Што е поопасно, солта или шеќерот?

Најдобро е да се раководите од правилото дека сè е добро, само ако е умерено. Но, сепак....

0
165

Солта и шеќерот му се потребни на организмот, и не е добро ако претерате. Но, што е поопасно, солта или шеќерот?
На мозокот му треба шеќер за енергија, а на мускулите, на пример, им е потребна сол за контракции, такашто е сосема јасно дека ни требаат и сол и шеќер. Но, тие исто така можат да предизвикаат здравствени проблеми доколку се внесат во поголеми количини.

И, што од двете е поопасно – сол или шеќер?

Шеќер

Природниот шеќер, како оној што се наоѓа во овошјето, генерално не е опасен за здравјето, но проблемот е во рафинираниот и додаден шеќер.

Млекото и природните овошни сокови содржат природни шеќери и калории, но исто така имаат и хранливи материи, витамини, минерали, протеини (млеко) и полифеноли (сок).

Од друга страна, засладените пијалоци како газираните сокови, имаат и шеќер и калории, и немаат хранливи состојки. Истото важи и за повеќето закуски кои не обезбедуваат ниту влакна, протеини, витамини, минерали … Не е изненадувачки што прекумерната потрошувачка на вакви производи може да доведе до дебелина и недостаток на хранливи материи.

Сите шеќери, без разлика како се нарекуваат – бел шеќер, фруктозен сируп, кафеав шеќер – имаат слични ефекти врз организмот, зголемувајќи го нивото на шеќер во крвта поттикнувајќи го производството на инсулин. Телото ослободува инсулин за да го исфрли шеќерот од крвта и клетките и за да го искористи како енергија.

Кога се внесува премногу шеќер, зголеменото производство на инсулин може да доведе до инсулинска резистенција, принудувајќи го телото да произведува повеќе инсулин, кој потоа се таложи како масти. Со текот на времето, инсулинската резистенција и зголемувањето на телесната тежина како резултат на вишокот шеќер може да доведат до развој на дијабетес тип 2.

Покрај тоа, потрошувачката на шеќер во големи количини, особено рафиниран, може да доведе до промени во телото и метаболизмот, како и до воспаленија, што може да биде вовед во разни хронични болести.

Сол

На човечкото тело му треба сол за да ги регулира течностите и да пренесува електрични импулси помеѓу клетките. Кај повеќето луѓе, умереното внесување сол лесно се обработува во организмот, но вишокот сол може да доведе до долгорочни здравствени компликации.

Генерално земено, не се препорачуваат повеќе од околу пет грама сол на ден, што е приближно една лажичка. Сепак, повеќето луѓе внесуваат повеќе од тоа.

Со години се верува дека вишокот сол има врска со задржувањето на течностите во организмот, но и со зголемување на крвниот притисок. Неконтролираниот крвен притисок може да доведе до големи здравствени проблеми, како инфаркт, но исто така и до проблеми со видот или бубрезите.

Проблемот е во тоа што најмногу сол добиваме од преработената храна, која содржи повеќе маснотии и повеќе калории и нуди помалку нутриенти отколку свежите намирници. Ова може да доведе до вишок на килограми, покрај проблемите со покачен крвен притисок.

Што е поопасно?

Па, ниту еден од нив не е опасен сам по себе, ако се зема во умерени количини, но ако се земе предвид сè, може да се каже дека шеќерот има поголем негативен ефект врз општото здравје. Исто така, солта е неопходна за телото да функционира нормално. Шеќерот не е.

Фото: Pixabay