Арткујна специјално од Торино: Сите кујни на светот под еден покрив (ГАЛЕРИЈА)

Пет илјади делегати од сите страни на светот, вклучувајќи ја и Македонија стасаа во Торино кадешто денеска почна најголемиот саем за храна „Тера Мадре“ во организација на Слоу фуд.

0
307

Специјално од Торино, фотографии и текст: Драгица Христова

Делегации од 160 земји од светот, сите убави, среќни и насмеани, од денеска, па во следните 4 денови, се под ист покрив, распослани секој со своите производи карактеристични за својот регион и култура, сите горди на своите. Меѓу нив и претставниците од Македонија.

Над сите очекувања на некој кој е првпат на овој светски гала настан, Тера мадре 2018, најголемиот саем на храна на светот во Торино, иако сѐ уште не со полна пареа, полека се забревтува и веќе создава чувство дека нема да се стаса да се види сѐ.

А под сѐ, подразбираме навистина сѐ што можете, но многу повеќе сѐ што не можете да си замислите дека постои на светов кога станува збор за храна.

Делегациите од 160 земји во светот се толку живописни заедно со своите локални производи кои полека ги редат на своите штандови, што едноставно фасцинираат и ве оставаат со подоотворена уста. Африка, Азија, Европа, различни континенти, различни држави, различни раси и разни луѓе и производи. Секој со своите специфични производи карактеристични за својот регион и култура, сите горди на своите и сите убави, среќни и насмеани со полна уста вкусови, полн нос мириси, а најмногу од сѐ, полни очи со најразлични бои и облици. Најполни се очите затоа што дефинитивно, и покрај сета желба и љубопитност, едноставно немате доволно место во желудникот за да пробате од сѐ. Но пред нас и пред сите на овој прекрасен настан се полни четири дена па веројатно ќе можеме да пренесеме колку што може повеќе од сето она што ќе го видиме и вкусиме.

Се разбира, тука е и делегацијата од Македонија која ќе се претстави со неколку конвивиуми, а нашите производители и претставниците од Слоу фуд Македонија на чело со нејзиниот претседател Николче Николовски ќе бидат дел и од неколку форуми на кои ќе зборуваат за македонските автентични производи.

Во овој лавиринт од штандови, во огромниот простор на Лингото саемот и буквално можете да се изгубите одејќи од штанд до штанд, а сето она што го пробувате, ве фрла од еден на друг крај од светот. Најголем простор на саемот, цела една сала е секако наменета за домаќините кои кога станува збор за тврдите сирења, пршутот, тестенините и можеби најубавиот леб на светот, и покрај многу поегзотичните производи на останатите штандови, не ве оставаат рамнодушни, и секако не дозволуваат оттаму да си заминете гладни.