Денови на македонската традиција во Белград

0
410

Македонската традиционална храна и врвните вина на винаријата „Стоби“ минатиот месец беа единственото нешто што можеше да се најде на менито на елитниот ресторан „Ковач“ во Белград . Во овој ресторан од 8 до 22 мај се одржуваше манифестацијата „Денови на македонската традиција“ преку која се промовираа храната од земјава и најквалитетните вина од Македонија. Домаќин на оваа традиционална манифестација годинава беше винаријата „Стоби“ во соработка со познатиот белградски ресторан.

Манифестацијата „Денови на македонската традиција“ во Белград привлече бројни гости, љубители на македонските вина и храна. Голем број амбасадори, пејачи, актери, бизнисмени, политичари, книжевници, беа само дел од посетителите на ресторанот „Ковач“ кои уживаа во гастрономските специјалитети на познатиот македонски шеф Влатко Огненовски, кого винаријата „Стоби“ специјално го ангажираше за да го осмисли менито за целиот настан. На менито во ресторанот „Ковач“ минатиот месец најактуелни беа различни македонски деликатеси како пинџур, галичко сирење, питулици со праз, модерно тавче гравче, охридски сарми, зајак во сос од дојрански маслинки, кочански ориз со нане, модерна македонска салата, приготвени од Огненовски. Извонредната храна беше дополнета со врвните вина на „Стоби“, меѓу кои се и вината од ексклузивната линија Приватна резерва (Private Reserve) кои се закитија со највисоки признанија на повеќе натпревари низ светот.

Хедонистичкото патување низ македонската традиција почна на свеченото отворање на 8 мај, кога ВИП гостите освен во вкусната храна и премиум вината на „Стоби“ уживаа и во изворната музика во изведба на македонската група „Љубојна“. Манифестацијата свечено ја отвори амбасадорката на Македонија во Србија, Вера Јовановска – Типко, која нагласи дека ништо не го отсликува толку добро духот на Македонија како нејзините вина, храна и музика.