Што можеме да направиме самите за да не се загушиме во сопственото ѓубре? (ВИДЕО)

За создавање на плодно земјиште потребни се стотина години, а за негова деградација, само неколку месеци. Земјиштето е необновлив ресурс кој треба да овозможи производство на храна, која ќе биде квалитетна и пред сè здрава.

0
218

За развиените земји не постои отпад. Тој се рециклира или пак се користи како енергенс. Веројатно секој од нас кој некогаш посетил некоја земја од европската унија прокоментирал: Каде живееме ние, како може тука да е толку чисто, а кај нас толку валкано? И да бидеме искрени, не се секогаш виновни само, како што знаеме да кажеме, државата, градските служби, институциите и слично, туку и ние, обичните граѓани.

Ако се прашувате што можеме ние да направиме, тогаш можеби треба да размислите и да почнете да компостирате и да го селектирате своето ѓубре.

Конечно, не многу далеку од нас го имаме и најдобриот пример како сето тоа треба да функционира.

Словенија не е толку далеку од нас, но е со светлосни години пред нас во поглед на чистотата. Со 60% од територијата покриена со шуми, Словенија доби меѓународно признание за екологија и одржливост. Оваа држава доби најмногу поени во сите категории и со тоа ја заслужи ласкавата титула.

Утврдено е дека Словенија исполнува 96 од 100 индикатори за одржливост, а меѓу задоволените индикатори се грижата за животната средина и климатските промени, биодиверзитетот, културната автентичност.

Инаку, во 2016 година, Љубљана ја понесе титулата за најзелен град во Европа. Со рециклирање на отпадот, таа е на трето место на листата од 10 земји на ОЕЦД со најмногу рециклиран отпад, со воведување на јавни велосипеди, автобуси што користат природен гас и забрана за возење на автомобили во центрите на поголемите градови, успеа да ја намали емисијата на штетни гасови.

Според податоците, во Словенија има 20.000 видови животни и растенија кои непречено живеат во 40 национални паркови и резервати.

Наместо да седиме со „скрстени раце“ и да очекуваме некој друг да ни го реши проблемот, време е и сами да направиме нешто, пред сè, да го исчистиме ѓубрето од сопствениот двор.

Првиот чекор е селектирањето на отпадот и, се разбира, компостирањето.

Секој од нас може да компостира. Пробајте да компостирате следејќи ги советите што ќе ги прочитате ТУКА.

Она што треба да го направиме е да ги смениме нашите стари лоши навики во однос на третманот на отпадот и однесувањето со животната средина.

Кај нас, се произведуваат огромни количини земјоделски производи, па пропорционално на тоа се создаваат и големи количини органски отпад.

Заради стихијното, непланирано и недоговорено производство, речиси секоја сезона имаме хиперпродукција, односно вишок на производи кои остануваат без пласман или, пак, земјоделските производители, незадоволни од откупните цени, едноставно ги фрлаат и се откажуваат од нивната продажба и тие на крајот завршуваат како отпад заедно со останатиот, најчесто, на непрописни места за одложување отпад, на излезите од населените места, покрај патиштата, или во речните корита и во каналите. На тој начин не само што се создава грдна слика, туку се загадува и околината.

Токму компостирањето е она што може да се направи со овој вид на отпад, додека отпадот од неорганско потекло може повторно да се употреби во процесот на производството, со негово селективно собирање и рециклирање, односно со негова повторна употреба во процесот на производството. Но кај нас не се прави соодветно ниту едното, ниту другото.

Органскиот отпад е подложен на брзо гниење, односно скапување, при што се шири непријатна миризба и притоа се ослободуваат штетни материи кои ја загадуваат околината (воздухот и почвата).

Доколку овој отпад селективно се собере во свежа состојба, се иситни и се измеша со суви лисја и градинарска земја, тогаш не се случуваат тие штетни последици, туку се добива нешто корисно –  органски компост.

Се разбира, овој процес познат како компостирање треба да се одвива во компостери, а компостната смеса е потребно редовно да се меша, еднаш неделно, во рок од 4 до 5 месеци.

На крајот се добива квалитетен органски компост, кој може да се користи во земјоделското производство, или во сопствената градина при производството на органска храна.

Производството на органски компост се темели на она што секојдневно и постојано се случува во природата без вклучување на човечкиот фактор. Кога органските материи се во чиста природна состојба и не доаѓа до мешање со неоргански отпад, нема потреба од селективно собирање, а сите тие природни услови нудат и сè друго што е потребно за создавање на квалитетен хумус, пред сè земја, влага и доволно кислород.

Но, во урбани услови најчесто се случуваат спротивни процеси. Органскиот отпад од домаќинствата, зелените пазари, се депонира во контејнерите со другиот смет и заедно со него завршува на легалните или, пак, во најлош случај, на дивите депонии.

Во рурални услови овој органски отпад (непродадените количества зеленчук и овошје, како и биомасата која останува по полињата) најчесто завршува покрај речните корита, до патиштата, меѓу нивите или, пак, на некои други диви депонии. На тој начин, не само што неповратно се губи огромно количество органска материја, туку доаѓа и до опасна деградација на земјиштето на кое се депонира тој отпад. Еден од главните предуслови за органско производство е постоење на здраво земјиште. За создавање на плодно земјиште потребни се стотина години, а за негова деградација, само неколку месеци. Земјиштето е необновлив ресурс кој треба да овозможи производство на храна, која ќе биде квалитетна и пред сè здрава.

Грижата за земјата, меѓудругото, подразбира и нејзино третирање со органски компост, наместо со вештачки ѓубрива. Токму затоа е потребно да се обезбеди како во урбани, така и во рурални услови, кружно движење на органската материја, односно да се овозможи повторно враќање на органскиот отпад во земјата во вид на органско ѓубриво, познато под името компост. За да се успее во тоа потребен е човечки ангажман. Потребно е да се реализира процесот на компостирање, кој во такви услови не го врши природата, туку човекот. Неопходни услови за извршување на овој процес е претходно селективно собирање на отпад и негова дистрибуција до компостерите во кои ќе се измеша со градинарска земја и суви лисја за да се создаде компостна смеса. Со методот на компостирање, органскиот отпад се отстранува од депониите и од некои други несоодветни места, и тоа на безбеден начин за животната средина и корисен за производството. Добиениот компост претставува важен извор на хранливи органски материи кои можат да се употребат во органското производство. Производителите кои користат компост имале можност да се уверат дека нивните производи по вкус и арома се многу подобри од оние кои се одгледувани со вештачки ѓубрива, а експертите тврдат дека и хранливата вредност им е поголема.

Фото: Unsplash