Децата на овој карвинг мајстор, јадат со мерак и брокула и карфиол и лубеница и тиква

Меди Ислам е 44.годишен готвач, сопруг и татко на три деца кои ги научил на здрава исхрана благодарение на својата умешност за карвинг, односно, резбање овошје и зеленчук. Изработува фантастични фигури и секојдневно им вдахнува живот на тиквите, лубениците, компирите, карфиолот и сѐ друго што ќе му дојде во рака

0
447

Четириесет и четиригодишниот шеф Меди Ислам веќе 22 години живее во големиот Истанбул кадешто дошол од родното село Канатларци, кај Прилеп. Женет е и има три деца, 16-годишен син и две ќеркички, една од 8, а другата од 1 ипол година.

Завршил средно училиште во Охрид, а за да стане готвач го инспирирал неговиот зет за сестра кој работел како готвач. Меди се нашол себеси во професијата, па почнал да готви уште додека бил во војска, во Ѓорче Петров, а потоа и во Генерал-штабот на македонската армија.

Кога заминал во Истанбул прво работел кетеринг кај зетот, а потоа, цели осум години бил шеф во истанбулската полиција кадешто готвеле за 30 илјади полицајци. Две години држел и свој ресторан, а денеска работи како шеф во компанијата „Форд“ и држи часови по карвинг (резбање зеленчук и овошје).

Самиот започнал да се занимава со резбањето храна пред пет години и толку многу го усовршил што има освоено и златен и сребрен медал на натпревари за карвинг, а извесно време предавал и во државно училиште во Истанбул.

На своите деца, кога е дома, им подготвува храна во најразлични облици и на тој начин ги научил да пробаат и да јадат сѐ, од честопати за децата омразените брокула и карфиол, кои им ги сервира во најразлични форми, откако претходно малку ќе ги свари во солена вода. Сепак, неговите деца најмногу ги сакаат компирите од кои тој им прави чипс во форма на букви, а тие со задоволство ги јадат.

Шеф Меди има освоено и медали на натпревари за готвење во Измир, Истанбул, Србија и Македонија, а последниве години на натпреварите е само во улога на судија. Тој беше дел и од жирито на годинешниот Гастромак во Струмица.