Дали и вам родителите ви велеле: учи, да не бидеш овчар?

Има уште една варијанта на оваа реченица која ни ја кажуваа родителите уште кога бевме во основно училиште (учи, за да не бидеш ѓубреџија), но ова со овчарите, дефинитивно ја постигнало целта. Имено, се жали Скендер Аме, претседател на здружението на сточари од општина Дебар и центар Жупа, денеска никој не сака да биде овчар, иако платата е 500 евра.

0
449

Скендер Аме е претседател на здружението на дебарските сточари и во неговото семејство, од прадедо му, дедо му, татко му, а сега и тој, сите се занимавале со сточарство. Аме е еден од најпознатите производители на овчо бело сирење, за кое вели дека е моментално најквалитетно на овој пазар, но и пошироко.

Имено, Италијанците, вели Аме, „се воодушевени од нашиот квалитет. Јас моето сирење го брендирав како дебарско сирење. Но тие бараат и квалитет и квантитет, а ние имаме квалитет, но немаме доволно сирење. Она што е проблем е што не сме добро организирани и како одгледувачи сѐ уште стагнираме.

Сточарството во Македонија тотално изумира, земајќи предвид дека пред 20-30 години имаше околу 2 милиони грла овци, а сега сме стигнати до 500-600 илјади. Ние сакаме некако барем да стагнираме и да не се намалува понатаму овој број, ако веќе не можеме да го зголемиме.

Во нашето здружение имавме околу 28 илјади грла овци, нашите членови сите се јаки сточари и сите имаат од 300-500 овци па нагоре, дури до 1000-1500, 2000 грла и иако добиваме субвенции од државата, сепак имаме преголеми трошоци, регистрирани сме, ги плаќаме сите даноци, плаќаме за вакцини за стадата, и кога ќе собереш сѐ, 50 отсто од субвенциите одат пак назад, за државата.

Од друга страна, цената на сирењето е ниска и не се менува. Килограм сирење ние продаваме за 250 денари.

А дебарското сирење е најдобро и најпрочуено, бидејќи е од овци кои пасат во чиста, незагадена средина, во Бистра, Кораб и Дешат, кадешто е сѐ чисто, без никакви пестициди. Не сме против козарството и против други земјоделски гранки, но сме за тоа да го зачуваме барем нашиот број, или да одиме барем докај 1 милион грла.

Но условите се тешки. Мандрата на Бистра е недостапна, нема услови, нема пат, со трактор едвај одам до таму, а произведувам околу 30 кг  сирење од глава годишно. Но од 50-тите години досега, патиштата сѐ уште не се направени. Овците се молзат рачно, не се наоѓаат работници бидејќи никој не сака да го работи тоа, а и тие што ги има се многу скапи, па добар овчар и молзар чини 500 евра месечно“, објаснува Аме.

Тој објаснува и дека иако интересот за ова сирење е големо и надвор од земјава, конкретно, во Италија, тие немаат услови за продажба во Европа.

„Имаме два вида мандри, пролетните и летните на Бистра и мандрата во Дебар кадешто овците поминуваат три месеци, во зима. Меѓутоа, иако мандрата во Дебар ги исполнува сите услови и е речиси по Хасап систем, сѐ е од росфрај, институциите сепак не ми дозволија да го регистрирам објектот за производство на традиционално бело овчо сирење, затоа што бил во населено место. Во Италија, сите традиционални производители на сирење, го прават во куќи, немаат такви услови какви што имам јас во Дебар, па немаат таков проблем. И цената на сирењето е навистина ниска, па кај мене се купува по цена од 250 денари за килограм“, вели Аме.

Тој прави само овчо сирење, затоа што кашкавалот бара многу млеко, многу работа и е многу скапо, а македонскиот пазар е мал и ретко кој може да дозволи да си купи овчи кашкавал.

Сето ова заедно, го загрозува производството на традиционална храна. Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традиционалното одгледување на животни.

Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу бизниси кои опстојуваат во оваа дејност.

Проблем е и наоѓањето на работници. Нашиот соговорник вели дека денеска никој не сака да биде овчар и да седи на планина, ниту за плата од 500 евра.

Скендер Аме е член на Слоу Фуд Македонија и веќе два пати досега бил дел од македонската делегација на Тера Мадре во Торино, како и на Тера Мадре Балкан. Како дел од оваа организација и секако, како производител, многу добро ја знае вредноста на традиционалните производи па затоа во секоја пригода порачува дека традиционалното треба да се зачува.

„Имаме одлични услови, чисти, незагадени пасишта во реканскиот крај. Затоа и производот е квалитетен, но мора да го зачуваме, како што тоа го направиле нашите предци“, вели Аме.

Фото: Pixabay