5 намирници за губење на масните наслаги на стомакот

Наполнете ја чинијата со овие вкусни, здрави и хранливи намирници, а патем ослободете се од тврдоглавите масни наслаги на стомакот.

0
371

Бројни студии покажуваат дека акумулацијата на маснотии во пределот на стомакот ги зголемува здравствените ризици. Ова особено се однесува на луѓето со вишок висцерални маснотии.

За разлика од поткожното масно ткиво, висцералната маст се наоѓа длабоко во абдоминалната празнина и ги опкружува внатрешните органи.
Поттикнува разни воспаленија кои се предизвикувачи на многу болести, како што се развој на дијабетес тип 2, висок крвен притисок, срцеви заболувања, одредени карциноми, па дури и намалено когнитивно функционирање со стареењето.

Важно е да се напомене дека прекумерната висцерална маснотија е исто така ризична и за луѓето кои не се со прекумерна тежина. Со други зборови, дури и ако индексот на телесна маса (БМИ) е во нормални граници, акумулацијата на висцерална маснотија може да го доведе во прашање вашето здравје.

Познато е дека хроничниот стрес и слабиот квалитет на спиењето ги зголемуваат висцералните маснотии, додека вежбањето и одредена храна можат да имаат значително влијание врз намалувањето на истите.

Една неодамнешна студија покажала дека едноставно подобрување на целокупниот квалитет на исхраната може да ја намали акумулацијата на маснотии во стомакот. Истражувачите посебно ги набљудувале луѓето кои следеле медитерански начин на исхрана која вклучувала шест главни состојки – зеленчук, овошје, цели зрна, мешунки, јаткасти плодови и риба.

Исто така, докажано е дека некои специфични намирници и хранливи материи помагаат во насока на губење на маснотиите во стомакот, а еве пет намирници кои нутриционистите сметаат дека дефинитивно треба да ги вклучите во вашето редовно мени:

Авокадо

Покрај влакна, авокадото како намирница е полно со антиоксиданти, витамини и минерали. Понатаму, содржи големи количини на калиум, минерал кој го поддржува срцето и помага во регулирање на крвниот притисок, дејствувајќи како природен диуретик, со што се отстранува вишокот на натриум и телесни течности.

Најновите истражувања покажуваат дека оваа вкусна намирница може да помогне во нападот на стомачните маснотии. Студијата е спроведена на 111 лице. Една група имала по едно свежо авокадо на менито секој ден. Додека втората група јадела ист број на калории како и првата, но без авокадо. Како заклучок, по тримесечно набљудување, групата што јадела авокадо секојдневно покажала напредок, односно намалување на висцералните маснотии на стомакот во споредба со другата група.

Дури и ако не го јадете секој ден, добро е да го вклучувате од време на време на вашето мени. Може да го послужите како намаз, со салата или да го додадете во вашето смути и да уживате во сите придобивки.

Јаткасти плодови

Јаткастите плодови, кои се главна состојка на медитеранската исхрана, покрај растителни протеини, антиоксиданти, влакна и широк спектар на витамини и минерали, содржат и здрави масти. Едно истражување наведува дека луѓето кои јаделе по неколку од овие плодови секојдневно имале помал БМИ и помал крвен притисок во споредба со луѓето кои не ги конзумирале. Ако не сте алергични на нив, можете да ги додадете во скоро секој оброк или ужина. За појадок можете да користите путер од ореви, да ги ставате во вашите смути или салати и да ги грицкате.

Леќа

Многу луѓе сметаат дека леќата е една од најдобрите намирници во светот. Покрај тоа што не содржи глутен, таа е достапна и еколошки прифатлива, може да се приготвува на различни начини и е неверојатно хранлива. Преполна е со растителни протеини, минерали, витамини и антиоксиданти. Можете да ја користите како замена за месо, како додаток на зеленчук, компири или тиквички. Можете да ја додадете во салата или да направите од неа едноставно кари или вариво.

Цели житарки

Истражување кое опфатило повеќе од 2.800 учесници во Framingham Heart Study открило дека внесувањето на цели зрна е поврзано со намалување на поткожното и висцералното масно ткиво во стомакот, додека рафинираните житарки, како бел леб, ориз и тестенини, ги зголемуваат маснотиите на стомакот. Затоа, наместо да избегнувате житарки, консумирајте умерени количини на цели зрна што се во согласност со вашите енергетски потреби. Добра опција за појадок е секогаш чаша овесна каша, киноа кога станува збор за салата за ручек и кафеав или див ориз за вечера.

Див лосос

Витаминот Д од див лосос е важен за голем број функции на човечкото тело, вклучувајќи имунитет, регулација на густината на коските и менталното здравје. Студиите исто така покажуваат дека ниското ниво на витамин Д во крвта е поврзано со зголемување на вкупните телесни масти и висцералните масти кај жените. Малку се намирниците кои се значаен извор на витамин Д, а една од најдобрите намирници е секако дивиот лосос. Но, ако не ви се допаѓа или не јадете риба, барајте храна која е збогатена со витамин Д, како што е млекото, или размислете за суплементи.

Фото: Pixabay