чија акумулација на крајот доведува до пад на функцијата на мозокот поврзана со стареењето. На пример, едно проучување на возрасни лица на возраст од 20 до 59 години покажало дека кај лицата кои конзумирале повеќе јаткасти плодови реакцијата била побрза, а нивната меморија подобра. Некои истражувања на животни, исто така, покажале дека оревите можат да ја подобрат меморијата. Сепак, истражувањето не го утврдиле истото и за бадемите.

Бадемите се подобри за регулирање на шеќерот во крвта

Кај луѓето кои страдаат од дијабетес или се склони кон него, одржувањето на нормалното ниво на шеќер во крвта е од суштинско значење, а бадемите тука имаат примат. Истражувањата покажуваат дека хранливите материи во бадемите (масти, протеини и растителни влакна) се така комбинирани што можат да ја забават апсорпцијата на шеќерот во органите за варење и со тоа да го намалат гликемискиот индекс на оброкот. Покрај тоа, флавоноидите содржани во бадемите ја инхибираат амилазата, ензим кој го забрзува претворањето на скроб во глукоза, што исто така придонесува за контрола на нивото на шеќер во крвта. Што се однесува до оревите, иако нивниот хранлив состав е сличен, истражувањето не утврдило дека оревите делуваат на нивото на шеќер во крвта на ист начин како и бадемите.

Можни несакани ефекти

Иако и оревите и бадемите се исклучително здрави, треба да се земат предвид три работи. Прво, и оревите и бадемите се исклучително калорични, па затоа не треба да претерувате со количините – нутриционистите препорачуваат 30 грама на ден.

Второ, има луѓе кои се алергични на јаткасти плодови, вклучувајќи бадеми и ореви – се разбира, тие треба да ги избегнуваат. Сепак, треба да се каже дека алергијата на бадеми е многу ретка, додека кај оревите е само малку почеста .

Трето, и оревите и бадемите содржат одредена количина на фитинска киселина, за која е познато дека ја попречува апсорпцијата на одредени хранливи материи – најчесто железо, цинк, калциум, магнезиум и манган. Сепак, овој ефект е речиси занемарлив во рамките на целокупниот дневен внес на храна.

Фото: Pixabey