Јасмина Котевска: фармер и историчар на уметност

„Работата ме исполнува, сè додека срцето е полно, животот има смисла. Ништо не лесно, но таа тежина е токму оној елемент кој го прави човекот-човек“, порачува нашата соговорничка чија моментална вокација, покрај професијата историчар на уметност, е и одгледувањето на овци. Дел од нејзиниот живот можете да искусите преку платформата genuinexperiences.com

0
705

Додека порано родителите велеа, учи за да не бидеш овчар, колку и да е тоа кај нас сè уште потценета професија и воопшто начин на живот, се чини како сè повеќе луѓе да преминуваат на онаа другата страна која, напротив, мисли дека токму животот на село, во планина и воопшто, животот на земјата и во близок контакт со земјата и со животните, е живот вреден за живеење.

Се разбира, најмалку го сакаат оние кои цел живот го поминале на село, па едвај чекаат да се вгнездат во некоја државна институција каде што наместо да го прават сето она што еден човек најмногу го прави човек, стануваат дел од инвентарот, клатат врата и земаат плата. Оние другите пак, кои имале можност да бидат и малку тука, малку таму и онаму, тие можат сè. Можат да бидат и интелектуалци и уметници и земјоделци и овчари и покажуваат дека сето тоа ги прави само покомплексни, покомплетни и подобри луѓе.

Дури и ако само го изгледате видеото направено од визуелниот уметник Стефан Шашков (под текстот), кое го отсликува секојдневјето на нашата соговорничка Јасмина Котевска во демирхисарското село Суводол или ако само ги погледнете фотографиите од истото тоа секојдневје, ќе ве привлечат овие рурални универзуми во кои има нешто што е неизвалкано со цивилизациските нуспродукти. Ливадите, воздухот, животните и луѓето, сето тоа се состојки на една инспиративна слика која, верувам, ќе привлече многумина, барем во дел од времето да го почувствуваат тој живот, поинаков од сè што може да се доживее во градот.

Како дел од платформата genuinexperiences.com, Јасмина ќе се обиде да придонесе за развој на еден вид авантуристички туризам во кој се вклучени и нејзините пријатели, овците со кои нејзиното семејство традиционално се занимава со генерации. Ќе ви понуди можност да пасете овци, да ги нахраните јагненцата, да дегустирате органско сирење и месо, а можете и да спиете во плевна и да уживате во мирисот на свежо покосено сено! Сето тоа во една незагадена атмосфера која ќе ви го обезбеди надворешниот мир и ќе ве инспирира да си го најдете и внатрешниот, или барем ќе ви го отвори умот и ќе ви ги прошири видиците.

А секако, бидејќи Центарот за креативни индустрии – НЕБО, чиј основач е Јасмина, е на истата адреса, можат да ви приредат и по некоја изложба. И бидете сигурни дека изборот ќе биде одличен бидејќи нашата соговорничка по професија е магистер по историја на уметност, чија моментална вокација, покрај професијата, е одгледувањето на овци. Да, чудна комбинација, од аспект на некој кој размислува како што го учеле родителите од почетокот на текстот, но и не толку чудна од аспект на сите оние со отворен ум за различни искуства.

„Родена сум и израсната во Суводол, село во демирхисарскиот регион, кое според својата централна поставеност, опшиено со планини од сите страни има најголем број на сончеви денови во годината и претставува погодна почва каде јас во овие моменти од животот можам да го пронајдам својот мир, спокој и љубов. Земајќи предвид дека студирав во Скопје, имав можност да го доживеам градот и сите можности кои тој ги нуди, но истовремено и да престојувам во Швајцарија и Малта, пред конечно да се вгнездам во своето родно село. Искуствата стекнати во овие две земји беа исклучително важни во формирањето на моите гледишта на животот.

После Малта која очигледно беше премногу конзервативна средина за моите погледи, се вратив во Македонија и ги започнав своите постдипломски студии на Институтот за историја на уметност, на насока-современа уметност. Во овој период во мене се водеа битки на што конкретно да го насочам моето истражување, па престојот во Базел кој во тој период се случи и откривањето на историјата на апсинтот, одиграа клучна улога во формирањето на моето научно истражување, кое воедно беше продолжение на мојот долгогодишен интерес, а тоа се мистицизмот, психоактивните супстанции и изменетите состојби на свест. Така се формираше и мојата магистерска теза насловена „Психоактивните супстанции како мотиви и инспирација во светската ликовна уметност од периодот на 19 и почетокот на 20 век“.

