Љубов на прв залак: Малини и чоколадо

Мафини со малини и чоколадо како замена за роденденска торта. Единствениот проблем со нив е што не можете да им одолеете.

0
70

Нашата млада читателка Јана Ѓуровска, инаку бруцош на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, и тоа токму на отсекот за Прехранбена технологија, почнала сериозно да се интересира за храна, а ова е нејзиниот прв рецепт за нас – мафини со малини и чоколадо. Вели дека се направени со многу љубов за нејзиното момче Коста, како замена за роденденска торта.

Секоја комбинација со чоколадо е вкусна, а ако ѝ додадеме и некоја кисела нота, тоа е полн погодок кога ќе посакаме нешто слатко. Се разбира, за овие мафини не треба многу мака и време, па после неколку минути подготвување за смесата, се што треба да се направи е да се почека да се испечат. Вкусот е одличен, особено оваа комбинација на малини и чоколадо.

Состојки:

3 јајца

150 г шеќер

200 мл јогурт

4 лажици масло или стопен путер

1 лажица екстракт од ванила

Пола кесичка прашок за печиво

200 г брашно

100 г чоколадо (Јана ставила квалитетно чоколадо со кршени лешници)

Малини

Приготвување:

Се матат јајцата и шеќерот, па се додаваат јогурт, масло, ванила, потоа се додава полека брашното и на крај парченца искршено чоколадо.

Се ставаат во модли и во секоја се додаваат по 4 малини.

 

Се печат 20 минути во загреана рерна на 190 степени.