Гастрономски семинар во Војводина: Месо за појадок, ручек и вечера

Кога за појадок пред вас ќе наредат најразлични домашни чадени колбаси, сланина, пршут и шваргла, не чудете се ако по некој ден сонувате дека сте појадувале мусли со чварки

0
1490

Пред неколку дена тргнавме по патот на ракијата и виното, кон винаријата/дестилеријата Бенишек-Веселиновиќ во Сремски Карловци – Војводина, но уште веднаш, после првиот појадок во домот на нашите домаќини Мирко и Наташа, сфативме дека нашето патување и целата приказна ќе отидат во сосема друга насока.

И некако, откако влеговме во дворот и во секојдневјето на овие луѓе, па се до последниот ден, низ глава не престануваше да ни се врти онаа на Балашевиќ – Ал’ се некад добро јело:

…Место леба меса бела, принцес крофне – вангла цела,

сувих шљива и кољива и резанце с маком.

Е, кад се само сетим, ал’ се некад добро јело, баш…

…На подварку чурка, зна се. Гди је чурка, ту је прасе.

Онда торте, разне сорте и резанци с маком.

Еј, кад се само сетим, ал’ се некад добро јело, баш!

…Питамо их: !Људи, докле?!“, „Чекај“, кажу, „јоš шненокле,

и шуфнудле и гриз-штрудле и резанце с маком!“

Хеј, кад се само сетим, ал’ се некад добро јело, баш!

Чварки и шваргла
Домашни кокошки и мисирки

Затоа, дефинитивно, ако сте вегетаријанци, заобиколете ја цела Војводина затоа што таму, доколку не јадете месо, реакцијата е главно во стилот: Не јадеш месо?! А плескавици?!

Не дека и таму нема некои вакви „чудни“ луѓе кои не јадат месо, туку се тие навистина ретки. Дури и се запознавме со еден, кој ни го претставија токму така, како вистинска ретка ѕверка. Имено, таткото на нашиот домаќин Мирко Веселиновиќ, човек на возраст од околу 70 години, пред 15 години решил да го смени комплетниот начин на живот: не јаде месо и вежба јога, што во ова мало место е многу поневообичаено од што е начинот на живот на уште еден повозрасен човек кого го запознавме, стариот Швабо, кој живее на ракија, месо и многу работа во своето домаќинство.

Таква некако накусо е состојбата во ова мало убаво гратче во Војводина.

Но овојпат, наместо за тоа дека градот бил духовен, политички и културен центар на Србите во Хабзбуршката Монархија, едно од црковните средишта на српскиот народ. седиште на српските архијереи, на првата српска и до денес ценетата Карловачка гимназија отворена во 1791 година, а три години подоцна и на православна богословија, но и дом на големиот поет Бранко Радичевиќ, ќе се обидеме да ви ја претставиме состојбата во гастрономијата, да не речам, во „месономијата“ на овој град.

Шеф Мирко „служи“ појадок
Наташа во подрумот од винаријата

Значи, вака, нашите домаќини се сопственици на винаријата Бенишек-Веселиновиќ, прочуена по дегустациите на вино и ракија проследени со ретки традиционални специјалитети, но и на една од најстарите куќи во градот која сигурно, доколку можеше да зборува, ќе имаше да раскаже многу нешта.

Токму тука, во подрумот на 320 години старата куќа е сместена винаријата во која се случуваат и бројните дегустации на нивните ракии од слива, круша вилјамовка, кајсии, дуњи и јаболки, но и на убавите вина. Горе пак, во топлата и удобна реновирана куќа која е преполна со интересни детали кои ја откриваат нејзината старост, беше местото на кое јадевме најубави војводински специјалитети и уживавме во топлината на калиевата печка, но и на онаа однатре, од испиените, за проба и за „живели“, ракии и вина.

Домашни „култури“

Клучна работа е тоа што месо во војводинската кујна има речиси во сите оброци: свинско, говедско, пилешко, телешко… Кога ќе го отворите менито во некое од пријатните и удобни кафанчиња ќе видите дека понудата за љубителите на месо е многу широка па ќе ви биде тешко да се одлучите, но што и да нарачате ќе биде обилно и вкусно.

Младо кравјо сирење

Кајгана, домашно кисело млеко, швапско сирење, џигерљача и колбаси, кулен, сланина, шваргла,…ако судиме по појадокот, што ли не чека за ручек? – се прашувавме ние. И не чекаше. Подварок со свинско месо. Јарешко печење на свинска маст.

Тезга на пазар и познатата војводинска шваргла

Јарешко со свинска маст (пред печење)

Не е помалку вкусно и помалку обилно ниту во кафеанчињата во соседниот Нови Сад, кадешто едноставно не можеш а да не влезеш да пробаш некој од нивните специјалитети. Уште првиот избор е вистински погодок: пивницата „Гусан“.

А таму, за предјадење добивате препечено лепче со обилна порција домашен кајмак и пола шише црно вино. Се разбира, домашно.

А потоа следува свинска коленица со пекарски компир и старата добра виенска шницла.

Ако преживеете се, за десерт можете да земете само уште …шненокле…

Текст: Драгица Христова