Минатата година 2020, трудот беше адаптиран во книга и беше публикуван како „Уметноста и дрогата: Стимулирана имагинација“.

Во 2014. година заради семеен здравствен проблем, животот ми зададе нов предизвик – перманентно да останам во своето родно село и да започнам да го изучувам фармерството. Иако одгледувањето овци е моја семејна традиција од чукундедо па до денес и не беше непозната територија за мене, сепак новонастанатата работа беше силен предизвик на самиот почеток.

Сите овци претходно ми изгледаа исто, животни како животни, јас си бев вљубена во мачки и кучиња и нив воопшто и не ги перцепирав. Па така започнав постепено да ги запознавам овците, да ја согледувам нивната индивидуалност, било физиономска или карактерна. Така постепено работејќи секојдневно на фарма со овците и јагнињата, во мене се роди љубов во најисконска форма, која пополека се прошируваше кон сите останати живи битија. Оттука спонтано ми се смени погледот на восприемање на светот, на суштината на животот, бидејќи ја осознав љубовта. Денес се гушкаме со овците и јагнињата, па јас знам да ги задевам како што тоа знаеме да го правиме со оние кои ги љубиме, не велам сакаме, туку љубиме, оти сакањето е кога нешто сакаш, а тоа е минливо и претставува желба, но кога љубиме, ние сме деца, целосно се предаваме во играта на невината палавост.

Па така секојдневно може да ме чуете како си разговарам со овците“, раскажува Јасмина за својот живот и за тоа како патот на судбината, повторно ја довел назад, во родното село од каде што и започнал.

„Мојата главна должност во фармата е одгледување на јагнињата и грижа за нивната благосостојба, додека пак татко ми е задолжен за пасење на овците, а пак мајка ми, за сирењето и за одржувањето на куќата. Многу малку произведуваме сирење, бидејќи сме ориентирани кон производство на јагнешко месо. Па место да ги молзиме овците, ние имаме двапати годишно јагниња.

Е сега, тука лежи и мојата голема мака, а тоа е што знам дека после неколку месеци ќе мора да се продадат јагнињата и истите да завршат на нечија трпеза. Но таков е животот, си велам и се обидувам, додека се со мене да им овозможам сè најдобро од моја страна и храна и љубов, но не можам да ја сменам нивната судбина, како што не можам да ја сменам ни сопствената. Знам, многумина можеби ќе речат, како ги сакаш кога ги даваш на колење, но знаете, со самото раѓање природно доаѓа и умирањето, така да се надевам дека нивните души се соединиле со Севишниот. Инаку, уште пред да започнам да работам на фарма, јас веќе подолги години не јадев месо, а не јадам ни денес, но знам да зготвам за тие што ми се драги“, искрена е Јасмина.

Сите овие убавини кои го милуваат срцето, имаат и своја цена, а тоа подразбира одговорност, физичка активност и целосна посветеност.

„Да бидеш фармер е исто како да си мајка на многу деца, а јас во моментов сум мајка на сто овци и булуче јагниња. Треба навремено да ги испратиш овците на ливада, иако тоа не е моја одговорност, сепак треба да си присутен, па на јагненцата да им дадеш храна и вода во точно одредено време, па да им изметеш, да го исчистиш гнојот од плевната, да собереш храна за зимата, сето тоа бара време и посветеност и добра физичка спремност.

Во лето, кога е плус 40 треба да се собира сено, додека пак во зима кога сите се топлат покрај своите огништа ние треба да работиме на фармата. Мене лично секогаш ме интересираат работи кои бараат физичка активност, тоа ме исполнува и не му остава време на умот и мрзата да си креираат имагинарни приказни. Можам да кажам дека откако ја работам фармерската работа, јас немам време да бидам болна. Претходно, особено во зимските денови сè нешто ми беше и многу болести проболедував со мисла. Така што, им препорачувам на сите да пронајдат физичка активност, оти навистина е лек и за депресијата и за психосоматските болести“, вели таа.

А за овците и јагнињата, може да раскажува со часови.

„Честопати, речиси секоја вечер знам да клекнам во тремот каде што се затворени и одблиску да ги набљудувам. И така гледам изрази на нивните лица кои ги има и човекот, љубопитство, досада, уживање, но и болка. Се радувам кога сите се здрави и среќни, а искрено тешко, ама навистина тешко ми паѓа на душава, кога некоја овца, јагне, куче или маче е болно, а јас сум немоќна да помогнам.

