Брз и здрав појадок што можете да го јадете и на вашето работно место

Додека вие спиете, самиот се подготвува. Станете, додадете го омиленото овошје, малку мед или јаворов сируп, префрлете го во тегла, теглата во чанта и одете на работа.

0
1812

Семето од чиа e познато од времето на древните култури и претставувало значаен извор на енергија. Токму поради извонредните карактеристики на семето Маите го нарекле „Chia“ (Сила).
Ова семе е најбогатиот растителен извор на Омега-3 масни киселини ( дури 30%), Омега-6 масни киселини (10%), протеини и моќни антиоксиданси. Нутриционистите го нарекуваат „супер семе“ бидејќи, меѓудругото, е одличен извор на есенцијални минерали (фосфор, манган, калциум и цинк), a содржи и висок процент од диетални влакна.

Семето од чиа може најразлично да се комбинира, но можете да го јадете и само, во форма на пудинг од чиа. Освен што е здрав и вкусен, пудингот од чиа се подготвува сам, додека вие спиете.

Од вечер, во еден сад ставете пола чаша чиа семе и 2 чаши млеко (обично или млеко од соја, ориз, бадем,…). Кога ќе станете, вашиот чиа пудинг е готов.

Само додадете му нешто слатко (мед, јаворов сируп, домашно слатко од смокви,…), банана или некое друго овошје по ваш вкус, ставете го во стаклена тегла, затворете, и земете го со себе на работа.

Зошто е добро да се консумира?

Семето од Чиа содржи осум пати повеќе Омега-3 од лососот, 30 отсто повеќе антиоксиданти од капините, 25 отсто повеќе влакна од лененото семе, пет пати повеќе калциум од млекото.

Поради богатата нутритивна вредност, доколку го внесете во секојдневната исхраната ќе почувствувате зголемено ниво на енергија, подобро расположение и подобра концентрација. Истовремено, богатството од омега -3 масни киселини влијае на намалување на високиот крвен притисок и на холестеролот во крвта, позитивно влијае на одржувањето здрави коски. Имено, семето од чиа содржи висок процент на калциум (една лажица семе од чиа содржи исто количество на калциум како две чаши млеко).

Високиот процент на диетални влакна (растворливи и нерастворливи) во семето од чиа позитивно влијае при дигестија на храната, перисталтиката на цревата и го елиминира проблемот со опстипација.

Позитивно влијае во одржувањето здрава телесна тежина и витка фигура. Бавно се вари во организмот, што овозможува чувство на ситост подолго време и бавно ослободување на енергија. Ова ќе помогне да се спречи недостатокот на енергија што често се јавува при диетите.
Семето од чиа многу едноставно може да го внесете во вашето секојдневно мени како здрав додаток во напитоци, салати, тестенини, супи, десерти, мусли и останати комбинации. Нема да го промени вкусот на јадењето, туку само ќе ја подобри неговата нутритивна вредност.

Неколку начини на кои можете да го користите:

Измешајте мелено семе од чиа, лен, тиква, сончоглед или интегрален сусам во ливадски мед и консумирајте секое утро по една лажичка за енергија
Во оброк од мусли со млеко додадете семе од чиа да ја збогатите нутритивната вредност
Помешајте семе од чиа со путер и имајте поздрав намаз за утринскиот појадок
Помешајте го во јогурт
Додадете измелено семе од чиа во интегрално брашно и подгответе вкусно и здраво лепче
Направете палачинки со мелено семе од чиа, интегрално брашно, млеко и јајца
Додадете семе од чиа во изматени јајца , оставете ги да отстојат 10 мин и направете омлет
Додете семе од чиа во супа за да ја збогатите нутртивната вредност
Попрскајте семе од чиа врз салати или додадете го во сос за салата
Додадете го во веќе зготвено вариво или во веќе сварен интергален ориз
Додете семе од чиа во сосови за тестенини
Семето од чиа е одличен додаток во колачи
Измешајте семе од чиа во кремови за торти…
Употребете ја вашата имагинација и внесете го ова супер семе во вашите омилени јадења за повеќе здравје и енергија.