Дали погрешната храна и суплементите го намалуваат дејството на хемотерапијата?

Во научната литература има примери за токсични нуспојави како последица од интеракцијата на онколошката терапија и лесно достапните суплементи, но од друга страна, мудриот пристап кон овие додатоци може да има и корисни дејства. Во последно време на заболените им се советува внесување витамин Д, но и имуномодулаторни активни соединенија како што се куркумин и бета глукан.

0
253

За да им се помогне на онколошките пациенти за достаноста на точни и доверливи информации за исхраната, со оглед на тоа што пребарувајќи го интернетот, неретко доаѓаат до дезинформации, неодамна Хрватите ја активираа дигиталната платформа „nijeFRKA.hr“.

На кои намирници треба да им се даде предност, а кои треба да се избегнуваат, за кој додаток во исхраната би требало да се определат во морето на оние кои се нудат на пазарот, што помага за мачнините, која е најчеста појава која се јавува со хемотерапијата, како да се прилагоди исхраната на својата состојба, како да се препознае нутритивниот дефицит…Сето тоа се прашања за кои онколошките пациенти бараат одговори. Многу од нив доаѓаат од непроверени извори, што може да го загрози и самото лекување.

Во текот на претставувањето на проектот „nijeFRKA.hr“ изнесен е податокот дека дури 20 отсто од онколошките пациенти умираат како последица од несоодветната исхрана.

Заболените од малигни болести се во ризик од развој на состојби кои се нарекуваат туморска кахексија. Кахексија предизвикува туморот на тој начин што туморот произведува воспалителни цитокини – молекули кои предизвикуваат хиперметаболизам.

Со други зборови, кај заболените доаѓа до зголемено трошење енергија и губење на килограмите. Големиот губиток на телесна маса, а особено на мускулна маса, може да ги влоши нуспојавите од терапијата, па дури и да го оневозможи примањето оптимална онколошка терапија и така да резултира со лош резултат од лекувањето.

Клучно во текот на онколошкото лекување е да се води сметка за состојбата на кахексија и веднаш, пред да дојде кај заболениот до губење на килограми (во периодот на прекахексија), да се почне со примена на диететски мерки.

Заболените често страдаат од намален апетит, промена на вкусот, мачнини и повраќање. Исто така, можат да се јават и други симптоми како потешкотии при голтањето, сувост на устата, диареја, констипација.

Денеска постојат голем број истражувања кои укажуваат на поврзаноста на адекватната исхрана со превенцијата на малигните болести. Меѓутоа, ако заболиме од онколошка болест, исхраната повторно може да ни биде сојузник. Улогата на исхраната во терапијата на малигните болести е потпорна – може да ни помогне кај тегобите предизвикани од самата малигна болест, но и за тегобите кои ги предизвикува онколошката терапија.

При планирањето на исхраната потребен е индивидуален пристап во зависност од специфичните симптоми и потреби. Нема забранета храна, но се советува ограничување на внесот на процесирана храна, а им се дава предност на свежите, квалитетни намирници.

Исто така, оправдана е и претпазливоста со додадените шеќери, бидејќи е познато дека покаченото ниво на инсулин се поврзува со полоша прогноза на малигните болести. Многу пациенти земат суплементи на своја рака, но мора да се биде внимателен.

Сведоци сме на опишани случаи во научната литература за токсични нуспојави како последица од интеракцијата на онколошката терапија и лесно достапните вообичаени додатоци на исхраната како на пример оние на база на аронија. Од друга страна, мудриот пристап кон овие додатоци во исхраната можат да имаат и корисни дејства.

Мудрата нутритивна стратегија вклучува примена на висококалорични ентерални приправки, посебно оние кои содржат 2 г ЕПА масни киселини во дневна доза. ЕПА е омега-3 масна киселина која делува противвоспалително во организмот. Исто така, на заболените им се советува внесување витамин Д, особено ако неговата концентрација во крвта е ниска. Од корист може да биде и надополнувањето на другите витамини и минерали, електролити, но и имуномодулаторни активни соединенија како што се куркумин и бета глукан.

Фото: Pixabey