Ги љубам сите мои пријатели, мачиња, кучиња, овци, јагниња, кози, крави, магариња, коњи, се радувам кога ластовиците ќе се вратат во своите седла, се радувам кога прелетува орле или соколче на небото, но и на гавраните посебно им се радувам. Им зборувам и на глувците и на змиите и на гуштерите, мувите, комарците, а ме знаат и сите селски кучиња.

Преку дружбата со животните воспоставив контакт со природата, вечерно време кога се враќам од плевна за дома, го гледам небото, некогаш знам да легнам среде пат и да уживам во ѕвездите. Додека пак понекогаш, кога ги причувувам овците, уживам во експресивниот селски пејзаж. Се радувам на маглите, се радувам на сонцето, а пак облаците ме потиштуваат, ама си велам – и во нив има убавина. Си велам, сè е така како што треба да биде! И му се заблагодарувам на Севишниот што ми ја подари сета оваа убавина. И како човек да не биде среќен кога наутро се буди и првиот поглед е планината, небото и сонцето, а дворот нема граници, дворот ми е до каде што дофаќа погледот. Па тука би го споменала Гурѓиев (руски филозоф, мистик, духовен учител и композитор со ерменско и грчко потекло), со неговата изјава која вели, ако сакате да практикувате љубов, тогаш најпрво започнете со животните“, порачува Јасмина.

Покрај работата на фарма, никогаш не згаснала и нејзината љубов кон уметноста. Во 2018. година, заедно со својот пријател и колега Стефан Шашков го формирале Здружението за промоција на култура, уметност, материјален и духовен развој ЦЕНТАР ЗА КРЕАТИВНИ ИНДУСТРИИ – НЕБО чија цел е поттикнување и развој на креативните индустрии (културната клима и уметничката практика). Продукција и промоција на македонското традиционално, културно и духовно наследство. Развој и одржливост на руралниот агро и екотуризам во регионот.

„Со НЕБО во 2018. година во соработка со општината Демир Хисар ја реализиравме националната манифестација Демир Хисар град на култура за 2018, која се состоеше од повеќе од триесет настани, а учество зедоа македонски еминентни уметници од полето на книжевното творештво, ликовната, музичката и театарската уметност. За време на оваа манифестација прикажавме изложба на дела настанати во психијатриската болница во Демир Хисар, а лично одржав предавање за аутсајдер уметност. Предавањето беше наменето за лица примени во истата болница. Тоа предавање беше клучен настан за нашата натамошна соработка со психијатриската болница, по што следеше работилница по аналогна фотографија, каде учество зедоа десет лица примени во болницата. Понатаму моите посети во болницата резултираа со формирање на искрени пријателства, како со терапевтите и вработените во центарот за рехабилитација, така и со дел од докторите, но најдраги ми беа и сè уште ми се, пријателствата стекнати со некои од лицата примени таму.

Во 2019. година, во рамки на повикот за Приказни за европско културно наследство, нашата приказна „Многу луѓе-многу погледи“, беше избрана за една од десетте најдобри приказни и беше финансиски поддржана од Советот на Европа и Европската комисија. Главните херои беа пет лица примени во психијатриската болница кои низ фотографија и цртежи беа споделувачите на македонското културно наследство лоцирано во градот Охрид. Драго ми е што приказната и моите драги пријатели беа презентирани пред сите европски национални координатори за културно наследство во седиштето на Советот на Европа во Стразбур. Нашата соработка со психијатриската болница продолжи и оваа година со работилницата по видеоарт и филмска уметност, а се надевам дека ќе трае и во иднина, бидејќи мене лично ми претставува огромна радост да работам со овие лица и би сакала преку нашите активности да иницираме зрак убавина во нивните животи, оти сите сме исти.

За крај би рекла дека е најубаво кога човекот го изодува животниот пат со полно срце, без разлика која работа ќе ја работи, без разлика како ќе изгледа пред воспоставените општествени норми, без разлика дали ветерот дува во градите или во плеќите, човек никогаш не треба да се откаже од себеси, но најпрво треба да се пронајде себеси во бесконечното мноштво. Работата како фармер и историчар на уметност ме исполнува, сè додека срцето е полно, животот има смисла. Ништо не лесно, но таа тежина е токму оној елемент кој го прави човекот-човек“, завршува Јасмина.

;