Бесплатен оброк за деца без родители и за сите на кои им е потребен

Гостиварската пицерија „Дипломат“ ќе ги храни сиромашните во текот на 2-3 месеци, а и потоа, но се надева дека и другите ќе го следат нивниот пример како треба да се помогне

0
1079

„Драги наши сограѓани, бидејќи сме навикнати на социјалниве мрежи само да споделуваме…Ние денеска одлучивме на сите деца без родители и сите што имаат потреба од храна, да дојдат кај нас слободно на оброк. Ќе ни биде огромна чест и задоволство. Со почит. Пицерија Дипломат“.

Ова е објавата која поттикна многу коментари на Фејсбук, но целта на сопственикот на пицеријата „Дипломат“, гостиварчанецот Леон Петрески, не е да се пофалат и да ги поттикнат другите да ги фалат за тоа што го направиле, туку да им се придружат и другите кои можат да им помогнат на оние на кои им е тоа најпотребно.

„Кај нашиот народ секој си мисли само за себе, само споделуваат, а никој не сака навистина да им помогне на тие на кои им е тоа потребно. За мене ова беше инспирација, а не да предизвикам пофалби на моја сметка.

Впрочем, јас не сум сам и не помагам првпат, но овојпат го направив тоа јавно, повторно ќе кажам, само за да ги поттикнам и останатите.

Во Гостивар има една населба позната како фазанерија или циглана и позната е токму по тоа што поголемиот дел од жителите таму живеат во сиромаштија. Сакам да им помогнеме ним, но и да помогнат сите во своите градови, кој колку може.

Ние ќе издржиме и ќе делиме бесплатни оброци на секој што ќе дојде да побара. Вчера имавме 17 луѓе, а колку ќе има понатаму, незнам, но ќе издржиме“, вели Леон.

Тој вели дека нему најголема инспирација му бил неговиот хуман другар Златко Радически, а во оваа дружина која помага колку што може, се и неговите пријатели Боге Јовански и Ацко Премчески.

Инаку, пицеријата „Дипломат“ постои од 2002. година и ја отвориле родителите на Леон, па сега е таа семејна пицерија во која сите помагаат, и сопругата Ирена и десетгодишниот син Кирил.

„Пред две години пицеријата ни беше затворена и добивме парична казна од 5 илјади евра. Отприлика во тој период почнав да одам поредовно во манастирот Свети Јован Бигорски и малку по малку почнав да размислувам поинаку и сфатив дека не е сѐ во парите, дека остануваат само добрите дела што ќе ги направите, а јас сакам да ме памтат по добрите дела и како добар човек.

Денеска, цела екипа од пицеријата, десетина луѓе, ќе направиме 150 пици за манастирот Бигорски и за Рајчица, пред почнувањето на Божикните пости.

Што се однесува до нашите гости кои ќе можат бесплатно да се хранат кај нас, иако објавивме една фотографија, решивме да не го правиме тоа повторно затоа што не сакаме тие што ќе бидат наши гости, да се срамат од тоа“, завршува Леон.