Што јадевме пред овесните снегулки?

Па секако, пржени лебчиња. Кога ќе се сетам, има неколку комбинации кои често ги јадевме порано - а на кои денес, трудејќи се да се храниме здраво, речиси заборавивме...Е нема смуди од пржени лебчиња

0
719

Деновиве зборуваме со пријателките и едната ѝ вели на другата: се сеќавам дека сестра ти кога бевме основно, на одморите ми покажуваше математика, а секој ден си носеше од дома сендвич со маргарин и сирење. Да, навистина беше така, вели помалава сестра. А другата пријателка се надоврзува, вели, една моја другарка постојано јадеше сендвич со краставица и мајонез, омилен ѝ беше.

Сабајлево кога посегнав по овесните снегулки, застанав и се запрашав: што јадев јас порано? Па да, мнгу сакав пржени лебчиња претходно потопени во смеса од јајца и млеко и неколку зрнца сол. Секогаш ги јадев во комбинација со шолја какао. Прво со сирење, а потоа, секогаш оставав за крај барем едно кое го јадев со мармалад од шипки, сливи или кајсии. Само првиот го купувавме, од сливи и од кајсии се правеше секоја година.

Втора омилена комбинација ми беа варени јајца, диња и домашното слатко од вишни на мајка ми. Ова последново беше малку чудна комбинација, ама многу ја сакав, особено кога јајцата беа меко варени.

Како и да е, испржив лепчиња, наместо какао, направив кафе, а наместо на обичен зејтин, ги испржив на маслиново масло помас. Макар што и не е толку важно, ако немате, испржете ги на обичен зејтин. Секако се вкусни.

Кој беше вашиот омилен појадок порано, а што јадете денес?